1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога толпата царува: улична правда во Африка

Нека Луке/Н. Домазетовиќ28 јули 2016

Уличната правда е сè поприсутна во суб-сахарска Африка. Секој ден најмалку едно лице од овој регион се соочува со тортура, па дури и смрт од раце на сограѓани кои одлучиле да бидат судиии, порота и извршители на казната.

https://p.dw.com/p/1JWbz
Фотографија: Lulama Zenzile

Уличната правда е сè освен правда. Во тој вид на „владеење на толпата“ луѓето го земаат законот во свои раце и ги казнуваат оние кои се сомничат дека сториле некое грозоморно кривично дело. Со спроведување на „уличната правда“ доаѓа до зголемување на вон судските и незаконски убиства.

На жртвите на ваквата „правда“ им се одземаат основните човекови права кои се гарантирани во сите функционални системи на владеење на правото. Казната е варварска, а најчесто тоа е јавно палење или каменување на „злосторниците“.

Камерун и Нигерија имаат највисоки стапки на улична правда во Африка. Хаува Јусуф, криминолог од државниот универзитет Кадуна во Нигерија за ДВ изјави дека најголем дел од жртвите на уличната правда најчесто не се виновини за злосторствата за кои се обвинети.

Групите кои спроведуваат улична правда, осомничените ги прогласуваат за виновни врз основа на локалниот кодекс на однесување и морален стандард. Процесот на обвинување и спроведување на казната често се одвива многу брзо, а понекогаш локалната полиција само стои настрана и набљудува без да преземе ништо.

Граѓанската војна во Сиера Леоне која заврши во 2002 година траеше долги 11 години. Според Валнора Едвин кој е претседател на на невладината организација „Кампања за добро владееење“, уличната правда во Сиера Леоне била почеста веднаш по завршувањето на војната отколку сега. Но, „толпа на правдата“ се уште брзо се формира доколку има сомнеж за грабеж. „Кога крадците ќе бидат фатени, веднаш се соочуваат со улична правда“, вели тој.

Практикувањето на улична правда претставува сериозно нарушување на човековите права и има тенденција на зголемување во Африка. Фестус Окоје, активист за човекови права од Нигерија за ДВ изјави дека инертноста на судските системи во Африка била една од причините што луѓето решиле правдата да ја земат во свои раце. „Бавноста на правниот и судскиот систем ги прави луѓето нетпреливи, па затоа тие се вклучуваат во дејствија кои завршуваат со вонсудски убиства. Тоа е незаконско и ги повредува човековите права.“ Енок Чибвана, адвокат од Малави исто така забележува на „пропустите и слабостите на судскиот систем“ и смета дека токму тоа придонесува за ширењето на уличната правда.

Südafrika Selbstjustiz
Улична правда во Јужна АфрикаФотографија: picture-allianc/dpa/K. Ludbrook

Борбата против „уличната правда“

„Уличната правда“ не само што не придонесе да се намали степенот на криминал во Африка, туку неколкукратно го зголеми бројот на случаи на повреди на човековите права. „Потребна ни е соодветна едукација и освестување на луѓето за последиците од користењето на вонсудски мерки кога осомничените не се соочени со вистински суд на правдата“, вели Фестус Окоје.

Африканските институции мора да се борат со недовербата и негативниот впечаток кој го имаат кај граѓаните и да им покажат на луѓето дека тие се таму да ги решат нивните проблеми. „Дури тогаш може да видиме намалување на уличната правда“, смета Валнора Едвин.

Повеќето Африканци се надеваат на општество кое е фер и праведно, средина во која сите се сметаат за невини додека не се докаже спротивното. Државата мора да преземе дејствија да ја сопре уличната правда која досега одзема премногу невини животи.