1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога умните глави си одат

Клаус Даман/ Зоран Јордановски23 јуни 2012

Умните глави речиси секогаш ќе најдат работа - ако нема во татковината, или ако се таму слабо платени, тогаш се отселуваат. Идејата за циркуларна миграција треба да овозможи сиромашните земји да на трпат штети од тоа.

https://p.dw.com/p/15Jy2
Фотографија: picture-alliance/dpa

За земјите во развој голем проблем е отселувањето на висококвалификувани млади луѓе („брејндрејн“, одлив на мозоци). Светската банка проценува дека Африка, на пример, на тој начин останува без околу 23 илјади факултетски образовани лица годишно. Канадски истражувачи пресметаа дека само со отселувањето на лекари земјите јужно од Сахара прават минус од околу две милијарди долари годишно, што претходно ги имаа вложено во нивното школување.

Сметката не е сосем точна, оти дел од парите што тие мигранти ги заработуваат во странство, се враќа назад во матичните земји преку нивната помош за семејствата и пријателите. Станува збор за голема вкупна сума, според проценките, двојно поголема отколку развојната помош на сите индустриски земји заедно.

„Циркуларна миграција“ - но како?

Освен тоа, дел од висококвалификуваните мигранти по неколку години се враќаат назад, за да работат во татковината или таму да ги инвестираат парите што ги заработиле во странство. Тоа се нарекува „циркуларна миграција“. А токму врз тоа се потпираат модерните антибрејндрејн- стратегии. Штефан Ангенент од фондацијата „Наука и политика“е еден од оние, кои изработуваат такви стратегии. Од пред неколку години тој набљудува тренд дека се’ помалку мигранти трајно се отселуваат, туку по одредено време се враќаат дома или во редовни растојанија патуваат од татковината кон Германија и назад. Ова се должи на подобрените можности за преселби, поефтините патувања. Луѓето се поврзуваат меѓу себе, а имањето познаници во земјата во која се оди, го олеснува преселувањете на одредено време, забележува Ангенент.

Deutschland Arbeit Laboratorium
Фотографија: Fotolia/Alexander Raths

Но, правилата за доселување во Германија и во другите земји се многу строги и за висококвалификуваните. Ангенент се залага за поголема подршка за мигрантите што сакаат да се врата дома - подобро советување и подобри програми за помош, за тие да можат во татковината да си обезбедат егзистенција.

Ефект на „тројна добивка“

Цел на циркуларната миграција постојано е постигнување „тројна добивка“, вели Гунила Финке, раководител на експертскиот совет на германските фондации за интеграција и миграција. Во идеален случај тоа изгледа вака: мигрантот профитира оти во Германија можеби заработува повеќе пари отколку во татковината и оти се доусовршува. Германија профитира оти мигрантот ги поседува токму оние квалификации, кои се овде потребни. Конечно, профитира и татковината на мигрантот, оти тој по одредено време ќе и’ се врати со подобрени квалификации и поголемо професионално искуство.

Многу идеи, но без рецепт

Сево ова има само една слаба точка: досега никој нема рецепт како целно да се потткнува оваа миграција на „тројна добивка“. Наместо тоа, има шаренолик и непрегледен мозаик од програми, со сосем различни приоди. Ова започнува уште кај подршката за образование: некои земји даваат поволни, дури и бескаматни кредити за студии, на пример во САД или Европа, со услов за враќање дома. Идеи се среќаваат и во многубројните програми на ЕУ за стипендирање, со кои се подржува временски ограничена размена на студенти и стручњаци од различни професии.

Но, подршката на циркуларната миграција не е едноставна работа, оти се во игра сосем различни интереси. Многу германски политичари се воздржуват од позначително намалување на пречките за доселување. Тие го имаат предвид незадоволството на избирачите, оти многу луѓе се плашат поради доселениците да не останат самите без работно место. Стопанските претпријатија, напротив, бараат олеснувања, оти имаат потреба од повеќе висококвалификувани мигранти - и тоа трајно, а не само на одредено време.