1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе завршат приказните за предавства?

22 јуни 2021

НАТО може да не брани од надворешни агресии, но никој не може да не одбрани од самите себе кога секој ден се продава лажната приказна за правење пазар со националниот идентитет и со македонскиот јазик. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/3vJ2i
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Толку срамно било коленичењето на премиерот Зоран Заев среде Софија пред бугарските политичари што и тие самите се засрамиле и ја одбиле багателната понуда за распродажба на националните и сите други идентитетски  посебности на македонскиот народ, од јазикот до историјата и славното ни минато. Ги изел туѓиот срам.

За голема среќа, „небитниот“ бугарски политички врв, по сопствени оценки, од предавничката понуда на Заев толку многу биле шокирани што не можеле ништо да прифатат. Дури некои нивни следбеници како оној европратеник, голем џамбaз, се налутија до таа мерка што јавно приопштија дека нема што да се разговара, Македонија е бугарска и готово, се друго е лук и вода. Ете така е спасен, додуша само привремено, македонскиот идентитет од последната посета на Заев на Софија.

Бланко понудата на Заев за бугаризација на Македонија уште важи, само се чека да завршат парламентарните избори во Бугарија. Ама бидете без гајле, тоа македонскиот народ нема да го дозволи. По локалните и веднаш потоа по предвремените парламентaрни избори големата казна ќе уследи, патриотите ќе дојдат на власт, а предавниците ќе завршат во затвор, со што конечно ќе се решат сите проблеми и дома и со соседите и со ЕУ што ги направи нелегитимната квислиншка влада за неполни четири години со своите погубни политики.

Ова е заклучокот од силните и дубиозни анализи, направени на невидено, на загрижените дежурни бранители на националните и државни интереси кои ја кренаа на нозе Македонија уште пред да стаса Заев во Софија.

Минерите од Македонија и од Бугарија

И навистина, наместо да трча по минското поле што го поставија минерите  од Македонија и од Бугарија, требаше да си остане дома и силно да удри по бугарските националисти и шовинисти, по егоистичната политика на ЕУ, по Американците кои ги матат сите води за свои интереси, по дволичните Ангела Меркел и Емануел Макрон и по сите други кои сакаат да ја обезличат Македонија, Заев се растрчал натака- навака, постојано во погрешна насока,  газејќи по достоинството на Македонецот ставајќи го својот образ на патос.

Наместо да тргне накај блиски и далечен Исток, тој упорно турка накај Запад, притоа постојано повторува: нема друга алтернатива, нема друга алтернатива. Ништо не научил од својот претходник Никола Греувски како се добиваат сите избори и редовни и вонредни и тоа цели 11 години.

-претходни колумни од авторот: Три дена и три ноќи без голем скандал

Големите аналитичари, ламентираат: па, сето ова што сега го прави Заев со своите предавства можеше да го направи и Груевски, па и тие што беа пред него, ама тие не беа ни наивни, ни предавници. Цврсто ги бранеа националните интереси не дозволувајќи ни за милиметар да направат било каква отстапка, или срамен компромис, ни со соседите, ниту пак во сопствената земја.

Стоењето во место, тогаш се сметаше за голем успех и решителна одбрана на идентитетот и државните интереси. Само така се добиваат избори во Македонија на подолг рок, дури цела една ера се владееше непречено со добар гарнир на зборови, заробени институции и пропаганди од патриотизам против предавствата на домашните и надворешните непријатели, но и со напумпаните големи економски успеси кои ќе ги обнародат светските и домашните медиуми по скапо платената реклама.

Поништувањето на договорите најбрз пат кон распаѓање

Тоа многу добро го научи и намесникот на Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Штом ја преземат власта, како што велат од партискиот врв, веднаш ќе ги поништат сите предавнички договори, ќе ги ослободат невино осудените од режимот, а на нивно место ќе ги стават предавниците и државните непријатели. Се додека има луѓе кои веруваат во вакви приказни опасноста од исчезнување на Македонија не е надмината.

Во суштина тоа е и најбрзиот пат за распаѓање на државата. Поништувањето на постигнатите и ратификувани договори со соседите водат кон тоа Македонија да се претвори од фактор на стабилност на Балканот во познатото историско јаболко на раздорот.

-претходни колумни од авторот:Комунални избори во сите бои

Распаѓањето на државите на Исток, по падот на комунизмот, не е ништо ново и во поновата историја. Денешните генерации граѓани на Македонија веќе го видоа тој ужас кој, најверојатно поради тоа што немавме човечки жртви и воени  разорувања, брзо ги заборавивме трагичните слики од распадот на Југославија.

Ако само малку чепнеме по тогашните настани, патриотизми, предавства, и одбрани на националните интереси и достоинства брзо ќе се открие денешната  фаталната сличност со тоа што се случи само пред три децении. Македонија и покрај членството во НАТО се уште поради внатрешните битки за власт е на крстопат кој може фатално да заврши поради големите ѓурултии и лажни тревоги за национални предавства. НАТО може да не брани од надворешни агресии, но никој не може да не одбрани од самите себе кога секој ден се продава лажната приказна дека се прави пазар со националниот идентитет и со македонскиот јазик.

Блокадата на Бугарија ќе остане во колективното памтење

Оспорувањата и блокадите на Македонија со кратковидата ултимативна политика на Бугарија на сметка на добрососедството и взаемните сестрани интереси на првите комшии, напротив само ги зајакнаа националните посебности на македонскиот народ. Никогаш досега не бил поголем интересот во нашата земја за историјата и за македонскиот јазик отколку по најновите негации и оспорувања и наметнување на бугарските корени.

-претходни колумни од авторот:Опасни предлози за поништување на договорите со соседите

Секоја негација и оспорување од позиција на сила, во случајот, потпирајќи се и злоупотребувајќи ги  статутарните определби на ЕУ, како што тоа го прави Бугарија, предизвикува сосема спротивна реакција која води кон повеќедецениска омраза и нетрпеливост. Блокадата на Бугарија за почеток на преговорите со ЕУ ќе остане во колективното паметење на повеќе генерации Македонци и воопшто на сите граѓани на Македонија без оглед на нивната етничка припадност како една црна дамка, која уште многу години ќе стои неизбришана, дури и да се најде уште утре заеднички јазик и преговорите за членство на ЕУ да почнат без поголеми пречки. Бугарија ја испушти таа шанса да биде најголемиот поддржувач на Македонија иако како таква се прикажуваше, веројатно сметајќи дека на тој начин ќе се оствари санстефанскиот сон. За жал, ова во Македонија предизвика, како и во сите сложени ситуации, нови делби и извонреден терен за предизборни кампањи. Секој обид да се најде заедничко прифатливо решение веднаш се прогласува за предавство и настапува експресна сатанизација на секој што ќе изусти било какво компромисно решение.

-претходни колумни од авторот:Милијардите на Тупурковски, Груевски и на Заев

Зошто е тешко да се каже јавно иако и тоа Бугарите не го прифаќаат, дека македонскиот јазик има исти корени со бугарскиот, но и со српскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, бошњачкиот и со сите народи чиј јазик потекнува од говорот на јужните словени. Тоа се дефинтивно според сите научни сознанија словенски, а не бугарски корени. Да, повеќе македонски револуционери и преродбеници пишувале и зборувале на бугарски јазик, некој од нив и се изјаснувале како Бугари во тогашните историски околности, но неспорен факт е дека биле македонски револуционери и се бореле и гинеле за независна Македонија. Такви повеќекратни идентитети и национални и јазични имаат стотици значајни историски личности што го задолжиле светот.

Никој не може да го одреди точниот датум на создавање на една нација. Секогаш се тоа подолгорочни историски процеси, како што е и процесот на европеизација на Македонија и на целиот Балкан.

Затоа коленичењето, како што овде се нарече последната посета на Зоран Заев на Софија, а порано и на Атина и на Брисел и на Берлин и на Париз, Вашингтон и на Москва и на крајот на светот, не го сметам за понижување, туку како сосема очекуван чин на било кој македонски политичар кој ја претставува Македонија. Ништо не смее да биде тешко кога тоа се  прави за својата татковина.