1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога ќе се заљубат децата на бившите непријатели

Zana Aceska22 јуни 2011

По Втората светска војна, некои од Евреите кои го преживеаја холокаустот, заминале за Аргентина. Таму се упатиле и дел од преживеаните нацисти. Што се случува кога нивните потомци ќе се сретнат и заљубат - тема на филм.

https://p.dw.com/p/11gD8
Од снимањето на филмотФотографија: DW

Во кадарот на филмот „Германскиот пријател“ кој штотуку се снима во Келн, една млада двојка трча кон автобуската станица. Момчето се простува од девојката која влегува во автобусот.

Режисер е Жанин Мерапфел, која има германско-аргентинско потекло.

„Се работи за голема љубовна приказна. Двајца луѓе се обидуваат да го надминат наследството останато од родителите. Темите чувства и политика отсекогаш ме интересирале. Во овој филм тие се комбинирани со љубовна приказна“, објаснува режисерката.

Љубовна приказна долга четири децении

Жанин Мерапфел снима филм за љубовната приказна долга четири децении, која се одигрува на два континента. Во центарот на дејството е Сукамит, ќерка на еврејски емигрант од Германија и Фридрих, син на нацист кој побегнал во Буенос Аирес. Двајцата млади луѓе се запознаваат во главниот град на Аргентина, се раѓа љубов и тие доаѓаат во Германија, каде накратко потоа се разделуваат. По долги години и двајцата патиштата ги носат кон Јужна Америка, каде повторно се среќаваат.

Regisseurin Jeanine Meerapfel
Режисерката Жанин МерапфелФотографија: picture-alliance/dpa

Режисерката Мерапфел посебно е заинтересирана за прашањето што се случува во втората генерација на жртвите и злосторниците од времето на нацизмот:

„По војната, некои од германските Евреи, т.е. Евреи кои воопшто го преживеаја холокаустот, заминаа за Аргентина. Таму избегаа и многу преживеани нацисти. Тоа се два специфични иселенички бранови и тие ја чинат политичката заднина на филмот“.

Историјата како преокупација

Режисерката Жанин Мерапфел последниве децении во своите дела постојано се навраќа на историјата на својата татковина. Родена е во 1943 година во Буенос Аирес, а училиште посетувала во Германија. Најновиот филмски проект е дел од нејзината автобиографија, што се разбира е од помош за актерите.

Бенјамин Цадлер, покрај Макс Римелт, ја игра втората машка главна улога.

„Тоа е највозбудливото во целата работа, постојат многу автобиографски аспекти. Многу личниот однос кон приказната секако влијае на овој филм“, вели тој.

Dreharbeiten zum Film Ein Deutscher Freund
Фотографија: Fotolia/mtkang

Екипата веќе го сними поголемиот дел од материјалот во Буенос Аирес и Патагонија, сега се на ред сцените во Германија. За аргентинските членови на филмската екипа работат на овој филм е особено занимлива. Главната женска улога ја игра Селесте Кид, која е многу позната во Аргентина.

„Во Аргентина луѓето се многу подинамични и побучни, таму времето поминува многу побрзо и се‘ е хаотично. Поради тоа, снимањето во Германија за мене претставува посебно искуство“, вели Кид.

По снимањето ќе започне постпродукцијата на филмот, а идната година филмот „Германскиот пријател“ ќе се појави и во германските кина.

Автор: Јохен Киртен/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска