1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се заложбите на кандидатите од албанскиот политички табор?

Свето Тоевски9 март 2009

Тројцата кандидати етнички Албанци за претседател на Македонија ја истрчаа првата третина од изборната трка. Заеднички именител на нивните заложби е апелот за побрзо решавање на спорот околу името.

https://p.dw.com/p/H8IC
Трката продолжува: кандидатите за иден претседател на МакедонијаФотографија: DW / Petr Stojanowski

Кандидатите етнички Албанци во кампањата за претседателските избори за сега се концентрираат на остра критика на актуелната владина коалиција, на спорот околу името со Грција, како и на економскиот застој во земјата.

Кандидатката на ДПА, Мируше Хоџа на предизборна манифестација во Тетовско оцени: „Поради инфантилните илизуии на сегашната влада и поради нејзината ароганција Македонија ја загуби битката со времето. Таа е на крајот на списокот земји, кои сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ.“ Во изјава за Доје веле, пак, Мируше Хоџа порачува: „Потребни се еднакви услови за сите граѓани на земјата, што е основен предуслов за едно мултиетничко општество, какво што е нашето.“

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Кандидатката на ДПА, Мируше ХоџаФотографија: DW / Stojanovski

Антиката на историчарите

Агрон Бучаку од ДУИ упатува порака до сите гласачи дека заедно можат да се надминат сите ризици од предизвикување тензии. Мултиетничката држава се гради преку почитување на различноста на јазиците и културите. „Се залагам за идејата за Македонија на сите нејзини граѓани“ - нагласи Буџаку на предизборен митинг во Арачиново. Шефот на неговата партија Али Ахмети, пак, му порача на коалициониот партнер и премиер Никола Груевски дека минатото треба да им се остави на историчарите. Оваа забелешка се однесува на возобновувањето на личностите од античката историја, во режија на актуелната влада.

Agron Kandidat Wahlen in Mazedonien
Кандидатот на ДУИ, Агрон БуџакуФотографија: DW/ PETR STOJANOVSKI

Имер Селмани, од Нова демократија се стреми да ја задобие довербата и на гласачите од етничко македонско потекло. „Во изминатите 18 години имавме неколку претседатели, како и други, често пати неодговорни политичари, кои предизвикуваа луѓето од различни етникуми меѓу себе да се раздвојуваат, да се навредуваат, да влегуваат во конфликти и да се убиваат на изборите.“ Неговата основна порака до избирачите, на прашање на Дојче веле, гласи: „Само заедно можеме да успееме, да успееме и во економскиот развој, да ги придобиеме симпатиите на нашите најголеми поддржувачи САД и да ги отвориме вратите на НАТО и на ЕУ.“

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Кандидатот на Нова демократија, Имер СелманиФотографија: DW / Stojanovski

Нема нови идеи

Политичкиот аналитичар и предавач на Штуловиот универзитет во Тетово, Имер Исмаили, вака ја оценува кампањата на тројцата кандидати од албанските политички партии: „Целиот нивен вокабулар, како видна порака кон гласачите Албанци, е на некој начин шлајфување во место и немање на идеи зошто излегле на овие претседателски избори. Тие практично немаат идејна понуда, туку се чуваат за вториот круг на изборите, каде што најверојатно одредени политички партии на Македонците ќе имаат потреба од нивните гласови. Можеби тогаш ќе почне политичкото пазарење“ - оценува аналитичарот Исмаили.