1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои јајца полесно се вапсуваат?

13 април 2009

Јајца во сите големини, бојосани со различни бои, украсени или насликани - пред Велигден, тие се „смешкаат“ од сите страни. Но, што да се одбере и зошто Германците се‘ помалку сами вапсуваат јајца?

https://p.dw.com/p/HSNx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Велигден е време кога најпродаван производ веројатно се јајцата. Германците, во просек, јадат по 11 јајца месечно, а во времето пред и по Велигден просекот се зголемува за три јајца. И додека во останатиот дел од годината повеќе купувани се кафеавите јајца, во периодот пред Велигден најбарани се белите јајца. Причината за тоа гласи - белите јајца се вапсуваат подобро.

Но, се чини дека традиционалното вапсување јајца за Велигден не е во мода - само 43% од Германците постари од 14 години сами вапсуваат или сликаат велигденски јајца. Според една анкета на весникот „Билд ам Зонтаг“ во Источна Германија обичајот е пораспространет отколку во западниот дел од земјата. Имено, на исток 50% од луѓето вапсуваат јајца, додека на запад тоа го прават 41% од граѓаните. Бојосувањето јајца е најомилено кај младите на возраст од 14 до 29 години.

Ukrainische Ostereier
Фотографија: AP

А, зошто бојосување, кога се продаваат веќе бојосани?

Оние што не сакаат да бојосуваат јајца, можат да си купат веќе бојосани и тоа директно кај живинарите. Првите јајца во Германија, производителите ги бојосуваат четири до шест недели пред празникот. Муштериите можат и да си порачаат бојосани јајца, кои потоа ги добиваат на договорениот ден. Михаел Малер, кој е сопственик на живинарска фарма, има неколку совети за потрошувачите. Едниот е техниката на сликање на кафеавите јајца, и тоа со лист од растение кој се става врз јајцето, а потоа јајцето се врзува со женски најлон хулахопки, па се вари. Така јајцата имаат убави печати. А, што се однесува до тоа кои јајца се појаки, Малер има јасен одговор - јајцата од младите кокошки се помали, но имаат поцврста лушпа.

Ostereier von Kinder gemalt
Фотографија: DW

Во Источна Европа во минатите векови популарна боја за бојосување јајца била златната, во Централна и Западна Еропа - црвената. Со текот на времето се пробивале и други бои, а се развивале и техниките за украсување и сликање на јајцата.

Откако јајцата се бојосани, тие на собна температура можат да стојат две недели, а доколку се чуваат во фрижидер, трајноста им е до четири недели. Исклучок се бојосаните јајца што се продаваат во трговијата на мало во Германија, кои имаат и заштитен лак, па можат да траат и повеќе недели. Сето ова се разбира важи само доколку јајцето има неоштетена лушпа.

Автор: ЕМФ/афп/кна/дпа

Редактор: Невена Георгиевски