1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колбе: „Сите сме Егејци“

Зоран Јордановски
23 април 2008

Кица Колбе, Македонка која долго време живее во Германија, доктор по филозофија и писател беше специјален гостин на германскиот претседател Келер за време на посетата на Балканот. Со Колбе разговара Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/DnAT
Кица КолбеФотографија: Kica Kolbe

Госпоѓо Колбе, го придружувавте германскиот сојузен претседател Хорст Келер на турнејата по Балканот. Каков е сега Вашиот став во однос на сојузниот претседател како личност кого имавте шанса непосредно да го доживеете?

Колбе: Најнапред ме воодушеви и многу ме импонираше, тоа е несекојдневната способност на германскиот претседател Келер, да сочувствува и да дожвее и изрази емпатија со состојбата со биографиите со карактеристиките на народите, на земјите што ги посетува, но многу во силна мера и на луѓето што ги среќаваше. Тој има една невообичаена дарба да ги согледа оние аспекти во разговорот со една личност, што за другите остануваат недофатливи, затоа што можеби приоѓаат многу паушално и плакативно. На пример ме воодушеви самокритичноста кон така наречениот центарлно европски егоцентризам, да се гледа секогаш на другите подрачја од Европа, особено на оние неразвиените како на подрачја што се поминорни во културна и политичка смисла. Тоа никогаш, особено во сите овие разговори не можеше да се констатира кај претседателот Келер. Тој прво се поставуваше во ситуацијата на луѓето со коишто разговаравме, и потоа многу самокритично ќе укажеше и на другата страна и оддеднаш разговорот добиваше една таква длабочина, еден таков интензитет на нови аспекти, тој друг поглед, тој поинаков поглед врз нештата којшто не е арогантен. Тоа е она што му ги отвараше, на претседателот Келер, срцата на луѓето, особено јасно доаѓаше до израз оваа особина на неговата личност на средбите со младите луѓе, со студентите во седиштето на Гете институтот во Загреб и со учениците во гимназијата Јосип Броз Тито.

Токму веројатно таа негова непосредност, обична човечка, а не државничка дистанца во разговорите со младите, посебно ги привлече неговите млади соговорници?

Колбе: Да неверојатно многу. Тој ним им пренесе нешто што е многу значајно за младите луѓе. Имено насекаде раскажуваше за неговата биографија, тој ја знае состојбата во која што веќе со десетлетија на Балканот се менуваат граници, се создаваат нови држави, војни завршуваат други војни почнуваат и сето тоа се одразува врз биографиите на луѓето. Неговото семејство потекнува од Безарабија, денешна Молдавија и потоа во Втората светска војна морале да го напуштат тој дел од Европа, ги преселиле во Полска, потоа се преселиле во Сојузна Република Германија и тој го знае патот на бегалците и насекаде говореше за тоа дека знае што се случувало со луѓето во тој дел на Европа, на Балканот и мислам дека можам со право да речам дека неговата посебна харизматичност е во тоа што никогаш не заборавил и не заборава да им каже на младите дека за сите нив е отворен патот независно од тоа во колкава тешка ситуација се наоѓа на пример во моментот Македонија, дека тие млади луѓе можат да го постигнат тоа што го постигнал тој. Беше многу симпатично кога една ученичка во Јосип Броз Тито самосвесно рече: Јас сакам еден ден да станам претседател на државата, кажете ми дали е тоа лесно и што треба да сторам. Тој и рече немојте да го заборавите тој сон, завршете го Вашето образование, станете извореден стручњак и незаборавајте го тој сон дека сакате да станете претседател на државата.

(...)

Низ Вашите дела, низ книгите што ги објавивте досега, зборуваме за Вас како деец во областа на културата, но Вие не сте и аполитичен човек?

Колбе: Се разбира првото мое дело што го објавив 1999 година „Егејци“ беше еден голем филозофски есеј или есеистички роман, како што тоа се нарекува. Таа книга има и многу политички потенцијал, јас таму не само што за првпат критички ја претставив ситуацијата на бегалците од Егејска Македонија, но исто така интересно е што таму прејудицирав одредени проблеми што станаа актуелни во политиката дури сега. Сега на пример со многу голема сериозност и големо внимание се посветува внимание на проблемот на бегалците од Егејска Македонија, сега стануваат бризантно политички важни сите тие прашања за тоа, затвореноста, табуизираноста на тој проблем во поранешна Југославија, затвореноста на границите за бегалците.

Споменавте дека Вашата прва книга „Егејци“ објавена пред девет години, токму деновивие добива на актуелност со оглед грчко македонскиот спор. Колку овде во Германија има интерес за спорот и колку успевате да им објасните што е заднината на спорот?

Колбе: Има интерес се разбира, сега се повеќе кога стана јасно дека во грчкотот вето не се работи за тоа да го прифати името на Република Македонија. Не се работи за никаков антички декор и за славата на Александар, туку се работи за она што е рецидив на поделбата на Македонија по Балканските војни имено постоењето на словенско македонско население во Грција. Меѓутоа исто така нешто што сакам да го кажам и како критика до самите нас и самокритчност, еден проблем за којшто јас пишував во „Егејци“ е непостоењето на чувство на заедништво, за она што се главните цели на заедничкото постоење на Македонците во Република Македонија или каде било. Тоа што порано беше за бегалците од Егејска Македонија или каде бил пишуваа само бегалци. Луѓе кои имаат некаква биографска врска со бегалската судбина, другите како да не ги допираше тој проблем и сега одеднаш се случи, сите се најдоа во состојбата да бидат Егејци, Милчо Манчевски, мој драг пријател во една пригода ми вели, ние сме сите Егејци. И тоа е точно така сега се случи да дојде до таков драматуршки пресврт на политичко ниво на сите да им се негира македонскиот идентитет, онака како што тој се негираше во Грција по Балканските војни. Мислам дека може многу повеќе да стори и Република Македонија, значи сите инситуции по угледот на она што го направи Хрватска и хрватското министерство за култура оваа година кога се успеа да ја презентира хрватска литература, како земја гостин на саемот на книгата во Лајпциг. Дури тогаш ќе можеме сериозно да говориме за тоа дека ние гласно и многу децидно сакаме да им кажеме на европската јавност кои сме што сме и што се случувало во историјата досега со нас и што се случува.