1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Колебливо отворање на границите во ЕУ

Кристоф Хаселбах
14 мај 2020

Слобода на патување е веројатно симболот на европското обединување. Но, во време на корона-пандемијата внатрешните граници во ЕУ беа затворени. Сега дел од нив повторно се отвораат – но постепено и не насекаде.

https://p.dw.com/p/3cBtL
Coronavirus - Grenzkontrolle zu Bayern
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Затворањето на внатрешните граници меѓу земјите членки беше шок за многу Европејци. Слобода на патување и движење низ Европа без никаква контрола е дел од европскиот начин на живот и предуслов за заедничкиот европски пазар. Но тоа одеднаш заврши на средината на март: голем број држави, меѓу кои и Германија ги спуштија пограничните рампи со цел да се успори ширењето на коронавирусот.

На границите со Данска, Франција, Луксембург, Швајцарија и Австрија оттогаш повторно има гранични контроли и многумина вратени патници. Додуша имаше и отстапки, како на пример за возачи на камиони, медицински персонал или луѓе кои патуваат за работа во соседната земја. Дел од границите официјално останаа отворени, како онаа кон Холандија. Како и да е веќе не можеше да се зборува за слободно патување, бидејќи туристите никаде не би можеле да најдат сместување, а повратниците задолжително требаше да одат во карантин. Затворањето на границите имаше сериозни последици врз одредени сектори: на пример, полските работници на полињата и медицински персонал повеќе не можеа да одат во Германија.

Некои сѐ уште се двоумат

Сега Германија сака постепено да ги отвори границите кон дел од своите соседи. Од оваа сабота сѐ уште ќе има контроли кон Франција, Австрија и Швајцарија но само по случаен избор. Кон границата со Луксембург нема да има контроли. Со данската влада преговорите сѐ уште се во тек. Целта на германската влада е кон средината на јуни повторно да има целосна слобода на патување, како што најави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер во средата. Бидејќи секоја покраина издава карантински регулативи, Зехофер ги советува тие да бидат укинати и за патниците од останатите ЕУ земји.

Coronavirus – Stau vor Grenzkontrollen nach Polen
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Michael

Повеќе:

-ЕУ ги отвора интерните граници, надеж за спас на летната сезона

Но олеснувањето не важи за секоја земја. Дел од владите се двоумат. Така на пример Полска сака своите граници да ги држи затворени до 12 јуни. Со Полска и Чешка сѐ уште се водат разговорите за олеснување на граничните контроли и условите за карантин. Пољаците кои работата или студираат во Германија и уште во три други земји, уште од 4 мај се ослободени од обврската за карантин. Сепак ова не важи за медицинскиот персонал и негователите, кои пак им се итно неопходни на клиниките и старечките домови во Германија.

Од друга страна воопшто нема олеснување за оние кои влегуваат од Шпанија или Италија. Причината е особено високиот број на заразени лица во овие две земји. Шпанија исто така ги заостри своие регулативи. Шпанската влада нареди двонеделен карантин за сите кои по 15 мај ќе влезат во земјата.

Отворањата на границите не се автоматски

Критичарите на паушалното затворање на границите секогаш аргументираат дека доколку бројот на заразени во двете земји кои ги дели граница е ист, тогаш нејзиното затворање нема никаква смисла. Освен тоа ситуацијата може да биде различна и во една земја од регион до регион, како на пример меѓу Баварија и Мекленбург Предна Померанија. Ларс Шаде, потпретседател на Роберт Кох Институтот го потврдува овој аргумент: „Кога има одреден степен на конзисентност и слична епидемиолошка ситуација во различни држави, тогаш сметам дека отворање на границите може да биде оправдано."

Повеќе:

-Германија повторно ги отвора границите на 15 јуни

Сите планирани олеснувања во однос на прекуграничниот сообраќај се поврзани со тоа во соседната земја или соседниот регион да нема значителен пораст на заразени. Германската влада како параметар го дава 50 новозаразени на 100.000 жители за седум дена. Ако е над тоа, тогаш граничните контроли повторно може да бидат вратени.

Во меѓувреме, Европската комисија сака особено да му помогне на туризмот, кој претставува речиси десет проценти од БДП во ЕУ, а во некои земји дури и повеќе, но поради ограничувањата за патување сега е речиси замрен. Комисијата предлага „постепено и координирано" отворање на границите и отстранување на контролите, првично онаму каде на двете страни има сличен низок степен на заразени. Германската влада „ја претрка"  Еврокомисијата за неколку часа.

Forderungen nach Wiederöffnung der EU-Grenzen wachsen mit Lockdown-Maßnahmen
Фотографија: Getty Images/T. Niedermueller

Притисокот се зголеми

Во Германија, не толку канцеларката Меркел, колку нејзиниот партиски колега од ЦДУ, премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет се залагаше за што е можно побрзо отворање на границите. Лашет посочи дека од Германија не може да се оди ниту до Шенген, пограничното место во Луксембугр по кое е крстен и целиот безграничен простор. Лашет веројатно пред себе ја имал својата цел, да стане наследник на Меркел, кога со својот настап се издвои од неа и останатите попретпазливи кандидати.

Повеќе:

-Бајката за пропаст на ЕУ во корона-кризата

Но, тој не е единствениот. Во парламентарната фракција на ЦДУ/ЦСУ веќе се зборуваше за „востание на маргинализираните" - пратеници од пограничните области кои особено го почуствуваа притисокот за отворање на границите во своите изборни окрузи. Се работи за надеж во економски препород, за огромната желба за патување по долгата корона-пауза, но и за европската идеа: дека Европа е голем простори во кој човек може слободно да се движи.