1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колективно славје во Керпен: “На Шуми и да му ги украдеш тркалата, тој секогаш победува”

30 август 2004

Вчера, нешто порано отколку во Атина и во помал обем, но не и со помалку емоции, се славеше и во Керпен, град во близина на Келн, родно место на Михаел Шумахер. Тој на трката за Големата награда на Белгија стигна втор, но тоа беше доволно за да ја обезбеди седмата титула светски првак во автомобилизам формула 1, иако до крајот на сезоната преостануваат уште 4 трки

https://p.dw.com/p/AemC
Победничкото капење со шампањско: Михаел Шумахер
Победничкото капење со шампањско: Михаел ШумахерФотографија: AP

Керпен, недела, околу 15 часот и 30 минути. Кога Михаел Шумахер мина низ целта, како цел град да беше на нозе. Околу 500 луѓе се пред собранието на градот: “Нашиот Шуми. И да му ги украдеш тркалата, тој секогаш победува. Супер” – вели една обожувателка.

Навивачите се собраа на плоштадот пред собранието два ипол часа порано. На бина со големо платно заеднички го следеа преносот на трката од Спа. Многумина дојдоа од места оддалечени и 100-ина километри, па дури и од Холадија. Секој имаше на себе по нешто црвено, бојата на ферари, тимот на Шумахер. Луѓето од Керпен се горди на својот Шуми, една улица во градот го носи неговото име. За нив уште пред трката немаше дилеми: “Тој е најдобар. Може да вози и на дожд и на суво. Тој едноставно е непобедлив”. “Ние сме подготвени, шампањското е изладено. Фрижидерот во колата одзади е полн. Значи, може да почне”.

Прославата на титулите во Керпен има традиција. Минатата година учествуваа речиси 2 илјади луѓе. Драматичните моменти од почетокот на трката и сударот на повеќе болиди го запреа здивот на присутните. Потоа веќе се‘ се одвиваше според очекувањата.

Михаел Шумахер е светски првак, по седми пат. Навивачите се сигурни – и догодина ќе има повод за славење: “Тој ќе ја донесе и осмата титула. Така мора да биде”. За неговите приврзеници Михаел Шумахер едноставно е непобедлив.