1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колкава е штетата?

24 октомври 2010

По најновото објавување на тајните документи од ирачката војна на интернет порталот Викиликс, американската влада се најде под засилен притисок. Посебно спорен е ангажманот на приватните агенции за обезбедување.

https://p.dw.com/p/PmIU
Фотографија: Wikileaks

Според весникот „Њујорк тајмс“, ангажманот на фирмите за обезбедување значително го заострил воениот хаос во Ирак, што произлегува од тајните акти на американската војска кои се најдоа на интернет. Припадниците на приватните агенции за обезбедување, без да прават разлика, често пукале во невооружени ирачки цивили, во американски војници и во луѓе од други агенции за обезбедување. Често недостасувала координација со американската војска, а консеквенците биле ретки, пишува „Њујорк тајмс“.

Реакциите во САД на објавувањето на речиси 400 илјади документи во врска со ирачката војна инаку се жестоки. Главното прашање кое притоа се поставува е колкава ќе биде штетата за угледот на државата. Шефот на Генералштабот Мајк Мулен изјави дека ова неодговорно публикување на украдените тајни документи загрозува животи и им дава драгоцени информации на непријателите.

Претходно, американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон излезе со слична изјава, а веднаш потоа и портпаролот на Пентагон, Геоф Морел:

„Се работи за тактички извештаи од теренот, кратки снимки, кои не ја прикажуваат целината на конфликтот. Преку нив не дознаваме многу новини за случувањата во изминатите девет години, само инсерти“.

Ништо сензационално, но сепак информативно

Најголемиот дел од американските медиуми ја делат оценката дека во најново објавените тајни документи нема бризантни новости, но истакнуваат дека тие фрлаат светлина на цела редица важни аспекти на ирачката војна. На пример за бројот на жртвите во ирачката војна. Бројките кои се наоѓаат во документите се многу повисоки отколку што досега било кога призна Пентагон во врска со цивилните жртви. Станува збор за 109 илјади убиени Ирачани во период од шест години, речиси две третини од тоа се цивили.

Luftbild vom amerikanischen Verteidigungsminsterium Pentagon in Washington 2003
Во Пентагон се особено лутиФотографија: dpa

Арапските медиуми пак ја преувеличуваат работата, таму често се споменува бројката 285 илјади, што е збир на загинатите и ранетите. Дали угледот на САД сериозно ќе настрада? Пред се‘ поради извештаите дека ирачките војници ги малтретирале затворениците со знаење на американската војска.

Портпаролот на Пентагон, Морел, вели:

„Ирак е независна држава, со своја сопствена војска и правила. Наша обврска е информациите за вакви инциденти да ги доставиме до надлежните во ирачката војска, заради преземање натамошни чекори.“

Значи, обвинувањата за мачења се чисто ирачка работа, прашува и истовремено одрекува „Њујорк тајмс“.

Ирачкиот премиер Нури ал Малики пак во објавувањето на тајните документи гледа медиумска кампања со политички цели против него.

Во меѓувреме се јавија и ОН. Манфред Новак, ополномоштеникот за прашањата на тортура, од американскиот претседател Барак Обама побара истрага по објавените извештаи на Вилкиликс.

Автор: ЖА/БГ/дпа/ртре/дв

Редактор: Борис Георгиевски