1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку граѓаните учествуваат во демократските процеси?

15 септември 2010

Денеска (15.09.10) се одбележува Меѓународниот ден на демократијата. Во каква состојба се наоѓа еден суштински важен сегмент на демократските процеси во Македонија – т.н. партиципативна демократија на локално рамниште?

https://p.dw.com/p/PCPP

Ако некогаш демократијата беше видена како политичка слобода на граѓаните да зборуваат, да критикуваат, да се здружуваат, таа е денес нешто повеќе од тоа: меѓу другото, се’ повеќе е развоен процес, кој подразбира учество на граѓаните во донесувањето одлуки на државно и локално ниво. Се наметнуваат прашањата: каква е состојбата со локалната партиципативна демократија во Македонија, имаат ли нејзините граѓани во општините можности директно да учествуваат во демократските процеси и самите да нудат решенија за проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот?

„Загрижувачка состојба со локалната партиципативна демократија“

Ѓорѓи Тоновски од Правниот факултет на ФОН Универзитетот во Скопје вака одговара на овие прашања: „Практиката покажува јасно дека таа партиципативна локална демократија е повеќе декларативно поставена, оти е повеќе изрегулирана со уставот и законите, отколку што пулсира во секојдневието на македонскиот граѓанин. Тоа би можело да се каже дека е веќе во димензии, кои би морале да загрижат, бидејќи на тој начин не само што ја нема граѓанската иницијатива, туку и воопшто се доведува во прашање целиот концепт на македонската демократија.“

Тој дополнува: „Штетата е голема, зашто ги немаме идеите и иницијативите на граѓаните, а имаме голема доза на нивна разочараност, односно, повлекување на граѓанството во себе.“

Од 2006 година досега во 25 општини во Македонија е реализирана, или се реализира и натаму програмата за развој на локалната демократија, наречена „Форуми во заедницата“, сега во нејзиниот трет циклус, со финансиска поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Mazedonien Familie Apostolovski
Старо село, тетовскоФотографија: DW

Со каква цел и со кои очекувања? го праша Дојче веле Ибрахим Мехмети, раководителот на националната програма во споменатата швајцарска агенција. Тој одговара: „Кај нас традиционално граѓаните биле исклучени од процесот на донесување одлуки. Во практиката не постојат соодветни инструменти да може граѓанинот да предложува проекти, или решенија, кои се однесуваат на нивниот секојдневен живот.“

Мехмети додава: „Програмата ’Форуми во заедницата’ има за цел да изнајде најсоодветен начин за вклучување во овој процес, општините да го слушнат гласот на населението и на тој начин да се овозможи едно навистина демократско учество на граѓаните во активностите на локалната самоуправа.“

Fatmir Izairi, Bürgermeister im Dorf Zelino
Фатмир ИзаириФотографија: DW/S. Toevski

Селската општина Желино во тетовскиот регион со повеќе од 25 илјади жители не е вклучена во „Форуми во заедницата“, но се интересни нејзините контакти со жителите, како и прашањето: дали и како тие учествуваат во работата на својата локална самоуправа?

Градоначалникот на Желино Фатмир Изаири истакнува: „За да се преземе каква било активност околу донесување одлуки за градба на водоводи, системи на канализација и друга комунална инфраструктура, како и за други проекти, потребни се средби со граѓаните. Таквите средби што ги имаме се многу чести. Постојат и неколку облици на контакти, на обраќања на граѓаните до општината: писмено барање од група граѓани, иницијатива на група граѓани преку месни заедници, па и електронска комуникација со општината со мејлови преку интернет.“

„Партиципативен инженеринг“ и во Македонија?

Во Шведска, Швајцарија и Германија во последниве 5 – 7 години се преземаат серија институционални реформи во нивното уставно - политичко уредување, заради создавање нови и поголеми законски можности за јакнење на политичката партиципација на граѓаните во општините: поточно, за форсирање на референдумите, собирите на граѓаните и граѓанските иницијативи. Дали ова што политичките експерти во Европа го нарекуваат „партиципативен инженеринг“ може да се примени и во Македонија?

Panoramabild von Zelino, nahe Tetovo
ЖелиноФотографија: DW/S. Toevski

Tоновски, како доктор по политички науки, коментира: „Ние имавме некои искуства во однос на референдумите, кои се распишуваа и за некакви самопридонеси, но, тие непосредни облици на изразување на граѓаните не заживеаја во однос и на некои други прашања, кои се многу важни во животот на определени локални заедници. Овој концепт за „партиципативниот инженеринг“ е сосема во ред, но, имајќи го предвид целокупниот амбиент и на генералната и на локалната демократија, прашање е колку сме ние подготвени да го реализираме во практиката. Не треба да се офрлаат таквата идеја, настојувањата за всадување на тие иновативни работи во ткивото на македонското општество.“

Несомнено, јакнењето на локалните демократски институции и процеси е потпората за унапредувањето на демократијата на сите други рамништа во македонското општество.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска