1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е корумпирана германската политика?

Марсел Фирстенау/ Ж. Ацеска6 јуни 2012

Транспаренси интернешнл „прочешла“ 25 европски земји, при што Германија во поглед на корупцијата не се пласира лошо. Сепак, експертите гледаат потреба од ангажман на ова поле во земјата.

https://p.dw.com/p/158o8
Фотографија: Fotolia/Carlson

Од кривично правен аспект поранешниот германски канцелар Герхард Шредер се разбира не е корумпиран. Социјалдемократот не прекрши ниеден закон, кога неколку месеци по поразот на парламентарните избори во 2005-та година стана шеф на Надзорниот одбор на конзорциумот на гасоводот „Норд стрим“. Но, остана неубавиот впечаток, смета раководителот на германската организација која се бори против корупцијата, Транспаренси интернешнл, Кристијан Хумборг во разговор за Дојче веле.

За потсетување: гасоводот кој преку Балтичко Море доаѓа до Германија е целосно спорен од политички, економски и еколошки аспект. Шредер како премиер го поддржуваше проектот. Негов партнер на руска страна во тоа време беше тогашниот претседател Владимир Путин, кој во очите на Шредер беше „како солза чист“ демократ. Ангажманот на Шредер е дотолку попроблематичен, што руски „Гаспром“ учествува со 51 процент во акциите на „Норд стрим“. „Гаспром“ е фирма која истражувачкиот новинар Јирген Рот во својата најнова книга ја опишува како „страшна империја“ со мафијашки структури.

Gerhard Schröder Wladimir Putin Gazprom Chef Alexei Miller 2011
Герхард Шредер, Владимир Путин и Алексеј Милер, шефот на „Гаспром“Фотографија: AP

„Злоупотреба на доверената моќ“

Каква врска имаат Шредер и „Норд стрим“ со корупцијата? Во потесен смисол никаква, во поширок - голема. Зашто „Транспаренси интернешнл“ ја дефинира корупцијата како „злоупотреба на доверената моќ во приватни цели“. Расветлувањето на сивата зона меѓу јавната и претпоставувана корупција е една од целите која организацијата, финансирана од донации, си ја постави во 1995-та година. ТИ годишно објавува т.н. индекс на перцепција на присутноста на корупција. Тоа е еден вид скала за поткупливоста на политиката. Резултатите се базираат на анкети од луѓе од и надвор од државите. Германија моментно е на 14-то место од 183 испитувани држави.

Како дополнување на редовното рангирање ТИ првпат направи анализа ограничена само на Европа, во 25 земји. Меѓу другото беа проверувани владите, парламентите, судството и политичките партии. Постојано се поставуваат истите прашања: какви мерки се преземаат против корупцијата, каква е контролата и транспарентноста? ТИ овојпат се воздржа од ранг-листа поради тоа што испитувањата во одделни земји се тешко споредливи со оглед на различните јавни и приватни структури.

Германија ја игнорира конвенцијата на ОН

Антикорупциската организација се залага пред се‘ да ги анализира јаките страни и слабостите. Германија, според ТИ, располага со добар до одличен таканаречен интегритетски систем. Под тоа ТИ подразбира степен на јавност и фер однос во конкуренцијата во стопанството и во односите меѓу граѓаните и политиката. И покрај вкупната добра оценка, ТИ бара од германската политика подобрување на одделни полиња. Тоа важи посебно за поткупливоста на германските пратеници, што е санкционирано и во германскиот кривичен закон.

ОН во Конвенцијата, која стапи во сила во 2005-та година, потпишана од 160 земји, а која Германија се‘ уште ја нема ратификувано, бараат можности за многу построги санкции. За да може да пристапи кон Конвенцијата, германскиот парламент треба да го промени постојниот закон. Опозиционите социјалдемократи веќе доставија предлог, според кој пратениците би одговарале кривично доколку нудат, ветуваат или овозможуваат погодности на трети лица за време на својот мандат.

Критика на донациите за пратениците

Владејачката Унија (партиите ЦДУ и ЦСУ) и либералите во Берлин се против промена на законот. За раководителот на ТИ во Германија, Хумборг, тоа е „недозволив, скандалозен“ пристап. Германија се прави „смешна“ на меѓународната сцена кога бара од останатите земји поефикасно справување со корупцијата, а самата не ја применува Конвенцијата на ОН.

Хумборг е сепак уверен дека Германија нема уште долго да го одлага ратификувањето. Тој укажува на критичките забелешки на конзервативниот претседател на парламентот, Норберт Ламерт и барањата на индустријата да се следи примерот на другите држави.

Symbolbild Korruption
Фотографија: Fotolia/S-Christina

Натамошна слаба точка во Германија, според забелешките на ТИ, е праксата на донации. Согласно постојните закони, пратениците се обврзани да ги пријавуваат јавно директните донации дури над висина од 10 илјади евра, што според Хумборг е премногу висока граница.

Без мнозинство за регистар на лобисти

Ефикасен инструмент за поголема транспарентност и против подкупливоста, освен тоа, може да биде и национален и пред се‘ обврзувачки лоби-регистар, предлага Хумборг. Во него би требало да бидат регистрирани сите фирми, но и адвокатски канцеларии кои имаат контакти со пратениците, министрите или службите. Регистарот кој постои од 1972. година не ги опфаќа сите институции и здруженија и се базира на доброволност.

Притоа, секојдневно илјадници претставници на различни интереси влијаат во Берлин врз политичарите и со тоа врз донесувањето закони. За да се внесе поголема транспарентност во оваа пракса, ТИ бара уште одамна воведување т.н. легислативен отпечаток. Преку него треба да биде можно проследувањето на формата на извршено влијание и учеството на одредени групи врз донесувањето одреден закон. Но, и за овој предлог моментно нема политичко мнозинство во Германија.