1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку заложници има навистина во училиштето во Беслан?

3 септември 2004
https://p.dw.com/p/AcLW
Загрижени мајки пред училиштето
Загрижени мајки пред училиштетоФотографија: AP

Размерите на заложничката драма во градот Беслан се изгледа многу поголеми од она што беше до сега соопштено според официјални извори. Некои од заложниците што грабнувачите утринава ги пуштија на слобода тврдат дека во училишната зграда не се наоѓаат 350, како што беше официјално соопштено, туку околу 1500 лица. Киднаперите и по 48 часа и понатаму одбиваат да дозволат снабдување на заложниците со вода и прехрамбени производи. Руските сили за безбедност утринава го проширија сигурносниот појас околу училиштето во градот Беслан, а експертите проценуваат дека специјалците и овој пат ќе извршат напад за ослободување на заложниците.

Утринава грабнувачите за прв пат од почетокот на заложничката драма пуштија на слобода 26 жени и мали деца, меѓу кои имаше и бебиња. Според раководителот на безбедносните сили во градот, во тек се преговори за ослободување на уште 16 деца од предшколска возраст.

Ослободувањето на најкревките заложници го издејствува поранешниот претседател на Република Ингушија, Руслан Аушев. Тој во повеќе наврати порано ја критикуваше руската политика кон Чеченија, а и како поранешен генерал ужива голем углед во кавкаскиот регион.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера по долго молчење за прв пат се изјасни околу заложничката криза во Републиката Северна Осетија и со тоа ја одреди главната насока во натамошните чекори на власта:

“Клучна работа е, ние ќе сториме се во наша моќ, да ги спасиме животите на заложниците. Се ќе и биде подредено на таа цел!“

Преговорите, кои во текот на ноќта беа прекината, утринава продолжија, а руските тајни служби ги бараат роднините на оние од киднаперите, кои се веќе идентификувани. Тие се надеваат дека најблиските на грабнувачите би можеле да извршат позитивно влијание за надминување на кризата.

Еден од лекарите кои учествуваат во преговорите со киднаперите изјави дека во зградата и околу неа се наоѓаат повеќе трупови на возрасни лица. Грабнувачите ноќеска стрелаа врз еден полицаец, кој и се приближи преблиску на училишната зграда, а истрелани се и повеќе проектили од рачни фрлачи. Тоа е и објаснувањето за двете експлозиии во близината на зградата, што одекнаа вчера попладне.

Експертите за безбедносни прашања сметаат дека руските специјалци и овој пат ќе извршат напад. Сите преговори се само игра на време додека да се најдат најдобрите варијанти за напад. Впрочем, сите досегашни заложнички драми во Русија завршија со акција на специјалците, во која дел од заложниците беа спасени, а дел сепак настрадаа.