1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку навистина чини енергијата од ветер?

Марион Хитер / Зоран Јордановски8 јули 2012

Обновливи енергии наместо струја од атомски електроцентрали - тоа значи да се биде зависен од временските услови, или да се најдат нови патишта за акумулирање на струјата.

https://p.dw.com/p/15Osl
Фотографија: BWE

Укермарк на северот на Германија. Од силниот ветер една ветерница би можела да произведе струја за илјада машини за перење. Но во центарот, во кој се распределува струјата, многу постројки се маркирани со црвено. Андреас Шулц, од диспечерскиот центар на „Енертраг“, објаснува:

„Управувачот со преносната мрежа ги исклучи постројките, оти не може да ја пренесува струјата. Од ветерниците тој сега има премногу струја за капацитетот на мрежата во регионот“.

Типичен проблем, вели Штефан Колер, раководител на Германската агенција за енергија. Се доцни со изградбата на инфраструктурата за енергетскиот пресврт:

„До 2020 година има потреба од 4500 километри преносна мрежа, а досега се направени само 220 километри. Тоа е предизвикот што стои пред нас. Во зависност од техниката што ќе ја примениме - далноводи или подземен кабел, проценивме дека трошоците можат да изнесуваат до 28 милијарди евра“.

Speicher für Strom aus Wind und Sonne
Фотографија: picture alliance / dpa

А што кога ќе нема ветер?

„Енергетски денови“ во Берлин, големи и мали дистрибутери дискутираат за промените во браншата. Обновливи енергии наместо струја од атомски електроцентрали - тоа значи да се биде зависен од временските услови, или да се најдат нови патишта за акумулирање на струјата. Вернер Дивалд, раководител на „Енертраг“, оценува: 

„Технологија за акумулирање - тоа е големиот предизвик на енергетскиот пресврт, покрај изградбата на преносна мрежа. Прашањето е: што ќе правиме со енергијата од ветерниците, ако во моментот не ја користиме, и што ќе правиме кога нема ветер?“

Вернер Дивалд агитира за техниката од неговото претпријатие. Тој инвестира во истражувања за нова технологија на електроцентрали. Оваа хибридна централа кај Берлин ја претвора енергијата на ветрот во течен водород. Тоа е нова техника за акумулирање на енергија, на пример за погон на автомобили со горивни ќелии. Преку четири илјади километри можат да се поминат со енергијата добиена од ветер за еден час. Но, мора уште многу да се истражува, додека да се стигне до таму.

Ветрот и сонцето уште не можат да го обезбедат снабдувањето на Германија со струја, велат од Агенцијата за енергија. За да нема ризик, потребна е струја која не зависи од временските услови и се добива во близина на индустриските центри, на пример од електроцентрали на погон на гас.

Windanlagenbauer Nordex Produktionshalle
Фотографија: dapd

Штефан Колер е убеден: „За да успее пресвртот потребни се нови конвенционални капацитети од 10 илјади мегавати“.

А тоа ќе биде скапо. Агенцијата „Меккинси“ проценува дека енергетски пресврт ќе чини околу 175 милијарди евра.