1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се опасни салафистите во Германија?

Марк Кох / Жана Ацеска16 март 2013

По неодамна осуетениот напад врз шефот на десноекстремното граѓанско движење ПроНРВ од страна на салафистите, оваа група повторно е во фокусот на јавноста. Но, експертите предупредуваат од прејудицирани заклучоци.

https://p.dw.com/p/17yT5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Безбедносните сили во Германија се во состојба на зголемена будност, а политичарите и медиумите се‘ почесто поимот „салафит“ го изедначуваат со „терорист“. Во средата (13.03.2013) во покраината Северна Рајна Вестфалија беа уапсени четворица салафисти. Тие планирале напади врз десноекстремистичката партија „Про НРВ“. Но, не се сите салафисти овде во Германија насилници или екстремисти, истакнува исламологот Гидо Штајнберг од фонадацијата Наука и политика од Берлин.

„Во Германија постојат многу нерадикални салафисти, кои со право протестираат поради изедначувањето со овие насилници“.

Според проценките на германското министерство за внатрешни работи и Службата за заштита на уставот, во Германија има околу пет илјади салафисти, други експерти споменуваат бројка од 10 илјади припадници. Сите се единствени дека само околу илјада можат да се сметаат дека се поддржувачи на тероризмот. А, само неколку стотици од нив се подготвени лично да вршат употреба на сила, вели Штајнберг.

Германското министерство за внатрешни работи советува диференциран пристап. Навистина, постои поврзаност меѓу осомничените за тероризам и салафистите, но разликите мора да се јасни, вели портпаролот Јенс Ташке:

„Не се сите салафисти терористи, но сите терористи со исламска заднина барем во еден момент биле салафистички ориентирани“.

Koran Verteilung in Wuppertal
Исламисти делат примероци на коранот во Вупертал, архиваФотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе салафистички струења

Припадниците на салафизмот кои живеат во Германија се делат во три групи: пуристи, политички ориентирани салафисти и џихадисти. Пуристите се стремат за примена на нивниот модел на верски начин на живот, сакаат да живеат ккао Мохамед и неговите приврзаници во 7. век. Според експертите, оваа група е неопасна, зашто кај нив во фокусот се наоѓа личниот живот воден во духот на коранот, а најчесто не следат никакви конкретни политички цели.

Кај политички ориентираните салафисти е сосем поинаку. Во земјите на т.н. Арапска пролет често тие беа оние кои го соборуваа режимот, за крајно да ги спроведат своите претстави за исламска држава и исламско општество. Нивната цел во Германија пред се‘ е зајакнато распространување  на нивната позиција во општеството  и создавање автономни животни простори, објаснува Гидо Штајнберг.

Бројно најмалата, но најопасна подгрупа се џихадистите. Тие сакаат да воведат исламско право, шаријатско, и да формираат исламска држава. За таа цел се подготвени и на примена на насилство против другите и неверниците. А, притоа остваруваат се‘ поголем прилив од поумерениот центар, истакнува исламологот Штајнберг:

„Најголемиот проблем во Германија е десното крило на политичкиот салафизам. Од пред неколку години се забележува премин на се‘ повеќе припадници на всушност ненасилните политички салафисти  во групата на насилни“.

Салафизам „а ла Германија“

Со години салафистите кои применуват насилство важеа за меѓународно најдобро поврзани и организирани, новодојдените џихадисти ги испраќаа на обука во тренинг-кампови во Пакистан, за потоа да извршуваат терористички напади во нивните татковини. Но, од пред една-две години сликата е променета, вели Гидо Штајнберг. Насилната салафистичка сцена добива германски специфики:

„Натросечно често сме конфронтирани со германски конвертити, често со луѓе кои цел живот го поминале во Германија“. Ним затоа најчесто им фали воена обука за терористи, поради што не се толку опасни. Но, со тоа сцената станува понепрегледна, истакнува Штајнберг. И покрај тоа, според портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тешке, за граѓаните не постои причина за загриженост дури ни по оневозможениот напад врз шефот на ПроНРВ, Маркус Бајзихт:

„Нема место за паника, но мораме да бидеме претпазливи. Видовме до каде можат да одат радикализирани поединци“.

„Салафизмот е кул“

Бројот на салафисти во Германија брзо расте. Многу млади муслимани и пред се‘ германски конвертити се чувствуваат привлечени од движењето, зашто нуди многу јасна, иако радикално-исламска ориентација, вели експертот Штајнберг:

„Салафизмот стана дел од муслиманската младинска култура. Порано беше кул да си левичар, во источна Германија е кул да си десничар, а меѓу многу млади муслимани и конвертити е кул да се биде салафист“.

24.01.2013 DW Quadriga Studiogäste Guido Steinberg
Гидо ШтајнбергФотографија: DW

Дотолку е поважна тесната соработка со многуте муслимански сојузи и здруженија во спречувањето на насилството и поттикнување мирен соживот меѓу културите и религиите, истакнува портпаролот Тешке. Во тесен контакт со нив треба да се развие сензибилноста и разбуди свеста за опасностите од екстремниот салафизам, зашто радикалните сили можат да предизвикаат големи штети за целата салафистичка заедница. Затоа мора сериозно да се сфатат веќе првите знаци: „Ако се забележи ненадејна одбивност кај младите луѓе кон демократскиот поредок, а напротив, величање на радикалната форма на исламот и салафизмот, тогаш е време за дејствување, за одвратување од нивниот погрешен пат“.

Конфликт на интереси на безбедносните органи

Министерството за внатрешни работи во борбата против салафистите оваа недела повторно забрани три исламски здруженија и интернет страници. Но, ваквите акции можат да бидат и контрапродуктивни, предупредува Гидо Штајнберг:

„Германската влада треба да внимава нејзините противмерки да не предизвикаат радикализација на луѓето, кои денес се се‘ уште на маргините на сцената“.

Освен тоа, овие пропагандни страници на интернет се еден од најважните извори за сознанија во врска со радикалните групации, како радикалните салафисти.

„Би пледирал да се изрекуваат забрани само ако се осознае фактички структура зад овие интернет страници, која треба да биде сузбивана и спречена како терористичка пропаганда да се појави на друга адреса“.