1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се стабилни финансиските пазари?

Ролф Венкел/Симе Недевски11 октомври 2012

Од должничката криза во еврозоната како и досега произлегува најголемата опасност за стабилноста на светските финансиски пазари, велат во ММФ. И Јапонија и САД треба да извлечат поуки од должничката криза во Европа.

https://p.dw.com/p/16NRY
Фотографија: dapd

Иако Јапонија и САД во апсолутни бројки имаат далеку поголеми долгови од некои земји во еврозоната, Европската монетарна унија останува најголем фактор на ризик за глобалните финансиски пазари. Тоа е заклучокот на најновиот извештај за финансиските пазари на Меѓународниот монетарен фонд објавен на маргините на Годишното собрание на ММФ и на Светска Банка во Токио.

Во Европа економските и финансиски разлики меѓу периферијата и јадрото на монетарната унија се зголемиле, со драматични последици, вели Хозе Вињалс, шеф на одделението за финансиски пазари при ММФ: „Слабата доверба и политичката несигурност доведоа до масивно одлевање на капиталот од периферните земји во еврозоната- што е невообичаено за еден заеднички монетарен простор“. Сето ова меѓутоа доведе до тоа, во овие земји, новите кредити како за владите и банките така и за претпријатијата и приватните домаќинства значително да поскапат, што од своја страна се заканува да стане опасна економска спирала“, вели Вињалс.

Нов кредитен теснец?

Symbolbild IWF senkt Wachstumsprognose für Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Меѓутоа тој е уверен дека овој ѓаволски круг може да биде прекратен. За да се случи тоа европските влади мораат пред се’ преку имплементацијата на веќе договорените мерки против должничката криза да ја зајакнат нивната политичка веродостојност и да ја повратат довербата на инвеститорите. Во спротивно повторно се заканува масивен кредитен теснец. „Ако не биде намален притисокот на финансиските пазари, банките на Европската унија мора да отпишат 2800 милијарди долари во нивните биланси. И тоа би можело до крајот на 2013 да го намали издавањето на кредити во периферните земји во еврозоната за девет проценти“.

Во најлошото сценарио, според пресметките на ММФ, отпишувањата во билансите би морале да изнесуваат околу 4500 милијарди долари, а давањето на кредити да се намали за 18 проценти, а тоа би можело стапката на економски раст во Европа која и без тоа е на нула, да ја турне надолу за еденипол до четири проценти.

Цел арсенал мерки

Со заклучоците од Самитот на ЕУ од крајот на јуни годинава и најавите на Европската централна банка под определени услови да откупува државни обврзници во неограничени вредност, додуша значително е зголемен арсеналот на мерки против кризата, вели Вињалс. Тоа ги смири финансиските пазари, а се намалија и каматите за државните обврзници.

Меѓутоа „Пазарите мораат да ги третираат Европскиот стабилизирачки механизам и програмата за откупување на обврзници на ЕЦБ како реални, а не само како виртуелни нешта, поврзани со веродостојни услови“. Зашто ако една земја не сака да посегне по оваа помош затоа што е поврзана со драстични услови за штедење, тогаш се заканува целата програма да стане виртуелна, вели Вињалс упатувајќи притоа на примерот на Шпанија. Ако пазарите го насетат тоа, повторно се заканува период како на почетокот на кризата.

И Јапонија и САД, двете земји кои истотака имаа огромни долгови, би морале да извлечат поуки од должничката криза во Европа, порачува Вињалс. Затоа треба да се искористат сите можности за навремено и внимателно консолидирање на буџетите, кое нема да му наштети на стопанскиот раст. „Некои политичари одбегнуваат тешки одлуки, зашто веруваат дека времето е на нивна страна. Меѓутоа не е“, предупредува Вињалс.