1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку смее да заработи еден политичар?

Дирк Кауфман/Борис Георгиевски9 октомври 2012

Социјалдемократскиот политичар, Пер Штајнбрик е кандидат на неговата партија за канцеларската функција. Но најпрво ќе мора да се одбрани од критиките дека премногу заработува за еден политичар.

https://p.dw.com/p/16MhQ
Фотографија: Reuters

Една недела откако Пер Штајнбрик беше прогласен за кандидат за канцелар на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) за парламентарните избори следната година, политичките конкуренти и медиумите открија дека овој политичар важи за еден од најбараните говорници на разни конгреси и собири. Тоа е, со оглед на општоприфатената стручност и елоквентност на некогашниот министер за финансии, јасно. Но сепак, медиумите и конкурентите не ги интересира содржината на предавањата на Штајнбрик, туку големите хонорари кои тој ги добива.

Дел од опозицијата во Бундестагот веќе го нарече Штајнбрик „крал на хонорарите“. И одеднаш се отвори дебата за тоа колку еден политичар смее да заработува покрај својата пратеничка плата и колку од тоа мора јавно да објави.

Транспарентноста- најголем проблем

СПД, на демохристијаните и либералите кои ја започнаа целата хајка, им префрла дека токму тие се политичките сили кои досега се противеа на зголемување на транспарентноста кога се во прашање дополнителните приходи на политичарите. Притоа расправата и не се води околу тоа дали политичарите смеат дополнително да заработуваат по нешто.

Peer Steinbrueck Kanzlerkandidat SPD
Пер ШтајнбрикФотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот министер за економија Рајнер Бридерле вели дека е дури и пожелно пратениците во парламентот да не бидат само „државни службеници“, туку личности кои доаѓааат од „реалниот живот“ и во тој реален свет и и заработуваат. Голем број пратеници во Бундестагот и натаму работат во своите области, а во мнозинството случаи станува збор за правници. Таквите и слични дополнителни работи не и пречат ниту на Транспаренси интернешнл. Но, проблематичен е начинот на кој пратениците ја објавуваат својата дополнителна заработка. Тоа на многумина им е трн во око бидејќи нема транспарентност.

Пратениците се должни да ја пријават висината на својата вонпарламентарна заработка во согласност со нивото на заработката. Прво ниво е заработката од една до три илјади евра, второ ниво е до 7 илјади евра, а трето ниво е заработка над 7 илјади евра. Проблематично е третото ниво затоа што пратеникот кој пријавува приход во оваа категорија не е должен да ја наведе сумата, туку само категоријата. На тој начин не е видлива разликата меѓу еден пратеник кој ќе заработи 7 илјади и оној кој ќе заработи 250 илјади евра. Инаку, месечната плата на пратеник во германскиот Бундестаг изнесува 11.600 евра, вклучувајќи го тука и паушалот за дополнителни трошоци.

До последен цент

Веќе одамна постојат оние кои сметаат дека табелата со заработувачката треба да биде попрецизна. Транспаренси интернешнл оди и чекор понатаму па бара да се објави точниот приход „до последен цент“. Уште поголем „трн во око“ на набљудувачите на работата на пратениците е недоволно транспарентниот систем на следење на изворите на заработувачката.

Symbolbild Schmiergeld
Фотографија: Fotolia/granata68

На пример, пратеникот за говор на конгресот на некоја интересна група (здружение на лекари, на пример) својот хонорар го добива од агенцијата која го ангажирала. Тоа значи дека тој на својата интернет страница е должен да го објави само името на агенцијата, но не и здружението кое (најчесто) многу богато му платило за да се појави. Транспаренси интернешнл е многу јасен за вакви случаи: избирачот мора да има увид во тоа кој го плаќа неговиот застапник.