1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку судбина може да поднесе Балканот?

5 март 2004

Европската Унија по смртта на претседателот Борис Трајковски не смее да ја остави Македонија сама да се справува со маките, но и Македонците конечно треба да ја преземат одговорноста за својата судбина.

https://p.dw.com/p/AcPN
Борис Трајковски
Борис ТрајковскиФотографија: AP

Колку удари на судбината може да поднесе Балканот? Зошто дури тогаш, кога ќе загубиме нешто сваќаме колку тоа ни значело? По трагичната смрт на македонскиот претседател Борис Трајковски постојано се поставуваат вакви прашања. Можеби беа неопходни вакви драматични потреси за да се свати колку би требал да биде голем интересот во светот за мирен и стабилен Балкан. Само два дена пред несреќниот ден за Македонија Скопје го погоди потежок земјотрес. Иако во ова модерно време на компјутери само тешко може да се верува во судбина, сепак голем број луѓе прашуваат: зошто ни се случува ова? Одговорот можеби гласи: да се зголеми будноста како на Балканот, така и во Брисел.

Ненадејната смрт на Трајковски отвора голема политичка празнина. Трајковски донесе помирување не само во својата земја, туку и меѓу соседите на Балканот. Сега останува надежта дека ваквиот развој ќе продолжи и по срмтта на македонскиот претседател.

Шансите се чинат добри: Процесот во насока на соживот и интеграција на народните групи во Македонија се чини неповратен. Но, сепак лошата економска ситуација и големата невработеност се маки со кои македонскиот народ не смее да биде препуштен сам на себеси. На овој план сега се повикани политичарите на ЕУ да не говорат само убави работи за Трајковски и за неговото животно дело, туку тоа што го фалат сега би требале и да го наградат.

Визијата на Трајковски ја гледаше Македонија цврсто интегрирана во евроатлантските структури. Од тука се наметнува и прашањето дали можеби не е знак на судбината тоа што неговата смрт се случи токму на денот кога Македонија требаше да го поднесе барањето за членство во ЕУ. Во меѓувреме од Брисел дојде позитивен одговор дека веќе кон средината на март процедурата за поставување апликација ќе може да се повтори. Дали можеби несреќата во Македонија ги натера на размислување и оние големите во Европа? Впрочем тие се оние кои најгласно го фалат починатиот претседател за неговите напори, во Македонија и во регионот, да ги вкорени основните вредности на ЕУ .

Но, на Македонија не и е потребна само пофалба, сега и треба помош за самопомош. Реченицата на Трајковски дека нема супериорни и инфериорни култури и цивилизации не се однесува само на народите во повеќенационална Македонија. Ова важи и за другите народи во Европа. Токму во ова време на глобализација луѓето во модерните високо развиени општества се плашат од терор и насилство. И за нив можеби максимите на Трајковски дека ниту може, ниту смее да се воспостави хиерархиски однос кој едните би ги поставил над другите, би можеле да трасираат пат за поголема толеранција и измирување меѓу народите.

Но, потресите што треба да се сватат како еден вид на присилно будење се пред се наменети на Македонците. Тие не можат само од другите да очекуваат одговорност за нивната судбина, секако не само од ЕУ и НАТО. Трајковски во пракса покажа како може да се постигне нешто и тогаш кога се чини невозможно; така на пример во случајот на меѓуетничките конфликти во 2001. година кога и невозможното стана можно. Треба само да се знае што се сака. Дури и оние кои му се потсмеваа на Трајковски поради неговата наивност и провинцијализам ќе треба да се запрашаат каде тие потфрлиле и што би можеле да научат од Трајковски.

Претседателот на Македонија Борис Трајковски не се прикажуваше провокативно како верник туку живееше во духот на верата. Тој беше еден од ретките политичари што не ги извалка рацете со корупција и мито. Енергијата на чесноста можеби е посилна од законите со кои се спроведуваат реформските процеси. Од овој аспект смртта на македонскиот претседател може да се свати како порака до светот дека долгорочно само чесноста, искреноста и вистинитоста можат да придонесат за благосостојба на луѓето кои живеат во страв и насилство.