1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190409 Fußball Bundesliga

20 април 2009

Кој ќе биде првак? Кој ќе се пласира во еврокуповите? Кој ќе се пресели во 2. лига? Во фудбалската Бундеслига 28-то коло не донесе одговори - врвните тимови победија, ниедна од најзагрозените екипи не освои 3 бода.

https://p.dw.com/p/Habo
Графич (Волфсбург) го постигнува вториот гол против Баер (Л)Фотографија: AP

На шест кола до крајот на првенството, Волфсбург го сочува првото место, но со спортска среќа и со помош на судијата: на домашен терен го совлада Баер Леверкузен со 2 спрема 1, но судијата не досуди очигледен пенал за гостите. Со десеттата последовна победа, Волфсбург го изедначи досегашниот рекорд во Бундеслигата, што од 1987 година го држи Борусија Менхенгладбах. „Ние денеска, без сомнение, среќно дојдовме до победата. Кај тимот се забележува дека сака да даде се’ од себе, но не е навикнат, не му е позната ваква ситуација - да води на табелата. Премлад е за тоа, оттука и минатата недела тешко излеговме на крај, и оваа недела имавме проблеми и ќе ги имаме и во наредната недела“, вели Феликс Магат, тренер на Волфсбург. Тој останува воздржан кога ќе се рече дека неговиот тим е кандидат за освојување на титулата, што би било за прв пат во клупската историја.

Бајерн и Хамбургер „зад петиците“ на Волфсбург

Jürgen Klinsmann frustriert in Wolfsburg
Јирген Клинсман верува дека Бајерн ќе ја освои титулатаФотографија: AP

Во секој случај, Волфсбург ја задржа предноста од три бодови пред Бајерн Минхен, кој како гостин ја совлада Арминија во Билефелд со 1 спрема 0. Резултатот не кажува многу за односот на силите - Бајерн беше доминантен и победата требаше да биде изразена со повеќе голови разлика. Тренерот Јирген Клинсман не губи надеж дека на крајот сепак неговиот тим ќе ја освои титулата: „Се разбира дека сум задоволен што се враќаме во Минхен со три бода. Тие беа многу важни, за да држиме чекор со Волфсбург. Пред нас имаме уште шест натпревари, уште 18 бодови што можеме да ги освоиме. Ние ќе се обидеме да им се доближиме, со надеж дека порано или подоцна ќе ги преминеме на табелата“.

Но, во игра за титулата останува и Хамбургер, кој по вчерашната победа над Хановер со 2 спрема 1, има ист број бодови со Бајерн. Тренерот Мартин Јол за исходот на средбата рече: „Не можам да кажам дека беше незаслужена, но тешко дојдовме до победата“. Со таа оцена се согласи и противничкиот тренер Дитер Хекинг: „Хамбургер заслужено победи, но да не беа головите во првите минути по почетокот на играта, денес можевме и да освоиме нешто овде“. Хановер е на 13-тото место на табелата и не е многу далеку од опасната зона.

Херта и Штутгарт во водечкиот „квинтет“

Merio Gomez Bundesliga
Честитки за Гомес (Штутгарт) - досега во првенството постигна 18 голови, против Келн беше стрелец на сите 3 голаФотографија: AP

По три последовни порази, што ја оддалечија од првото место, Херта повторно победи и ја прави борбата за врвот поинтересна. Херта, со силен финиш, дома во Берлин против Вердер од Бремен направи резултатски пресврт и победи со 2 спрема 1. Тренерот Лисиен Фавр останува реален, како и секогаш: „Денеска можевме и да загубиме, ако Вердер наголемеше на 2 спрема 0. Но, и покрај тоа, победата не беше случајна, екипата покажа карактер. По три порази имавме тежок период, оттука денешната победа е многу важна за сите нас“.

Тренерот на Вердер, Томас Шаф, по натпреварот не можеше да го прежали поразот, оти неговиот тим во голем дел од средбата беше надмоќен: „Денес мораме да се лутиме, оти мислам дека ја контролиравме играта, по водството добивме и повеќе сигурност - пред тоа во нашите редови владееше вистински немир. За жал, не успеавме да постигнеме и втор погодок“.

Марио Гомес во клупскиот дрес на Штутгарт како од шега ги тресе противничките мрежи, за разлика од репрезентативните настапи. Во Келн тоа му успеа дури три пати - така погледнато, самиот го победи домашниот тим. Салдото на Гомес во првенството се накачи на 18 голови и тој му се доближи на голгетерот на Бундеслигата, Бразилецот Графич од Волфсбург, кој досега постигна 22 погодока. Со победата во Келн, Штутгарт се зацврсти во горниот дел на табелата - Волфсбург на врвот има 57 бодови, Бајерн и Хамбургер по 54, Херта 52, а Штутгарт на петтото место 51. Кај тренерот Маркус Бабел нема ни трага од еуфорија: „Со резултатот, се разбира, сум задоволен, од играта во првото полувреме воопшто не. Тогаш игравме ужасно. Во второто полувреме беше подобро. Но, ако мислиме на наредните средби да играме како во првото полувреме во Келн, тогаш ќе биде многу тешко да го одбраниме петтото место, на кое сакаме да останеме и на крајот од првенството“.

Во критичната зона 4 екипи

Fussball Bundesliga 2008 Mannschaftsbild Karlsruher SC
За Карлсруер ситуацијата е критична - можен ли е воопшто спас од испаѓање?Фотографија: picture-alliance /dpa

Екипите зад Штутгарт имаат по пет бодови помалку: Шалке на шестата, и Борусија Дортмунд на седмата позиција, со по 46 бодови, се надеваат на место на меѓународната сцена наесен. Шалке во ова коло без проблеми го совлада Енерги од Котбус со 4 спрема 0, додека Борусија во регионалното дерби како гостин го победи Бохум со 2 спрема 0.

Хофенхајм му гостуваше на последнопласираниот Карлсруер. По возбудлив натпревар, на крајот никој не беше задоволен со нерешениот резултат од 2 спрема 2. Хофенхајм, кој беше есенски првак, сега е на осмо место со 45 бодови, пред Бајер од Леверкузен со 42. Карлсуер останува на последното место со 4 бода помалку од екипите пред него - Енерги и Борусија Менхенгладбах. Борусија во Франкфурт беше поразена од Ајнтрахт со 4 спрема 1 и веќе 4 кола нема забележано победа, па останува во кругот на најзагрозените. Ајнтрахт, пак, дефинитивно се пресели во „златната средина“. Според тренерот Фридхелм Функел сепак нема опуштање: „За нас денешнава е многу важна победа. Во вистински момент повторно ставивме акцент. Но, не сакаме да останеме на ова, туку сакаме и во наредните недели да забележиме уште победи, да освоиме уште бодови. Тимот го знае тоа и во таа насока и ќе работиме“.

Ајнтрахт и Келн имаат по 32 бода. Пред нив, на 10 место е Вердер со 36 бодови, а зад нив веќе почнува групата која мора да мисли на опстанокот во лигата: Хановер има 29 бодови, 14-то пласираниот Бохум 28, Арминија 24, Борусија Менхенгладбах и Енерги по 23 и Карслруер 19.


Автор: Бенјамин Вист, Кале Копс / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска