1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комплициран и комплексен гостин

16 октомври 2009

Од 1976 година на Франкфуртскиот саем на книгата постои програмата за почесен гостин. Секоја година различна земја ја презентира својата литература и култура. Годинава земја почесен гостин на саемот во Франкфурт е Кина.

https://p.dw.com/p/K6f4
Кинескиот штанд на Франкфуртскиот саемФотографија: AP

Кина е горда на нејзината илјадници години стара историја и на тоа дека Кинезите биле првите кои произвеле хартија. Во бројни витрини на кинескиот штанд во Франкфурт може да се види развојот на кинеската култура на пишување. Може да се видат коски со врежани букви, камења и ролни од бамбус, подоцна доаѓа и хартијата и печатот и потоа дигиталната ера со компјутерите и мобилните апарати за читање.

Уметникот Ли Јивеи ја изработи инсталацијата во средината на кинескиот штанд. Неговото дело ја претставува древната Кина во модерен израз: „Се надевам дека луѓето во кинеската култура не ги гледаат само овие црвени лампиони, туку дека кај Кинезите има и модерна уметност“.

За неподобните писатели нема место во Франкфурт

BDT Deutschland Buchmesse Frankfurt China
Фотографија: AP

Токму тоа Јинг Веи сака да го покаже во Франкфурт. Постојано се зборува за хармонија за соединување на контрастите. Но ако се погледа внимателно на кинескиот штанд изгледа дека улога игра и исклучувањето. На ѕидовите висат фотографии на писатели, но очигледно само на оние, кои официјалниот организациски комитет ги смета за подобни. Книжевните гласови како Јан Лианке и Лиао Јиву, не се застапени и не смееја да дојдат на саемот во Франкфурт.

Директорот на саемот Јирген Бос и покрај тоа е уверен дека во Франкфурт ќе има дијалог: „Мислам дека тој делумно ќе се одвива во поединечни ќошиња. Дијалогот не може да биде во преден план зашто позициите се премногу различни. Но постои шанса и знам дека тука на пример ќе се сретнат тајвански писатели со автори од Народна Република Кина. Тие седнуваат заедно и разговараат и се надевам дека нешто ќе приозлезе од тоа.“

И Михаел Кан - Акерман, регионалниот раководител на Гете Институтот во Кина се надева дека на саемот ќе има возбудливи конфронтации. Тој повеќе години живее меѓу Кинезите и смета дека Германците треба да бидат попретпазливи во нивната осуда за земјата - гостин на саемот. „Западното сфаќање за Кина во моментов е прилично изобличено. Тоа е многу површно и малку се совпаѓа со кинеската реалност. Доколку има критички дијалог, тогаш се надевам дека тој ќе биде критички за двете страни а не само за едната.“

Режимот мора да прифати дека Кина се менува од минута во минута

Deutschland Buchmesse Frankfurt 2009 China Stand
Фотографија: AP

Повеќе од 450 различни приредби треба да се оддржат за земјата почесен гостин на саемот во Франкфурт. За половина од нив е задолжен кинескиот организациски комитет, а за другите независни институции и издавачи. На нив ќе учествува и писателот Јанг Лијан. Тој веќе со години живее во егзил во Лондон. Тој нема убави зборови за организацискиот комитет, кој истовремено е највисоката власт за цензура во Кина. „Тие се занимаваат само со идеологија. Тие не прават ништо друго, освен што ја одржуваат во движење пропагандната машинерија. Тие се поинакви од силите кои донесуваат одлуки на лице место, кои имаат одговорност за луѓето. Службата за цензура никогаш нема да се променат, и тие се најтешкиот партнер што може да се замисли.“

И покрај тоа Јанг Лијан е убеден дека Кина натамошно ќе се отвора. Земјата се менува секоја минута и тоа еден ден ќе го прифати и владата: „Мораат. Дали ќе ги прифатат промените или не, тие тоа не можат да го контролираат. Тие сакаат да контролираат но не можат“.

Автор: Петра Ламбек / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска