1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компромис за климата, изненадување од Путин за антиракетниот штит

8 јуни 2007

Во заштитата на климата на самитот на Г8 во Хајлигендам, компромис е процесот да се одвива под закрила на ОН. Путин предложи заеднички антиракетен систем со користење на радарски уреди во Азербејџан, а не во Чешка.

https://p.dw.com/p/ApHm
Компромис за обајцата да си го зачуваат образот: Џорџ Буш и Ангела МеркелФотографија: AP

Во завршната декларација за централната тема на првиот ден од самитот, што треба да биде усвоена денеска на крајот од неговата работа, ќе стане збор за, цитат, “сериозно земање предвид” на целта за преполовување на емисиите на јаглен диоксид до 2050-та година. Преговорите за климата треба да се одвиваат во рамките на ОН, што спротивно на досегашните американски залагања. Ангела Меркел, која како домаќин на самитот ја стави оваа тема во фокусот, беше задоволна.

“Овој компромис е сосем прифатлив. Го сметам за голем напредок, тоа е многу добар резултат. За мене од најголемо значење е дека беше речено оти сето тоа ќе се случува во рамките на ОН и не било кога, туку ќе започне веќе на конференцијата во Бали на крајот на годинава. Значи, за министрите за екологија е ослободен патот за почеток на преговори. Јасно е и дека преговорите мора да завршат до 2009-та година, така што навистина ќе имаме пост-Кјото договор” – рече Меркел.

Американскиот претседател Џорџ Буш се спротивстави на наведување конкретни цели во завршниот документ од самитот, а тој и онака нема обврзувачки карактер. “Мислам дека никој не ќе може да побегне од оваа политичка декларација. Таа е голем чекор напред’ – уверена е Ангела Меркел.

Чекор напред беше направен и во другата спорна тема – антиракетниот штит. Рускиот претседател Владимир Путин на САД им понуди изненадувачки предлог за заеднички штит за противракетна одбрана со радарски постројки во Азербејџан, во соседството на Иран. Со тоа цела Европа би можела да биде заштитена од заканата.

“Прв степен на планот би бил заедничкото користење на веќе постоечките радарски постројки во Габала. За тоа вчера разговарав со претседателот на Азербејџан Илхам Алиев и тој искажа разбирање. Штом некоја земја ќе тестира ракета со долг дострел, на пример Иран, за тоа би дознале Русите и Американците. Од првиот тест до ставање во функција на такви ракети минуваат најмалку три до пет години – доволно време за да се изгради антиракетен систем. Со прифаќањето на рускиот предлог европските земји ќе бидат заштитени врз нив да не паднат остатоци од ракети, оти тие би завршиле в море” – образложи Путин.

Американскиот претседател Буш вака реагираше: “Тој поднесе интересни идеи. Како резултат на нашата дискусија обајцата се согласивме да воспоставиме стратегиски дијалог како можност за размена на идеи меѓу нашите министерства за надворешни работи и за одбрана, како и на воени експерти".

Денеска самитот завршува. Централна тема претпладнево ќе биде помошта за Африка.