1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому му треба атомска бомба во Јужна Африка?

24 октомври 2006

Јужноафриканската Република е единствената земја на светот што своевремено го уништи атомското оружје што го поседуваше. Неодамна владата во Преторија меѓутоа најави дека размислува повторно да почне со збогатување ураниум.

https://p.dw.com/p/AdwF
Јужноафриканскиот Претседател Табо Мбеки
Јужноафриканскиот Претседател Табо МбекиФотографија: AP

Дагмар Витек подготви прилог за тоа, кој и зошто ја снабди Јужна Африка со атомско оружје во минатото и какви амбиции има сегашната влада?

Со оглед на кризите околу Иран и Северна Кореја, примерот на Јужноафриканската Република делува речиси неверојатен. Некоја земја, што е во посед на атомски бомби, своеволно се откажува од таквиот заканувачки потенцијал и го уништува арсеналот најмоќно оружје во светот. Сето тоа се должи на посебните историски околности во почетокот на деведесетите години.

Атомскиот потенцијал на Јужна Африка го создадоа Американците уште во 70-тите години. Тие им ставија на располагање атомски реактор за научни цели, ги обучуваа неклеарните експерти, а им испорачуваа и збогатен ураниум. Сето само поради фактот што Јужноафриканската Република беше тврдина на Западот против комунистичката закана на “црниот континент“. И тоа не поради идеолошки цели, туку стануваше збор за природните богатства од регионот, што му беа неопходни на Западот предводен од САД.

Последниот шеф на режимот на апартхејдот Фредерик Вилем де Клерк во 1991-та година донесе одлука да ги уништи шесте атомски бомби под надзор на Меѓународната Агенција за атомска енергија. Многумина од црните политичарти, кои денеска управуваат со Јужна Африка му префрлаат на белецот Де Клерк дека тоа го сторил само атомското оружје да не падне во рацете на мнозинското црнечко население. Зашто веќе тогаш се назираше пресвртот и крајот на апартхејдот. Де Клерк решително ги демантира ваквите теории:

“Бомбите беа изготвени за наша одбрана. Кога ја презедов власта се измени воената закана за земјата, прво затоа што пропадна комунистичкиот блок. До тогаш Советскиот Сојуз водеше експанзионистичка политика во јужниот дел на Африка. Советите сакаа да дојдат до важните природни богатства.“

Советскиот Сојуз во 70-тите и 80-тите години навистина ги поддржуваше движењата за ослободување од колонијалното ропство во повеќе земји на Африка под екваторот. Намибија, Зимбабве, Ангола, Мозамбик – сите добиваа финансиска, техничка, па делумно и директна воена поддршка од Советскиот Сојуз.

Но, откако ваквата закана ја снема со распадот на комунистичкиот блок, атомското оружје не и‘ беше повеќе неопходно на Јужноафриканската Република. Впрочем, веќе стопанските санцкии против расистичката власт донесоа големи потешкотии во одржувањето и развивањето на атомската програма на земјата. По внатрешно-политичкиот пресврт и вклучувањето на Нелсон Мандела и неговото движење за еманаципација на црнечкото мнозинско население во новата влада, Јужна Африка му пристапи и на Договорот за неширење на атомско оружје:

“Тоа беше одлука со која меѓу другото сакавме да докажеме дека сериозно го сфаќаме пресвртот во земјата. Тој чекор требаше да ни ги отвори и вратите за размена со светот, за да можеме повторно да извезуваме и да ги надминеме тешките последици од санкциите.“

Од тогаш до денес Јужноафриканската Република продолжи само со научни експерименти на полето на нуклеарната енергија. Таа впрочем располага со до сега единствениот нуклеарен реактор на целиот континент. Неодамна во контекст на спорот околу иранската атомска програма, владата во Преторија одненадеж изјави дека размислува за повторно збогатување ураниум – секако во мирнодопски цели. Владата на црнечкото мнозинско население, која постои одвај 12 години, со тоа сакаше да упати соодветен сигнал до западните земји, имено дека слично како и Бразил и Индија во иднина нема да дозволи Западот да и‘ пропишува во колкава мера смее да ја користи атомската енергија.