1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Кому служат црквите и патријарсите?

Еуген Тајзе
17 јануари 2019

Автокефалноста на украинската црква предизвика поделби во православниот свет и влезе во доменот на геополитиката. Но во сето тоа најважното остана запоставено: луѓето и нивната вера, пишува Еуген Тајзе.

https://p.dw.com/p/3BeJi
Ukraine Metropolit Epiphanius
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Lukatsky

Од 6 јануари, кога екуменскиот патријарх Вартоломеј му го предаде на поглаварот на новата православна црква во Украина, Епифаниј таканаречениот томос- акт за автокефалност- овој смел црковно-правен маневар предизвика жестоки реакции. Поддржувачите на црковната независност во Украина ги поместуваат границите на сеирот. Се радуваат на поразот на патријархот Кирил, кој дефинитивно губи контрола над Украина.

Затоа свештениците во Москва се жалат на поделба на светското православие и на патријаршијата во Цариград и ги откажаа заедничките служби со патријаршијата во Константинопол. Политичките набљудувачи пак дебатираат за геополитиката и развиваат теории на заговор сѐ до наводната улога на американските тајни служби.

Во вакво невреме за еден важен аспект едвај да остана простор: за луѓето и за нивната вера. Милиони православни христијани во Украина чувствуваат олеснување. Во прашање се верниците на двете цркви кои пред четвртина век се отцепија на Украинската православна црква верна на Москва и сега го сочинуваат темелот за новата обединета црква. Веруваат дека државната независност на Украина мора да биде проследена со црковна независност. 

Повеќе:

-Лошиот потег на вселенскиот патријарх

-Православната црква и јаболкото на раздорот Украина

-Расколот во православната црква- пораз за Путин

Меѓутоа, од агол на Москва, може да стане збор единствено за автономија. „Отпадниците“ сега се казнети со прогон од православието. Со години беа стигматизирани како „сепаратисти“, нивните крштевки не беа признавани и без оглед колку е силна нивната христијанска вера, од агол на каноните на православната црква немаат право на спасение. Нивното причествување не беше примање на Светата тајна, туку само консумирање на леб и вино на „нелегални собири“.

Мене, како протестант, може да ми е сеедно за сето тоа. Ни папата ниту патријархот немаат битна улога во моето поимање на светот, воопшто не ми е грижа дали другите ги признаваат мојата крштевка и моите молитви. Тоа конечно е моја вера. Па сепак, како христијанин сочувствувам со овие „расколници“. Јасно ми е што е поинаку кај православието - таму, имено, освен Библијата, важен е и легитимитетот на свештениците кој влече корени од Исусовите апостоли.

Provisorisches Kommentarbild Eugen Theise, Deutsche Welle Ukrainisch
Еуген Тајзе, автор на коментарот

Затоа ме радува тоа што украинските православци повторно важат за „легални“ христијани. На патријархот Вартоломеј треба да му се оддаде признание што не ја заврте главата од оваа црковна драма. Протерувањето од христијанската вера на милиони верници од една земја не беше одржливо на долги патеки. Екуменскиот патријарх тоа го препозна најдоцна во 2008 година. Уште тогаш тој водеше интензивни разговори со претставниците на сите три православни групации во Украина. Договорот за автокефалност на православната црква тогаш не пропадна само поради Москва, туку и поради ситните интереси на поединечни украински поглавари.

Оние кои го критикуваат Вартоломеј ја забошотуваат реалноста: најдоцна од војната во Донбас и анексијата на Крим веќе не беше возможна обединета православна црква во Украина под патронат на московската патријаршија. Зошто Украинците би останале верни на црква, која одбива погреб според православните обичаи на многу војници загинати на истокот на земјата? Црква чии свештеници во Донбас долеваат масло на огнот на вооружениот конфликт и ја поздравуваат руската анексија на Крим. Анкетите покажуваат дека мнозинството Украинци веќе не сака да биде дел од империјата под контрола на Москва - ни политички, ниту црквено.

Во патриотскиот занeс Украинците сега влегуваат во опасност да се однесуваат еднакво арогантно како руската страна. Им аплаудираат на своите политичари на евтиниот популизам и грубото мешање во црковните работи. Тие, да речеме, со закон ја обврзаа Украинската црква под патронат на Московската патријаршија да се преименува во „Руска православна црква“,

Поглаварот на новата црква, митрополитот Епифаниј дури е и вклучен во изборната кампања на претседателот Петро Порошенко. На плакатите е рамо до рамо со него. Некои свештеници добиваат ордени за таканаречени „патриотски заслуги“. Тоа е опасна игра која покажува дека томосот се политизира на украинска страна. Луѓето и нивната вера - значи она за што црквата и постои - за жал сѐ повеќе се запоставени.