1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кому ќе му биде студи?

Лилиа Гришко
16 февруари 2017

Во Украина е студено. Нема испорака на јаглен од истокот на земјата кој е под котнрола на проруските сепаратисти. И тоа не поради сепаратистите, туку поради украинските борци, кои ја блокираат пругата.

https://p.dw.com/p/2XfVo
Ukraine / Mine / Grubenunglück / Donbass
Фотографија: Reuters

Украинците мораат да се подготват за период без струја и ладни станови. Членови на владата предупредуваат дека нема доволно енергија, особено во регионите Доњецк, Дњепропетровск, Киев и Харков. Таму има електрани кои работат на јаглен, но тој досега се носеше од подрачјето на источна Украина кое не е под контрола на украинската влада. „Нема алтернатива за тој јаглен. Многу сум загрижен за тоа, затоа што некој очигледно се радува поради тоа што на Украинците ќе им ја укинат струјата“, изјави премиерот Володимир Гројсман за една украинска телевизија.

Кон крајот на декември, ветераните на двата украински баталјони со доброволци „Донбас“ и „Ајдар“ најавија блокада на самопрогласената „Народна Република Доњецк и Луганск“. Причината за тоа беше неуспешната размена на заробеници меѓу кои имаше голем број припадници на овие баталјони. Прво беа блокирани пратките на индустриски добра во споменатите подрачја под контрола на проруските сепаратисти, а кон крајот на јанури започна и блокада на една важна железничка пруга со која јагленот од деловите на Донбас кои не се под контрола на Киев се транспортираа во остатокот на Украина. Ветераните бараат да се сопре трговијата додека не се оствари размената на затвореници.

Намалување на потрошувачката на јаглен

„Имаме уште 927.000 тони јаглен кој се добива од антрацит. Кога сѐ е замрзнато, трошиме 40.000 тони дневно. Залихите мора итно да бидат надополнети“, изјави украинскиот министер за енергија и јаглена индустрија, Ихор Насалик, на една од седниците на кризниот штаб за енергетика. Тој ѝ препорача на владата да прогласи вонредна енергетска состојба.

Всеволод Ковалчук, директор на државниот енергетски концерн Укренерго смета дека залихите на јаглен, во зависност од временските услови, ќе бидат доволни за наредните 14 до 28 денови. Поради тоа, и тој смета дека треба да се прогласи вонредна состојба во енергетскиот сектор. „Тоа би ни овозможило во секое време да го прекинеме производството на струја, да го намалиме или повторно да го зголемиме“, изјави Ковалчук. Со таквите мерки, преостанатите залихи на јаглен би можеле да се распоредат за користење во следните 30 до 40 денови – додека не заврши грејната сезона.

Atomkraftwerk bei Saporoschje Ukraine Archivbild
Во Запорожје, источна Украина, се наоѓа најголемата атомска централа во ЕвропаФотографија: cc-by-2.0/Ralf1969

Алтернативна нуклеарна струја

Стручњаците критички гледаат на таквите предупредувања. Тие укажуваат дека во Украина се произведува доволно струја за да можат да се компензирааат прекините во работата на електраните на јаглен: „Нашите атомски електрани не работат со полн капацитет: два блока се на резерва. Имаме дури и повеќе капацитет, а треба да се додадат и двата гигавати кои претходно беа дистрибуирани во Крим“, објаснува за ДВ, експертот по енергетика Олех Кошарн. Тој смета дека хидроелектраните, поради зимата во која наврна повеќе снег, можат да произведат повеќе енергија и на тој начин да се надоместат недостатоците кои се предизвикани од прекинот во снабдувањето со јаглен.

Благодарение на тие капацитети, на украинските потрошувачи не им се заканува недостиг, смета Денис Саква, стручњак за енергетика во украинската фирма Драгон капитал: „И кога во енергетскиот сектор би била воведена вонредна ситуација, населението не би го почувствувало тоа“.

Политички игри на моќ

Вонредни мерки во енергетиката во Украина беа воведени уште во 2014 година, но тогаш не се креваше толку врева како сега, вели Виктор Лохацки од киевскиот истражувачки центар Разумков. Тој смета дека владата, заканувајќи се со вонредна ситуација, всушност сака да изврши притисок врз ветераните од баталјонот на доброволците. „Сакаат да ги примораат да се откажат од блокирање на железницата – доколку не биде постигната согласност, не ја исклучувам можноста за насилно решавање на проблемот“.

И политичарите се согласувааат со оценките на експертите. Оксана Сиројид, заменик претседател на парламентот смета дека владините изјави за намалувањето на залихите се „манипулаторски“. „Знаевме дека на тој начин сакаат да извршат притисок на оние кои ја држат блокадата. Но, во реалноста залихите во електраните се многу поголеми“, изјави Сиројид на прес-конференција во Киев. Таа истовремено нагласи дека Украина не смее да стане зависна од испораката на јаглен од регионите кои не ги контролира Киев.