1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кондолиза Рајс во петдневен престој на Блискиот исток

15 октомври 2007

Американскиот државен секретар сака да им помогне на израелската влада и на палестинското раководство да ги надминат разликите околу заедничката платформа за претстојната конференција за Блискиот исток во ноември во САД

https://p.dw.com/p/Br5p
Кондолиза РајсФотографија: AP

Задачата што си ја постави Рајс не е едноставна, оти обете страни имаат спротивставени очекувања од конференцијата во Анаполис, во сојузната држава Мериленд. “Ние сакаме држава во границите од 1967-ма година, тоа значи на Западниот брег и во појасот на Газа, севкупно 6205 квадратни километри.Тоа е државата што ни ја вети меѓународната заедницаи за која се решија и претседателот Буш и САД” – вели Махмуд Абас, претседател на Палестинците. Тоа би значело целосно повлекување на Израел од териториите што ги освои во таканаречената шестдневна војна.

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт вербално е подготвен на далекусежни компромиси, но нив не ги дефинира, туку востанови преговарачка група на чело со министерот за надворешни работи Ципи Ливни, која преговара со соодветна група од палестинска страна. Олмерт посакува во Анаполис по можност да биде усвоена незадолжителна декларација за принципите. “Важно е дека нашиот дијалог со Палестинците е одмерен, претпазлив, се води со обѕири и не доведува во состојба на конференцијата да постигнеме заедничка изјава” – вели Олмерт.

Палестинците, пак, се стремат кон донесување временски задолжителен план на патот кон мирот со решенија за сите спорни прашања: дефинитивните граници на идната палестинска држава, иднината на еврејските населби на окупираните подрачја, враќањето на палестинските бегалци во татковината и секако најтешкиот проблем – поделбата на Ерусалим. На овие прашања пропадна конференцијата во Кемп Дејвид пред 7 години. Кондолиза Рајс, свесна за тешката мисија, уште на пат кон Тел Авив предупреди од очекувања за пробив.

Ханс-Јоахим Визе