1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коневска: “Цел ни е отворање преговори за членство во ЕУ во 2007-ма“

Горан Петрески20 септември 2006

Интервју со македонската вицепремиерка Габриела Коневска Трајковска. Разговорот го водеше Горан Петрески

https://p.dw.com/p/AdcB
Македонскиот парламент треба да донесе уште 350 закони
Македонскиот парламент треба да донесе уште 350 закониФотографија: aptn

Госпоѓо Коневска, се вративте задоволни од вашата прва официјална посета на Брисел, а од друга страна делегација од Директоратот за проширување од Македонија си замина со куп забелешки. Чии впечатоци се нереални?

Коневска-Трајковска: “Мислам дека впечатоците се во идеална корелација, затоа што она што ние го позициониравме во ЕУ со првата посета е да се презентираат политичките ставови и политичките заложби и нашата лична посветеност на процесот на реформи и поставувањето на приоритетите на ЕУ и НАТО, како едни од првите прашања на кои што се посветува владата на Република Македонија. Имено, отворени беа неколку прашања кои што се однесуваа на процесот на проширувањето, прашања кои што се однесуваа на подготвувањето на капацитетите во РМ, во однос на исчекорите кои што не очекуваат натаму, првенствено преговорите со ЕУ и се разбира позиционирањето на ставовите за приоритетите во однос на процесот на европска интеграција.“

Дали новата влада има кадровски потенцијал и политички капацитет за темпото на реформи кое го диктира Европа?

Коневска-Трајковска: “Секако. Ние тоа го кажавме и практично ќе го преточиме во програмата за 2007 година, затоа што ако тоа го немавме немаше ниту да се зафатиме со оваа работа. Под кадровски потенцијал не го разбираме само оној кој што е во рамки на владата, бидејќи извршната власт е само еден сегмент од сето ова. Ние сакаме да ги користиме потенцијалите на целокупниот интелектуален, експертски круг и воопшто невладиниот сектор и на сите оние кои што можат да придонесат во процесот на евроинтеграција.“

Испровоциравте реакција на Брисел со кадровските смени и смената на административците кои биле вклучени во реформите кои што ги диктира Европа и кои ги финансира ЕУ. Зошто дополнително го расипувате впечатокот пред Европа, само заради задоволување на партиските интереси, односно за вработување на партиските кадри?

Коневска-Трајковска: “Не би се согласила дека впечатокот е расипан, затоа што коментарите кои што следуваа не одеа во правец на индивидуална одбрана, затоа што ЕУ не се базира на индивидуи, односно на позиционирањето или на бранењето на нивните ставови. Едноставно, интересот е да се зачуваат институциите и да се зачува принцип на континуитет. Позицијата на владата по однос на овие прашања беше дека во оние институции за кои што се има сериозни или основани сомневања дека имале, или пак според различни анализи, се ставени на листата на најкорумпирани, или каде што имало проблем со корупција, криминал или резисентност кон реформите, дека таму ќе се сака да се има еден изразен дисконтинуитет. Тоа значи, дека не само што ќе треба да се променат челниците, туку треба да се промени системот, методологијата или пак ако милувате, матрицата, начинот на работењето и пристапувањето кон реформите. Знаете, ако сакате да имате една програма која што сакате да ја имплементирате, доколку наидувате на резистентност од страна на оние кои што треба да ја применуваат, или пак, тие институции постојано се ставани на нечија агенда дека се први по однос на корупцијата, тука веќе не можете да имате милост. Претпоставувам дека реализираните потези кои што се направени ќе родат со резултати и ќе се покаже дека се има системски приод кон борбата со корупцијата и воопшто резистентноста кон реформите. “

Како да се уверат евроскептиците дека Македонија и треба на ЕУ? Што има земјата да им понуди на Европејците?

Коневска-Трајковска: “Само со добра промоција, затоа што Република Македонија како една лулка, да речеме, на цивилизацијата е една од земјите кои што можат да ги промовираат своите национални богатства и воопшто предности, а ова можат да го сторат со промовирање и една добра ПР-стратегија. ПР-стратегија внатре и ПР-стратегија надвор од државата. За да презентирате нешто добро надвор од државата, прво мора да сторите нешто добро со себе. Тоа значи максимално да се фокусирате на процесот на реформи за да можете да аплицирате една таква енергија и еден таков систем и надвор. Македонија има сериозен подем во однос на препознавање на културните вредности. Треба да направиме само нивно промовирање.“

Каде Европа ќе го најде интересот?

Коневска-Трајковска: “Европа секако ќе го најде интересот во потенцијалот што може да го нуди Република Македонија. Ако имаме конкурентно организирано стопанство, ако имаме отворен пазар, и се разбира ако имаме поволна клима за странски директни инвестиции, кои што би значеле се разбира заштита на интересите на инвеститорите, почитување на правата на сопственоста и се разбира минимизирање на корупцијата на едно подносливо, нормално ниво, во процент кој што постои во останатите земји во ЕУ, би имале што да понудиме.“

Зошто Македонија 15 години не може да обезбеди пасош каков што бара Европа?

Коневска-Трајковска: “Политичките критериуми се едни од сериозните прашања кои што сеуште не се затворени за РМ, односно тие критериуми во одредени сегменти треба да ги надополниме. Едно од прашањата е ова што го споменавте – безбедни патни исправи, односно лични документи кои што се обезбедени со биометриски или податоци, кои што не би можеле лесно да се фалсификуваат. Имаше тендер кој што неславно почна, па имаше повеќе коментари во однос на ова прашање. Мислам дека треба да се направи подем напред. Формално, правниот елемент е многу важен, но знаете како е – ефектите некогаш се многу подобри за да покажат исчекор напред, затоа што ова е еден од предусловите за олеснување на визниот режим, односно за либерализација. “

Си поставивте ли рок до кога тоа да го завршите за да се олесни визниот режим и кога очекувате да се случи тоа?

Коневска-Трајковска: “Тука има неколку амбициозни рокови, затоа што тоа не зависи само од обезбедувањето патни исправи кои што би биле резистентни на фалсификување. Покрај безбедните патни исправи треба да имаме електронско поврзување на граничните премини и вториот елемент се Договорите за реадмисија. Овие три услови се буквално услов без кој што не се може, ако се сака да се постигне либерализација на визниот режим. Премиерот беше амбициозен и овие задачи ги постави пред надлежните министри – министерот за надворешни работи, министерот за внатрешни работи и верувам дека наскоро и ова треба да вроди со резултат.“

Зошто многу земји од регионот ја претркаа Македонија на патот кон ЕУ? Дали Македонија е жртва на неспособноста на сопствените политички елити или пак е колатерална штета на случувањата во регионот?

Коневска-Трајковска: “Ова прашање може да се гледа од два аспекта. Првиот е – точно е Македонија не може да се гледа како самостојна, изолирана единка. Ние егзистираме и постоиме во регионот на ЈИЕ, односно на Западен Балкан – дефинитивно има и позитивно и негативно влијание на случувањата. Како што тие емитираат кон нас, така и ние емитираме кон нив. Тоа е значи факт кој што не можеме да го пренабрегнеме. Не би рекла дека е ова поради политичките елити. Повеќе би претпоставила дека е еден ментален принцип на приоѓање кон процесот на реформи. Македонија долго време се наоѓа во процесот на транзиција. Тоа ги истошти очекувањата и стремежите на нашите граѓани. Мислам дека оваа влада сега има една историска улога за да може да се посвети и да донесе нов тип на пристапување кон процесот на реформи и пристапувањето кон истите. Ако не го сториме ова, казната, односно непрепознавањето на вредностите на резултатите, многу брзо ќе ја стигне и оваа влада. “

Се добива впечаток дека тој процес со години наназад го кочи некој одвнатре. Некому му одговара незавршена транзиција.

Коневска-Трајковска: “Во право сте. За жал негативен нус-производ во еден процес на транзиција секако се и олигарсите. Тоа се олигарси од различни елити, кои што сакаат на темен начин да го управуваат процесот на транзицијата, бизнисмени или политичари, или се тоа квази-интелектуалци, квази-експерти или квази- невладини организации. Тие на различен начин сакаат да бидат катализатор. Сите тие во еден систем кога не се утврдени сеуште демократските правила на игра можат многу лесно да егзистираат. Мислам дека сега ова е позиција каде што дел од овие прашања се претежно решени затоа што нормативниот сегмент и функционирањето на демократскиот систем во Република Македонија е горе-долу затворен. Сега, нормално, останува “добрата пракса“. Знаете, некои земји велат и сто години да вежбате демократија, не можете едноставно да кажете дека сте демократска држава. “

Како членството на Бугарија и Романија во ЕУ од први јануари идната година ќе влијае врз интеграцијата на Македонија?

Коневска-Трајковска: “Исклучително позитивно. Тоа се соседни држави и тоа може многу да и помогне на Македонија. За една држава претставува чест и гордост на својата граница да има членка на ЕУ. Ние можеме да искористиме дел од нивните искуства кои што ги имаат во процесот на евроинтегрирање. Бугарија, да речеме, покажа импозантни и сериозно добри резултати во реформата на земјоделскиот сектор, во однос на привлекување директни странски инвестиции, во однос на катастарот, на реформи кои што се однесуваат претежно на економијата, додека Романија, пак, да речеме испрати позитивен сигнал во однос на борбата против корупцијата и организираниот криминал. “

Рековте дека сте многу амбициозни. Си поставивте ли рок – до кога Македонија ќе може да ги исполни сите услови неопходни за членство во ЕУ?

Коневска-Трајковска: “Не е тајна дека наша цел за отворање на преговорите е 2007 година. Не е тајна дека 2010 година е година кога сакаме да го заокружиме процесот на хармонизирање на законодавството на Република Македонија и на законодавството на ЕУ. Во овој сегмент, од 2006 до 2010 година треба да донесеме 350 закони и 1 400 подзаконски акти. Потоа доаѓа процесот на имплементација, кој вообичаено трае 2-3 години. Ако ги согледате овие позиции тогаш ќе дојдете и до крајниот став – кога е полноправното членство на Република Македонија во ЕУ.“