1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно-кој бил кодош?

1 септември 2009

Носителите на јавна функција во Македонија од денеска до 30 септември треба да поднесат изјава заверена на нотар дека не биле соработници на тајните служби до Комисијата за верификација на фактите.

https://p.dw.com/p/JN19
Фотографија: dpa/picture-alliance

Партиски ветеран на СДСМ кој се‘ уште е активен на политичката сцена, во телевизиска дебата пред една деценија беше обвинет дек бил соработник на југословенските тајни служби. Еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ во раните 90-ти години беше сменет од висока партиска функција, оти бил кодош за специјалните служби на Македонија и екс - федерацијата. Но, тогаш ниту имаше закон, ниту политичка волја тие да бидат елеминирани од активната политичка сцена. Формираната комисија за лустрација конечно ќе има своја материјална содржина за работа. Дали и кој од актуелните македонски политичари бил кодош на службите, ќе се знае откако од денеска до крајот на септември врвни функционери ќе мора да поднесат нотарска изјава дека не биле соработници на тајните служби.

„Дефинитивно доста веќе се мачевме, размислувајќи и озборувајќи ги луѓето, да видиме сега кој бил кодош,“, изјави Агим Мехмети, прв претседател на Комисијата за лустрација, која на секои шест месеци на своето чело има еден од 11-те избрани јавни личности од страна на Собранието, но на јавен конкурс.

Mazedonien Skopje
Скопје: конечно ќе се знае кој се‘ соработувал со државните органи за безбедностФотографија: PETR STOJANOVSKI

Непристапни информации и архиви

Откако 230 министри, пратеници, градоначалници, но и претседателот на државата, претседателот на парламентот и премиерот ќе достават лична изјава, Комисијата за лустрација ќе има право да бара дали некој од нив бил тајно информатор на полицијата и од идеолошки причини ги дискредитирал своите противници. Од АСНОМ досега се претпоставува дека има формирано над 15 илјади полициски досиеја, со околу 30 илјади кодоши, кои не биле професионалци, туку регрутирани од јавниот живот.

.Комисијата за утврдување на фактите во прочистувањето на досиејата ќе се соочи со блокада, поради недостапноста на информациите што се слевале во УДБА, КОС, тајните служби на поранешната федерација, каде се чувани досиејата од Втората светска војна па досега. Кога пред две години беше донесен Законот за лустрација, тогашниот претседател на собранието, Љубиша Георгиевски, прочита исповед на еден истакнат албански интелектуалец, Шптим Положани, кој седум години беше во затвор, малтретиран од страна на тајната полиција по информациите од неговите кодоши.

„Бев приморан три дена и три ноќи да стојам на нозе, бев врзан за радијатор, пцуен, понижуван и што не друго.“

Синоним за жртва на тоталитарниот режим и репресијата беше Методија Андонов Ченто, прв претседател на АСНОМ, чии граѓански погледи не беа по волја на белградските и скопските комунисти. Започнувањето на постапката за лустрација не ја возбудува многу македонската политичка јавност, иако меѓу соработниците на тајната полиција биле или се и членови на МАНУ, уметници и писатели, новинари.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска