1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конклавата одлучува за новиот папа

Бернд Ригерт/Б. Георгиевски12 март 2013

Денеска почнува изборот на следниот поглавар на Римокатоличката црква на конклавата која ја сочинуваат 115 кардинали од целиот свет. Правилата за кардиналите се ригидни, но креветите во кои спијат, сепак се удобни.

https://p.dw.com/p/17vJv
Фотографија: Getty Images

Да беше хотел, Куќата на Света Марија во близина на катедралата на Свети Петар немаше да добие повеќе од три ѕвездички. Ватиканската гостинска куќа има 105 апартмани и 26 единечни соби кои се удобно уредени, иако телефоните, телевизорите, радијата и компјутерите во меѓувреме се отстранети. Гостите, 115 кардинали од целиот свет, не смеат да контактираат со надворешниот свет почнувајќи од денеска. Оваа забрана вклучува и комуникација со најблиските соработници и со членови на семејството.

Тајност

На кардиналите им е дозволено да комуницираат само меѓусебно. Единствена опција за релаксирање им е читањето книги. Кардиналите мораат строго да се придржуваат до тајноста додека не го изберат следниот папа. Доколку ги прекршат правилата им се заканува екскомуникација од Католичката црква. Забраната вклучува и користење на Твитер.

На патот од гостинската куќа до Сикстинската капела, каде се одржува собирот, кардиналите се придружувани и не смеат да имаат никаков контакт со безбедносните служби или со службениците во Ватикан. Затоа и не е изненадување што кардиналите не смеат да носат мобилен телефон, таблет-компјутери или други електронски направи. Сепак, црковните великодостојници не се предмет на физичка контрола.

Konklave beginnt Kardinal Karl Lehmann
Кардиналот ЛеманФотографија: AFP/Getty Images

Тајната постапка за избор започнува со процесија во Сикстинската капела.

„Таму нема дискусија, туку само молитва. Тоа можеби звучи чудно, но при овој избор се работи за тоа кого Бог ќе одбере“, ја објаснува атмосферата австрискиот кардинал Кристоф Шенборн.

„Во краен случај, некој може да си дошепнува со некого во близина. Нема целосна тишина, но нема ниту разговор“, додава кардиналот Карл Леман, бискуп на Мајнц.

Црн чад и бел чад

На првиот ден има само една рунда гласање. Вториот ден се одржуваат четири рунди. Кардиналите седат на долги клупи поставени покрај маси и на ливче хартија го пишуваат името на оној кој го избрале. Од нив се бара да го прикријат својот ракопис со тоа што малку ќе го изменат, но сепак треба да пишуваат читливо. Контролорот на гласањето, кардиналот Тарчисио Бертоне потоа го повикува секој кардинал поединечно да го стави своето ливче во голема урна. Правејќи го тоа, секој кардинал треба да изјави дека гласал за личноста за која верува дека Бог ја избрал.

По гласањето, кое трае околу еден час, гласовите на глас ги читаат тројца случајно одбрани кардинали. Ливчињата потоа се прободуваат со игла и се ставаат во нишка пред да бидат запалени. Доколку ниту еден кандидат не го добие потребното двотретинско мнозинство (77 од 115 гласови), покрај ливчињата се става и малку катран. На тој начин од оџакот потоа излегува црн чад, кој укажува дека папа не е избран. Но, доколку има мнозинство, се ставаат специјални хемикалии кои го прават чадот бел.

Konklave-Vorbereitungen Schornstein für Papstwahl montiert
Последни подготовки во Сикстинската капелаФотографија: picture-alliance/dpa

Откако некој кардинал ќе биде избран, тој мора да ја прифати највисоката функција во црквата. Потоа му се облекува новата формална облека, а 45 минути подоцна новиот папа и кардиналите се појавуваат на балконот на базиликата Свети Петар и го претставуваат новиот папа.

Во 2005 година еден службеник во Ватикан преку Твитер го објави името на новоизбраниот папа уште пред да бидат изговорени славните зборови „Habemus papam“ од балконот.