1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контроверзи околу обрежувањето на момчињата во Германија

Кристине Елзасер/Александар Методијев3 септември 2012

Муслиманските и еврејските родители се огорчени. Тие сакаат да можат да продолжат легално да ги обрежуваат децата во Германија. Сојузната политика доби критики, а сега сака да создаде правна сигурност.

https://p.dw.com/p/16042
Фотографија: picture-alliance/dpa

Булент Килич секоја недела ги носи синовите со себе во џамија во Берлин. Тој сака да им покаже на Јасин и Фатих што значи нивната религија. За него се подразбираше дека треба да ги обреже своите синови. Тоа е знак за припаѓање кон исламската заедница.

Булент Килич е доктор. Обрежувањето за него претставува непроблематична рутинска операција. Кога Фатих и Јасин беа на две и три годишна возраст, тој отиде со нив во една ординација.

„Тоа не траеше долго. Можеби половина час. Потоа имав еден или два дена болки, но потоа исчезнаа“, вели ученикот Јасин Калич.

„Јас сум одговорен за моите деца. Јас одлучувам за многу работи – дали тие нешто смеат или не смеат. Во оваа смисла, ова за мене не е ништо поразлично“, вели таткото Булет Килич, кој по професија е хирург-трауматолог.

Sitzung des Ethikrates in Berlin
Протести против обрежувањето во БерлинФотографија: dapd

Слобода на родителите?

До сега родителите муслимани самите одлучуваа што е најдобро за нивното дете. Но, откако пресудата на суд во Келн приватното го направи јавно, критичарите се противат на оваа слобода на родителите. Според мислењето на докторите, како Хорст Грос, тие со тоа повредуваат многу повисока слобода – онаа на детето за телесен интегритет.

„Родителите немаат право да располагаат со телото на детето. Тоа не може. Тоа едноставно не може. Ова е елементарно право, уставно право, кое тука важи за сите. Ова исто така е дел од уставот, кој поради добра причина е непроменлив“, смета анестезиологот Хорст Грос.

Секоја операција, вели Хорст Грос, мора да има медицинско значење, мора да го избегне страдањето на човекот. Тој смета дека обрежувањата ќе им создадат страдања на децата, и тоа не само кога се изведени без анестезија.

„И ако тие се изведат со локална анестезија, секако дека им предизвикуваат одредена траума на децата, а секако дека тие потоа имаат траума и од болката“, објаснува Грос.

Секој да одлучува за себе

Тој бара секој да може самиот да одлучи – дали сака да биде обрежан или не, и тоа кога ќе биде полнолетен.
Но, посебно за Евреите временскиот момент на обрежување не е за преговарање, поради стриктно пропишана религиска заповед.

Symbolbild religiöse Beschneidung
Фотографија: dapd

„За обрежувањето е запишано: Бог рече – ти го дадов овој син и ти треба да направиш поврзаност на твојот син, меѓу мене и него, за осум дена“, вели еврејскиот рабин, Ројвен Јакобов.

Само кога момчињата се обрежани добиваат свое име и се наоѓаат под заштита на нивниот Бог. Забраната за тоа за рабинот Ројвен Јакобов е незамислива работа.
Правото да се живее својата религија, родителите слободно да одлучуваат, децата да се заштитат од страдање – сето тоа е заштитено со германскиот устав. Сега политиката мора да одлучи - кое право стои едно над друго.