1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

IAEA Atombombe Iran Nordkorea

26 март 2009

Меѓународната агенција за атомска енергија избира наследник на досегашниот шеф, Мохамед Ел Барадеи. Тој цели 12 години се соочуваше со кошмарот за стремежот на автократските режими за поседување на атомско оружје.

https://p.dw.com/p/HJU2
Седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија во ВиенаФотографија: AP

Северна Кореја, според сопствени наводи, веќе поседува атомска бомба, Иран пак е осомничен дека под плаштот на цивилната атомска програма се обидува да создаде бомба. Улогата на Барадеи и на неговата агенција во однос на стремежот на овие две држави со автократски режим секогаш беше ограничена од политиката.

Во меѓувреме, Барак Обама ја пружи раката. Новиот американски претседател сака по мирен пат да го реши спорот околу атомската програма на Иран. Тоа јасно го покажа со неговата видео-порака по повод иранската Нова година, минатата недела.

„САД сакаат, исламската република Иран да го заземе нејзиното заслужено место во заедницата на народите. Иран има такво право, но тоа е проследено со реална одговорност. Ова место не може да се достигне со терор и оружје, туку преку мирољубиви постапки, постапки што ја претставуваат вистинската големина на иранскиот народ.“

Барадеи: „Неопходна е соработка од страна на Иран“

El Baradei scheidet aus dem Amt
Мохамед Ел Барадеи- по цели 12 години го напушта водечкото место во агенцијатаФотографија: picture-alliance / dpa

Пораката на Обама исто така претставува признание дека досегашната политика на конфронтација на САД кон Иран се наоѓа во ќорсокак. Американците и Европејците го обвинуваат режимот во Техеран дека под плаштот на цивилната употреба на нуклеарната енергија работат на создавање атомско оружје. За разлика од нив, Русија не гледа знаци за создавање на воена атомска програма во Иран.

Исто така и контролите на Меѓународната агенција за атомска енергија досега не донесоа сознанија околу карактерот на иранската атомска програма. Нејзиниот генерален секретар, Мохамед Ел Барадеи, го објаснува тоа со недоволната соработка на Иранците: „За да се постигне напредок за ова прашање, Иранците конечно мораат да ни обезбедат пристап до неопходните информации, места и личности“, порача Барадеи.

Само така би можело да се изгради доверба во мирнодопската природа на иранската атомска програма и да се надмине актуелната блокада.

Меѓународната агенција за атомска енергија поаѓа од тоа дека Иран и покрај санкциите на Советот за безбедност на ОН и натаму збогатува ураниум. Ниско збогатениот ураниум се употребува во цивилните нуклеарни централи. Наспроти тоа, високо збогатениот ураниум може да се користи во создавање на атомски бомби.

Северна Кореја играше „мачка и глушец“ со светот

Iran Uranaufbereitungsanlage in Isfahan
Спорната иранска постројка за збогатување ураниум во ИсфаханФотографија: AP

Според сознанијата на американските тајни служби, Иран засега не поседува високо збогатен ураниум. Иранското раководство постојано демантира дека се стреми кон создавање атомско оружје и опстојува на правото за мирнодопско користење на атомската енергија.

Многу набљудувачи веруваат дека Иран игра на време и порано или подоцна ќе успее да создаде бомба. Конечно, нуклеарното оружје значително ќе го зголеми потенцијалот на оваа земја за воено затрашување. Покрај тоа, би го штитело и режимот од обиди за негово соборување однадвор.

Пример за ваквата тактика е Северна Кореја. Со години режимот во Пјонгјанг си играше „мачка и глушец“ со меѓународната заедница и со ИАЕА. На моменти Северна Кореја соработуваше со контролорите на агенцијата, а на моменти ги протеруваше од земјата. Конечно во 2006 година, Пјонгјанг го шокираше светот со соопштението дека тестирал атомска бомба.

Иако постојано се искажува сомневање за статусот на Северна Кореја како атомска сила, сепак заканувачкиот потенцијал на земјата со таа објава значително се засили.


Автор:Нилс Науман/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев