1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Концентрацијата на јаглерод диоксид е алармантна

Волфганг Штуфлесер / Елизабета М.Фиданоска11 мај 2013

Вредностите на јаглерод диоксид се највисоки во последните два милиона години. Американските истражувачи соопштија дека најстарата мерна станица на Хаваи измерила 400 честички на милион (ppm).

https://p.dw.com/p/18W58
Фотографија: picture-alliance/dpa/Oliver Berg

Мерењата покажуваат вредност од 400 ppm, што значи од еден милион честички во воздухот, 400 се јаглерод диоксид, гас кој според многу научници е одговорен за промените на климата. Накусо - колку повеќе јаглерод диоксид во атмосферата, толку потопло на Земјата. Рекордните вредности се измерени во Мауна Лоа, на Хаваи, каде концентрацијата на јаглерод диоксид во воздухот се мери повеќе од 50 години. Пред половина век вредностите беа 315 ppm, а во меѓувреме тие се повисоки за две единици секоја година, што значи растат сто пати побрзо отколку на крајот на леденото доба на Земјата. 

Американскиот научник кој ја истражува климата Мајкл Мен, од Пен Стејт универзитетот, е загрижен. Таков голем пораст на вредностите на јаглерод диоксид немало во досегашната историја на Земјата. Живите суштества можат да се прилагодат на промени кои се случуваат полека, но при вакви брзи промени тоа не може да се очекува. Науката смета дека ваква концентрација на јаглерод диоксид во атмосферата последен пат имало пред два милиона години. Тогаш на Земјата било потопло, речиси и немало мраз, а нивото на морињата било повисоко за повеќе десетици метри.

Erde am Abgrund Symbolbild
Фотографија: Fotolia/Matthias Haas

Вредностите на јаглерод диоксид се менуваат во текот на годината - тие во мај се највисоки, а потоа опаѓаат во текот на летото поради тоа што дрвјата и другите растенија во својата зелена фаза претвораат големи количества јаглерод диоксид во кислород.