1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Концерните профитираат од „халал“ пазарот

27 август 2010

За муслиманите во светот ова се денови на рамазанскиот пост. Од зора до зајдисонце тие се воздржуваат од јадење и пиење. Но, и на ифтарот, тие мораат да консумираат прехранбени производи кои се „халал“, или „дозволени“.

https://p.dw.com/p/Oubl
„Халал“ стандардите станаа синоним за квалитет во муслиманскиот светФотографија: picture alliance / dpa

Во воведувањето на „халал“ стандардот повеќе големи концерни за прехранбени производи видоа енормен пазарен потенцијал, а и германските претпријатија сакаат да го освојуваат тој пазар во подем.

Во турското маало во квартот Санкт Георг во Хамбург муслиманите-верници можат без грижа да пазарат. Месото, на пример, потекнува исклучиво од претпријатија во кои колењето на стоката се одвива според строгите правила на исламот. Во германските супермаркети такви продукти се’ уште ретко се среќаваат.

Halal Lebensmittel in Berlin Moabit
Супермаркет кој продава производи по „халал“ стандардФотографија: picture-alliance/ dpa

„Колку ви е важно да купувате ’халал‘ производи“?

„Многу важно. Кај нас ’халал‘ е многу важен“.

„Во продавници што не ги познавам, не одам да купувам, оти не знам дали се нуди според ’халал‘ “.

Во Германија живеат 4 милиони муслимани и бројката расте. Со тоа расте и интересот за идните муштерии. На пример, кај фирмата „Рикер“ од Источна Фризија, која произведува сирење. Таа пред две години се здоби со право врз производите да става знак дека се „халал“. Оттогаш фирмата еднаш месечно го запира редовното производство и неколку денови произведува „оба“, вид сирење подготвено според строгите муслимански прописи.

Deutschland Verbraucher Preise Milch Käse
Некои фирми го запираат за одреден период вообичаеното производство заради „халал“ продукцијаФотографија: AP

„Кога ни претстои ’халал‘-продукција, млекото како суровина за сирењето, го складираме одвоено, а точно знаеме и дека тоа млеко доаѓа само од производители кои на фармата или во шталата воопшто не држат свињи“, објаснува Торстен Шмиц, раководител на производството во фирмата „Рикер“.

Голем раст на „халал“ пазарот

Освен тоа, „халал“-производството претпоставува и особено строги хигиенски прописи, па постројките се чистат многу потемелно отколку вообичаено, а работниците секогаш носат ракавици, дури и кога воопшто не доаѓаат во контакт со сирењето, на пример при пакувањето. За претпријатието ова претставува дополнителен трошок, но таму се сигурни дека таа инвестиција ќе се исплати, како што вели Шенол Исикај, раководител на продажбата. „За нас тоа е пазар кој расте, доживува бум, а ние реагираме на желбите на муштериите, оти сметаме дека оваа област и натаму ќе доживува експанзија“.

Во моментов се’ уште одвај секое 20-то сирење произведено во „Рикер“ носи знак „халал“, но во претпријатието се уверени дека уделот допрва ќе расте.

Автор: Кристина Редер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска