1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Координирана акција на централните банки

Горан Чутаноски18 септември 2008

Само американската Централна банка на финансиските пазари во САД уфрли свеж капитал во вредност од 180 милијарди долари.

https://p.dw.com/p/FKp8
Графикон на вредноста на акциите на берзата во СеулФотографија: AP

Големи количества свеж капитал на финансиските пазари буквално „пумпаат„ централните банки на најразвиените земји на Западот. На акцијата на американската Централна банка и’ се приклучи веднаш и Европската централна банка во Франкфурт и ослободи 40 милијарди долари. Истиот износ дојде и од Банката на Англија, а со слични и помали износи се приклучија и централните банки на Јапонија и Канада.

„Мислам дека ова е сигнал што централните банки од целиот свет исто како и владите и службите за регулирање на пазарите со хартии од вредност прават се’ што е во нивна моќ. Утринава Централната банка на Англија, како и другите централни банки уфрлаат милијарди долари поради проблемот со пазарите. Тоа е пример како владите можат да се обидат да ја олеснат инаку тешката ситуација“ – изјави британскиот министер за финансии Алистер Дарлинг.

И во Русија владата понуди нови кредити во износ од 2,4 милијарди долари, а за да се смири ситуацијата на берзите таму е запрено тргувањето со хартии од вредност.

Акциите и натаму во надолен тренд

IWF befürchtet Verluste von 945 Milliarden Dollar durch Finanzkrise
Курсевите на акциите паѓаат и на Волстрит во ЊујоркФотографија: picture-alliance/ dpa

Под влијание на големата финансиска криза во САД продолжува надолниот тренд на светските берзи. Во Њујорк Дау Џонс индексот забележа нов пад од околу 4%. Берзите во Токио и Сеул јавуваат денеска за минус од околу 3%.

Во САД, фактичкиот извор на кризата, не стивнуваат вестите за нови банкроти и продавање на големи банки. Една од ретките преостанати приватни инвестициони банки од поголем калибар, банката „Стенли Морган“, исто забележа голем пад на нејзините акции на берзата. Само за еден ден тие изгубија околу 24% од вредноста. Поради тоа се шират информации за нејзина продажба, при што неколку други кредитни институти веќе најавија готовност да влезат во зделката.

Американската администрација на штрек

Das Weiße Haus in Washington
Белата куќа со загриженост го следи развојот на настанитеФотографија: AP

По вчерашната спасувачка акција на државата за најголемата осигурителна компанија на САД, АИГ, американската влада соопшти дека будно ја следи ситуацијата и презема мерки за спречување на натамошни загуби:

„Загрижени сме и понатаму поради други компании и државниот секретар за финансии продолжува да работи со неговиот тим на спречување натамошни загуби. Истовремено водиме сметка нашите даночни обврзници да останат заштитени“ – изјави портпаролот на Белата куќа, Дана Перино.