1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копање во РЕК Битола-милионски зделки со старо нови партнери

Костадин Делимитов
17 февруари 2018

„Пелистер“ на Силјан Мицевски доби уште еден тендер во РЕК Битола вреден 2,5 милиони евра, иако лани во мај за истата работа понуди двојно помалку. Експертите предупредуваат од смислено сценарио за пумпање државни пари!

https://p.dw.com/p/2sqX9
Kohlekraftwerk Mehrum
Фотографија: picture-alliance/dpa/Julian Stratenschulte

Повлекувањето на „Трансмет“ од договорот за копање на јаглен во РЕК Битола ќе се спасува со ангажман на градежната компанија „Пелистер". Процесот нема да трпи, но ќе ја чини државата двојно повеќе, или 2,5 милиони евра. Толку пари РЕК Битола ќе ѝ плати на компанијата на Силјан Мицевски  со која поради итност зделката е склучена во четири очи, а не преку распишување на тендер. Цената која ќе ја добие за својата работа од државата изнесува 87 денари за гигаџул, или двојно поскапо во однос на цената која ја имаше „Трансмет“ од 44 денари, пред  да се откаже од овој тендер. Власта се правда дека итната постапка била поради енергетска стабилност, но нема објаснување за ценовната нелогичност.

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Добро смислено, а не изнудено сценарио

Целиот случај дополнително добива на скандалозност, ако се има предвид фактот дека лани во мај кога беше доделен тендерот, „Пелистер“ ја загуби трката од „Трансмет“ само за еден денар. Или, фирмата на Силјан Мицевски тогаш била подготвена да ја реализира работата за 45 денари, а сега истата ја добива за безмалку двојно повеќе. Ваквата состојба според експертите отвора сериозни дилеми околу целиот процес. За дел од нив целото сценарио повеќе наликува дека било смислено, отколку изнудено:

„Законот за јавни набавки дава простор за непосредно договарање во услови кога станува збор за нешто што на пример го немаме на друго место, или поради итност на работата. Но ако биле повикани во РЕК Битола вкупно пет фирми да достават понуди како што се тврди, тогаш треба да ги видиме и нивните понуди. Тие викаат дека е избран најевтиниот, но да ги видиме, не мора тие да ни кажуваат. Прашањето е и зошто прифатиле толкава цена. Да, законот ја дава таа можност, но тоа значи дека треба се обезбеди најповолниот понудувач кој ќе заштеди пари. Очигледно е дека овде станува збор за претходно договарање за да се извлечат повеќе пари од буџетот. Ова се игри за извлекување пари и не може никој да ме разубеди дека не е така“, предупредува Слаѓана Тасева претседател на „Транспаренси Интернешнал“.

Повеќе на темата: 

СЈО: Труст од РЕК Битола пумпал пари во приватни џебови

Енергетски рекорд- шести увоз на струја за половина месец!

РЕК Битола меѓу најголемите загадувачи во Европа

Кои биле фирмите кои биле присутни на последното наддавање од РЕК Битола и АД „ЕЛЕМ“ не прецизираат. Итноста на постапката ја правдаат поради потребата од ископ на јагленот, поради што и пристапиле кон распишување на нов тендер за кој ќе бидат потребни три месеци за да се заокружи изборот на нова фирма:

„Важноста на договорот со „Пелистер“ прекинува кога на тендерот кој е распишан преку јавна е-аукција ќе биде избрана нова фирма за ископ на јаглен во РЕК Битола, што се очекува да биде реализирано во следните три месеци“, велат од Електрани на Македонија.

Се огласи и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Според него доколку немало ископ на јаглен во РЕК Битола, се загрозувал целокупниот енергетски сектор во Македонија: „Мораше да се преземе нешто брзо за да не се доведе во ситуација термоелектраната да нема јаглен за работење. Согласно Законот за јавни набавки се направи скратена постапка за набавка на која учествуваа повеќе компании и ја доби 'Пелистер' по повисока цена од 44 денари по гига џул, но по многу пониска цена од 144 денари по  гига џул што претходно биле плаќани“, рече Анѓушев.

Kohlekraftwerk REK Bitola in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

„Пелистер“ - клучен партнер во времето на ВМРО ДПМНЕ

Фирмата „Пелистер“ на Силјан Мицевски е далеку од анонимна во овој бизнис. Напротив, во периодот на владеење на ВМРО ДПМНЕ таа важеше за клучен партнер на тогашната власт во бизнисот во РЕК Битола, заедно со „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан.  Овие две фирми сработија над 160 милиони евра за потребите на РЕК Битола, од кои над 110 милиони завршија на контото на „Пелистер“. Тогашната опозиција реагираше дека со овие фирми во тоа време под превезот на итност се склучувале и договори во четири очи, а како биле фаворизирани, јавноста слушна и со објавата на т.н. политички „бомби“. Ваквите „дежа ви“ случаи и по промената на власта за експертската јавност се сериозно загрижувачки:

„Ние имавме еден „ЕЛЕМ“ кој извлекуваше пари за политичка партија. Сега сакавме тој тогашен систем на владеење и работење да го замениме со систем кој што ќе биде транспарентен и одговорен, што не подразбира двојно повисоки цени и договарања под маса и кој што ќе може да ни ги даде на увид податоците. Тоа е отчетот, дајте ни да ги видиме. Чекавме за промени, но гледаме дека секојдневно се случуваат вакви работи. Ова е истата шема која продолжува горе- долу со истите актери“, предупредува Тасева.

За колкав вносен бизнис станува збор покажуваат податоците за периодот 2012-2017. Во овие пет години АД ЕЛЕМ потрошило 212 милиони евра само за ангажирање надворешни компании за ископ на јаглен и јаловина и за помошна механизација за транспорт. Упатените во овој бизнис постојано предупредуваат на штетноста од ваквата пракса, од која на сметка на државата ќаруваат приватни компании. Дел од нив веќе одамна заговараат и промена на стратегијата, преку инвестиции на државата во сопствена механизација која би го вршела ископот. Минатата година директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски соопшти дека потрошените пари по овој основ придонеле за зголемување на регулираната цена на електрична енергија за 20%. Поради тие причини тој најави дека ЕЛЕМ ќе почне постапка за купување на сопствена опрема за ископ, која според тогашните проценки требаше да чини 64 милиони евра. Овој процес според најавите треба да се реализира во неколку фази. Но освен најави, досега нема реализирано ништо конкретно.