1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Копродукциите носечки за македонскиот филм

14 февруари 2012

Македонија на Берлиналето успешно се претстави во секцијата Панорама и во селекцијата филмови за деца-Генерација, и тоа главно со копродукции, кои се белег на настапот на Маркетот.

https://p.dw.com/p/142oI
Фотографија: DW

Со аплауз публиката на Берлиналето ги награди филмовите зад кои стојат македонски автори и продукции: „Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Стругар Митевска, „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ, како и краткиот „Бардо“ на Марија Апчевска. И за да биде впечатокот уште покомплетен, на Европскиот филмски маркет за фах-публикатга беше презентирана и македонско-словенечката копродукција: „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски кој допрва ќе ја има светската премиера.

Накусо, првпат на Берлиналето има вакво претставување во кое дури три филма со ознаката Македонија се во конкуренција за одличја. Двете копродукции - „Жената... “ на Теона Стругар Митевска и „Парада“, каде игра Тони Михајловски, покрај за наградата на публиката која е врвна во секцијата Панорама, се во трка и за бројни признанија на различни независни жири комисии.

Потенцијал во соработката

По светската премиера на „Жената...“, режисерката Теона Стругар Митевска во името на целиот тим им се заблагодари на копродуцентите од Германија, Словенија и Белгија, без кои практично, како што кажа, филмот и немаше да го биде. За значењето на копродукцијата потсети и Срѓан Драгојевиќ, режисер и автор на сценариото на „Парада“, во чија реализација учествуваа Србија, Хрватска, Словенија и „Сектор филм“ од Скопје, чиј продуцент Владимир Анастасов го прашавме: што добива Македонија од овие копродукции?

Mazedonisch
„Балканот не е мртов“ и „Трето полувреме“ со универзални пораки - Роберт Насков, продуцент во Кино ОкоФотографија: DW

„Македонија сигурно со овој проект докажува дека може да препознае некаков потенцијал и квалитет на нешто што може да донесе голем успех и голема публика во нашите кина. Ова е малку покомплексна структура во продукција на едно дело, така да мислам дека имаме голема улога во креирањето и животот на овој филм. Мислам дека ќе ја продолжиме оваа соработка. Ова е целосно докажан концепт не само од нашите простори. Дури и скандинавските и земјите кои се регионално и блиски по јазикот се здружуваат.Такво е времето Тешко е да се обезбедат пари, посебно за ваков тип на филм“, изјави за Дојче Веле Владимир Анастасов од Сектор Филм.

Интересирање на Маркетот

Уште една копродукција, македонско-словенечка, е „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, кој беше презентиран на маркетот и допрва ќе ја има својата светска премиера. Во „Балканот...“ се испреплетени неколку приказни за нашите краишта во 1905. Еден од ликовите и Кемал Ататурк и логично дека дел е снимано во Битола. Роберт Насков, продуцент од Кино Око вели дека е добро што филмот можат да го видат дистрибутерите, агентите и фестивалските луѓе, со што се отвара патот за негово пласирање. „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, пак, на Маркетот го нема зашто се’ уште не е во фаза во која би можел да се нуди. Инаку, интересирање има. Насков вели дека и двата филма имаат свој потенцијал, имаат теми кои се универзални и ќе си го најдат своето место.

Mazedonisch
„Бардо“ во конкуренција за Кристална мечка - режисерот Марија АпческаФотографија: DW

Во трка по Кристална мечка, што се доделува во селекцијата филмови за деца - Генерација, е и Марија Апчевска со „Бардо“. Во 14-те минути, Апческа ја пренесува приказната за девојчето и за нејзиниот балон, чиј нос ја потсетува на таткото кој штотуку е погребуван. Филмот е црно-бел, зашто како што вели Апческа, така повеќе одговарало на сторијата. За младата режисерка најголема награда е што воопшто е на Берлиналето и што нејзиниот дипломски филм е одбран меѓу илјадници кои пристигнале од цел свет.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска