1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

090311 Kopten Protest

10 март 2011

Конфликтот меѓу коптското малцинство и муслиманското мнозинско население во Египет, што во ноќта меѓу вторникот и средата ескалира во масовна тепачка со 13 жртви, има подлабоки корени.

https://p.dw.com/p/10Wps
Коптски свештеник благословува со света водаФотографија: AP

Причина за најновата ескалација на насилството меѓу коптите и муслиманите во Египет беше палењето на црква во градот Сол на викендот. Во знак на протест на улиците на главниот град Каиро се собраа околу илјада копти кои од властите бараа подобра заштита и еднакви права на изразување на верската припадност. Нивниот мирен протест меѓутоа го прекинаа насилни муслимани, по што изби голема тепачка со најмалку 13 жртви. И тоа не е осамен случај. Во градот Афтих неодамна исто дојде до тепачка меѓу коптите и муслиманите, по што од градот беа протерани повеќе стотици копти. Тие сега повеќе од една недела кампираат пред зданието на египетското државно радио и порачуваат дека единственото што го бараат се еднакви права.

Protest Bombenanschlag Kopten Ägypten
Протести на коптите во КаироФотографија: picture alliance / dpa

„Египет се претвора во исламска земја. Тоа не оди така, бидејќи овде заедно живеат копти и муслимани. Бараме потполно нов устав“, порачува Магди Ганем Фахим, кој учествува во протестите.

Еден друг демонстрант, речиси плачејќи, појаснува: „Сакаме да имаме права. За време на револуцијата ни ветуваа правда за сите, за бели и за црни, за муслимани и за копти. Каде е таа правда за која зборуваа? Господ не’ создал како слободни луѓе без оглед на бојата на кожата и на религиозната ориентација. Ние сме Египќани и ја сакаме нашата земја!“

Сеопфатна дискриминација

За далекусежноста на дискриминацијата со која се соочени коптите во Египет сведочи и 16-годишната Магда. Таа оди во средно училиште во Каиро, каде тврди дека има еднаков третман како и другите соученици. Но, затоа се плаши дека кога ќе дојде време да бара работа, тогаш ќе има проблеми затоа што е христијанка: „Кога ќе барам работа и ќе се дознае дека сум коптка, тогаш моето барање веднаш ќе биде отфрлено. Така е тоа кај нас, кога ќе дознаат дека сме копти, ги отфрлаат сите наши барања.“

Автор: Бетина Маркс/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска