1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чашата е полуполна, не полупразна

15 ноември 2021

Климатската конференција во Глазгов донесе заклучоци кои пред неколку години беа незамисливи. Но и притисокот, конечно да се преземат енергични мерки против климатските промени, беше преголем, смета Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/42zyK
Климатската конференција во Глазгов: Успех или промашување?
Климатската конференција во Глазгов: Успех или промашување?Фотографија: Christoph Soeder/dpa/picture alliance

Беше ли ова добра, или промашена климатска конференција во шкотскиот град Глазгов? Колку што самитот изгледаше хаотичен и збунувачки, толку и мислењата по тоа прашање се поделени. Научниците велат дека како никогаш досега е голем јазот меѓу потребните мерки за справување со климатските промени и спорите чекори кои ги преземаат земјите. И притисокот од надвор да се преземе акција е исто така поголем од било кога. Глобалното движење за климатска заштита, „Петоци за иднината”, имаа моќен настап во Глазгов.

За првпат во заклучоците - откажување од јагленот

Во заклучоците на конференцијата, за прв пат од еден климатски самит на ООН експлоцитно стои дека има потреба од итно укинување на користењето на фосилни извори на енергија, иако формулацијата е ублажена под притисок на богатите земји и економиите во раст. На сиромашните земји Северот им ветува удвојување на средствата за прилагодување кон климатските промени. САД и Кина, земјите кои испуштаат најголеми емисии на стакленички гасови, по месеци дипломатски замрзнати односи, во Глазгов ги подржаа заедничките заклучоци и ветија удвојување на нивните напори.

Целта, затоплувањето на земјата да не надмине 1,5 степени до крајот на столетието, сега е единица мерка за сè и никој повеќе не зборува за 2 степени, цел која досега беше дел од климатско политичките дебати. Во однос на заклучоците од претходните климатски средби ова е неверојатен напредок.

Јенс Турау, автор на коментарот
Јенс Турау, автор на коментарот

Две реалности

Но, не и во светло на реалноста со која се соочуваме. Научниците ја означија декадата до 2030 како клучна во борбата против затоплување на земјата. Британските домаќини на конференцијата на тоа реагираа со промовирање редица иницијативи од различни земји претставени за време на средбата во Глазгов: да се ограничи емисијата на метанот, да се заштитат шумите во сиромашните земји, да се скратат субвенциите за фосилни горива – и сето ова пред 2030.

Но, ако ги погледнете подробно, сите овие иницијативи се доброволни и не се обврзувачки – впрочем исто како и резолуциите на климатската конференција.

Сигурност и доверба

На сите климатски конференции сѐ се базира на доверба и на тоа да можеш да се потпреш на партнерите. Резолуциите не може да се спроведат по правен пат, со тужби; нивната цел секогаш е да генерираат позитивен моментум и еден вид здружена поддршка од 190те членки на ООН. Главната цел е да направат притисок врз богатите земји чии граѓани со сѐ поголема загриженост гледаат на климатските промени.

Повеќе:Индекс за заштита на климата: Толку е лошо, што првите три места се празни

Но, токму довербата е голем проблем. За време на пандемијата, сиромашните земји од глобалниот Југ видоа како богатите земји распределија вртоглаво високи суми за поддршка на своите економии. Поради ова, уште повеќе се огорчени од тоа што богатиот Север е доста скржав кога се во прашање долго ветуваните пари за прилагодување кон климатските промени.

Укинување на употребата на јаглен- реалност

И покрај тоа што сега во завршните заклучоци од конференцијата стои барањето за укинување на употребата на јаглен, ако погледнете во земји како Кина или Јужна Африка, па и Полска и Германија, ќе видите всушност колку е силно лобито за јаглен во реалноста. Кина сега ветува дека до 2060 година ќе стане климатски неутрална. Мерено на предупредувањата на експертите, тоа е подбивно.

Но, друга конкретна алтернатива за годишната напорна и мачна климатска средба едноставно нема на повидок. Само на оваа средба сите ООН членки разговараат меѓусебно. Најмалиот заеднички именител би можел да биде борбата против емисијата на стакленички гасови во што повеќе земји да има ист статус како загриженоста за економскиот напредок.

И брзо да се делува – особено за прекин на употреба на фосилни енергенси. Барем тоа јасно произлезе од конференцијата во Глазгов.

И во Германија сега расте притисокот да се укине производството на струја од јаглен уште пред рокот што го постави старата влада, односно 2038 година. Сѐ друго сега би било кршење на ветувањата од Глазгов. И сиромашните земји нема уште долго да „играат“ на годишните климатски конференции доколку не ја добијат конкретната ветена финансиска поддршка. Поради сето ова ако ме прашате дали по конференцијата во Глазгов во однос на климатската заштита чашата е полуполна или полупразна, без двоумење ќе ви кажам: полуполна.