1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коракс: Не се откажувам додека не го урнам и Вучиќ

Драгослав Дедовиќ
13 ноември 2018

Во интервју за Дојче Веле, најпознатиот српски карикатурист Предраг Кораксиќ Коракс објаснува зошто политичарите неговите карикатури ги сфаќаат како пресуди. „За тоталитарната матрица тоа е вознемирувачки фактор“

https://p.dw.com/p/388rX
Karikaturen von Predrag Koraksić Korax
Фотографија: Predrag Koraksić Korax

ДВ: Кога Ви стана јасна вашата склоност кон карикатурата?
Предраг Кораксиќ Коракс: Првата карикатура ја објавив уште во 50-те години на минатиот век, во седмо одделение гимназија. Имав 17 години. Јас секако веднаш сфатив дека тоа ќе биде моја животна определба. Оттогаш трае таа моја епопеја. Или голгота, како и да е (се смее). И така, си го упропастив животот, но ѝ се посветив на карикатурата. Немав за ништо долго време, навистина се фокусирав на тоа и ми беше многу важно да издржам до крај. Еве и до ден денес ме држи тој, како да кажам, завет, да не се откажам. Не можам да се откажам додека не го урнам и овој Вучиќ. Ако можам така да кажам - не е моја заслуга - но ги урнав Милошевиќ, Коштуница, Тадиќ, еве сега дојде на ред и Вучиќ.

Дали Вучиќ Ви се лути или тоа го прават неговите верни следбеници?

Па јас не сум забележал дека тој се лути. Тој за мојата карикатура ја кажа истата реченица која своевремено ја изговори и Милошевиќ. Кога Холбрук со денови седел кај Милошевиќ обидувајќи се да го убеди да потпише нешто, во еден момент му забележал на Милошевиќ дека во Србија нема слобода на медиумите, што беше општопознато. Тогаш Милошевиќ од под масата извадил „Наша борба“ и ја покажал мојата карикатура. Рекол, погледнете ја оваа карикатура. Овој карикатурист не е уапсен. Тоа било неговото алиби.
Истото тоа го повторува денес и Вучиќ. Вели дека е тоа доказ за демократијата во Србија. Но, овие неговите имаат фројдовска грешка. Тие насекаде го гледаат Вучиќ. Што и да каже негативно опозицијата тогаш мета е Вучиќ. Вучиќ е постојано нападнат. Тој е еден таков херој, тој се бори, а тие го бранат. Тие го чуваат. Мислам дека се опседнати со Вучиќ. Овој Мартиновиќ ја видел таа карикатура и извикнал: „Аха, тој Хитлер, тоа не е Хитлер - тоа е Вучиќ!“

Predrag Koraksić Korax
Предраг Кораксиќ КораксФотографија: DW/D. Dedović

Претставниците на власта секојдневно ѝ се обраќаат на милионска публика и притоа ги имаат обезбедено најважните телевизиски канали, а тврдат дека гебелсовски го загрозува весник кој едвај допира до неколку десетици илјади луѓе. Зошто го прават тоа?

Тоа е парадокс. Тука нема логика. Вучиќ е чувствителен. Ве потсетувам дека тие направија цела подвижна изложба под наслов „Нецензурирани лаги“ каде беа и некои мои карикатури. Тие мали тиражи ги бодат и им пречат. Се работи за тоа дека сите мораат исто да мислат. Не смее никаде ништо да стрчи. Секое прозорче кое вирее им пречи. За тоталитарниот став тоа е „вознемирувачки фактор“. Зацртаната реалност мора да биде целосна. Не смее никаде да протекува.

Karikaturen von Predrag Koraksić Korax
Карикатурата на Коракс која ја разлути власта на ВучиќФотографија: Predrag Koraksić Korax

Изгледа дека некои луѓе во политиката немаат смисла за хумор?

Тоа е карактеристика на примитивците. Сѐ да сфаќаат буквално. Имам доста искуство со такви, знам точно- ако нацртате карикатура на некој примитивец, тој веднаш ќе реагира. Интелигентен човек тоа поинаку ќе го сфати и објасни. Кога нешто не ми се допаѓало, сум цртал. Моите карикатури се без зборови. Без текст, без наслов. Ни на карикатурите нема облачиња кои би содржеле објаснувања. А на карикатурите се ликови кои мора да бидат добро нацртани, сите да ги препознаат, веднаш да знаат за што се работи. А пораката мора да биде, онака, убиствена. Колку поубиствена и подиректна, толку подобра.
Покојниот Стојан Церовиќ, уредник и воведничар на Време, во еден предговор за моја книга напиша дека моите карикатури се - пресуди! И дека после таква пресуда нема апелација. И јас навистина мислам дека моите карикатури се пресуди. Така ќе останат и забележани. Нема да бидат запаметени по фотографии или филмови туку по карикатурите. Тоа е нивната судбина.

Пресуди за политичките моќници, но и дијагнози на нивната состојба која станува состојба на земјата која ја водат?

Има полно карикатури за Вучиќ кои изгледаат како мини-дијагнози. Се гледа тоа лудило. Сакав да направам книга карикатури, можеби и ќе го сторам тоа, која би ја отсликувала таа двојна личност. Кога би се направил конзилиум од лекари, психолози и психијатри, тие би можеле да му постават дијагноза на Вучиќ. Секако, етички тоа не е во ред. Но видов дека во Америка постои една таква дијагноза за Доналд Трамп.
На пример, во иста изјава тврди нешто, а вториот дел од изјавата е целосна спротивност на тоа. Има неверојатни комбинации. Друго е што е тоа еден галиматијас на лаги. Тој постојано лаже, како отвора уста така лаже. Не е единствен во тоа, има многу политичари на кои тоа им е начин на однесување со „пучанството“, што би рекол Фрањо Туѓман. Имам стотици карикатури каде се гледа тоа. Значи, таквата книга би се викала „Дијагноза“.

Karikaturen von Predrag Koraksić Corax EINSCHRÄNKUNG
Карикатура од 2000 година на која е Мира МарковиќФотографија: Corax

Повторно ќе го налутите претседателот!

Ма нема. Тој повторно ќе рече дека е тоа доказ за демократијата во Србија.

Како беше во Титово време за карикатуристите?

Во времето на Тито постоеше јасна дефиниција на карикатура која е дозволена. Тоа се карикатури кои жигосуваа „немили појави“. На пример, човечки мани. Езоповски хумор. Не беше можно да се нацрта некој политичар. Дури ни оној кој е пониско на скалата. Не можевте да нацртате ниту претседател на општина. Таман работа. Веднаш би добиле по прсти. Не беше можно, така да кажам, да се цртаат карикатури со адреса. Можевте во нотес да цртате што сакате, но никому да не го покажувате. Едноставно, сте немале каде и сте биле принудени да работите на начин кој го опишав. Кога умре Тито, една-две години после тоа, се појави некој простор, се појавија некои независни весници. Веднаш почнав да работам за нив.

А потоа се појави Милошевиќ?

Да. Јас веднаш сфатив за што се работи. Од прв ден почнав со карикатури да ја жигосувам таа политика и да се борам против Милошевиќ. Најпрво објавив неколку карикатури на кои тој има очи. Потоа спонтано го нацртав неговиот лик без очи. Се појави фантастична сличност. Потоа постојано така го цртав. А тоа е тој аутизам, кој е карактеристичен за него, таа аутистичка политика. Тој аутизам избиваше од неговите постапки и политика. Како минуваше времето тој се повеќе личеше на таа своја карикатура. Милутиновиќ (Милан, поранешен претседател на Србија, н.з.) во еден разговор ми спомена дека Милошевиќ не се интересирал за карикатурите. Единствено имал забелешки што Мира била предебела на нив и што има цвет во косата, иако повеќе не го носи.

Karikaturen von Predrag Koraksić Corax EINSCHRÄNKUNG
Карикатура од 1999 година која го отсликува секојдневието во СрбијаФотографија: Corax

Актуелните реакции на Министерството за култура и информирање, како и на владејачките политичари на Вашите карикатури се веројатно контрапродуктивни?

Ова страшно ги погоди. Веројатно затоа што во суштина не се променија, туку ги променија маичките или кошулите. Затоа се гласни. Во времето на Милошевиќ сите молчеа. Никој не подигнуваше глас. Единствено една карикатура во Време заврши на суд. На Пале се обидуваа да го усвојат договорениот мировен план за време на војната во БиХ. Јас ги нацртав сите собрани, од Милошевиќ и Добрица Ќосиќ преку Караџиќ па се до Шешељ како скокаат еден преку друг како во детската игра „долга магарица“. После неколку рочишта, на кои не обвинуваа дека карикатурата е порнографска, а ние тврдевме дека не е, тужбата беше повлечена. По неколку години дознав дека тужбата ја поднел Ќосиќ.

Никогаш не завршивте во затвор. Дали сте доживеале посериозни закани?

Многу сериозни закани имав од српските националисти од онаа страна на Дрина. Писмено, телефонски. Ќе ме ликвидираат и слични работи. Јас за време на војната се занимавав и со Босна. Кога Сараево беше бомбардирано, кога беше под опсада. Дури еден новинар за време на војната ги пренесол моите карикатури преку оној тунел до Сараево и таму била организирана изложба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи