1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Користољубивото партнерство на Русија со Африка

Исаак Мугаби
25 октомври 2019

Партнерството со Русија за Африка може да стане нова должничка замка. Африканските лидери треба да бидат попретпазливи при потпишувањето договори, смета Исаак Мугаби.

https://p.dw.com/p/3RuFM
Russland | Erster Afrika-Russland-Gipfel
Фотографија: picture-alliance/dpa/Pool/Tass/V. Sharifulin

На првиот самит Русија – Африка стана јасно: Москва има намера да извезува атомска технологија во Африка, насекаде низ континентот да гради скапи атомски централи. Рускиот претседател Владимир Путин, освен тоа, планира засилување на воената соработка со африканските држави, што не е лоша идеја ако таа во иднина во конфликтните региони спречи да се етаблираат воени моќници.

Целта на Путин е удвојување на рускиот извоз на оружје, како што истакна на почетокот на самитот. На маргините на средбата Русија потпиша договор за испорачување 35 МИ борбени хеликоптери на Нигерија. Но, зголеменото купување оружје на континент кој одамна е опустошен од војни и конфликти, ќе предизвика само натамошни конфликти. Така беше во Јужен Судан, каде беа убиени стотици илјади луѓе, а милиони принудени на бегство.

Што всушност ѝ е потребно на Африка

Африка во никој случај нема потреба од договори и соработки кои на населението ќе му донесат уште поголема беда. Многу луѓе во Супсахарска Африка живеат на работ на егзистенција. За нив воена соработка и атомски централи се без значење. Наместо тоа, фокусот треба да биде ставен врз развојни проекти, на пример во образованието. Соларните модули или шпорети на биогас би биле подобра и поевтина алтернатива од атомски централи. Африка треба да биде во состојба да произведува енергија без атомска енергија, зашто континентот располага со огромни природни ресурси. А во поглед на воената соработка: заштитата на една земја од напад е неспорна, но најдобар начин за избегнување конфликти е поттикнување мирна коегзистенција на различните заедници долж пропустливите граници во Африка. На Африка многу попотребни ѝ се вакви проекти, отколку воена соработка во замена за суровини.

Русија сака да го елиминира заостанувањето во конкурентската трка

Путин на самитот зборуваше и за заеднички проекти во експлоатација на суровини, земјоделството, здравството и образованието. Но, за разлика од Кина и  САД,  Русија нема доволно пари за да ги исполни своите многубројни ветувања во другите области освен воената помош.

Isaac Mugab
Исаак МугабиФотографија: DW/Abu Bakarr Jalloh

Рускиот претседател веројатно се обидува да ги стигне Кина и  Европа,  кои имаат фрлено око врз суровински богатите земји како Демократска Република Конго, за жал на  Африканците.  Веќе постојат доволно партнерства, кои на просечниот Африканец не му донесоа многу. Ако  вечно алчните африкански лидери,  пред да стават свој потпис на договорите, кои суперсилите им ги приложуваат спакувани со красноречивост, не го простудираат добро текстот, тоа ќе значи вовед во нови катастрофи.

Старите добри времиња на преиспит

Постарите генерации можат да се сетат дека Русија во советските времиња ги поддржуваше движењата за независност и обучуваше и образуваше Африканци, како на пример во Ангола и Етиопија, во име на доброто пријателство. Денес во сила е принципот на противуслуги.

Ако постои вин-вин ситуација, тогаш е во ред. Но, ако станува збор за ограбување на африканските ресурси во замена за атомски централи и воена опрема, африканските шефови на држави и влади не треба да ги склучуваат ваквите договори.

На средбата со претседателот на Намибија, Хаге Геингоб, Путин тврдеше дека Русија може да помогне во експлоатацијата на огромните ресурси на уран и различни минерали, како и дијаманти. За возврат, Русија понуди испраќање воени советници. Дали Намибија се наоѓа во војна со некој сосед, па треба да ги користи услугите на руските воени советници?

Подобро отплата на старите долгови, наместо правење нови

Постои ризик африканските земји да не можат да ги вратат своите долгови кон Русија, ако нивните влади на крајот го сфатат неуспехот на проектот. Така, можат веднаш да ја стават Русија веднаш зад Кина на листата на своите доверители.

Исто како и Кина, и Русија започна со отпишување на странски долгови во износ од 20 миијарди долари. Етиопија како поранешен близок сојузник профитираше од милосрдниот потег – ѝ беа простени преку 160 милиони долари. Но, тоа значи дека Русија при идни преговори ќе има надмоќ.

Африканските држави треба да ја засилат регионалната соработка и да ги разградат постојните трговски бариери, наместо високо на својата агенда да ставаат склучување партнерства со развиените светски економии. Можеби тоа ќе значи спас за континентот и ќе го извади од сиромаштија, наместо неговите лидери да итаат во западните престолнини за да слушаат говори и потпишуваат договори кои немаат непосредна корист за нивното население.