1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пандемија на корона-скептици во Романија

Кено Верзек
21 октомври 2021

Причина за тешката состојба со пандемијата во Романија е раширениот скептицизам за вакцинирање и недоволниот ангажман на претседателот, владата и другите надлежни институции.

https://p.dw.com/p/41y5w
Rumänien | Coronavirus | Intensivstation in Bukarest
Фотографија: Vadim Ghirda/AP/dpa/picture alliance

Видео-снимка од Универзитетската болница во романскиот главен град Букурешт тешко „може да се голтне“. Нема веќе слободен кревет на интензивна нега, салите и ходниците се преполни со болни кои чекаат на ред, медицински персонал носи починати во црни кеси низ истите тие ходници. Брзата помош постојано носи нови пациенти. Речиси сите се постари луѓе, главно невакцинирани против корона. Многумина од нив одвај дишат, некои велат дека и покрај тоа сепак не би се вакцинирале. Еден доктор коментира: „Ваквата навала на пациенти е поврзана со лекомисленоста на луѓето и нивната неинформираност. Политичарите би требало да бидат поупорни и кога е во прашање доброто на гласачите јасно да кажат: Вакцинирајте се!“.

Видеото од болницата без коментар трае 16 минути и е насловено: „Вака изгледа здравствена катастрофа“. Снимката, минатата недела ја објави романскиот портал за истражувачко новинарство „Рекордер“. 

Повеќе: Kонтинуирана политичка криза и здравствена катастрофа во Романија

Секој ден нови тажни рекорди 

Тоа што на снимката е прикажано преку примерот од една болница, во моментов се случува насекаде во Романија. Земјата е среде еден од најстрашните корона-бранови во Европа. 

Речиси секој ден се урива нов рекорд од почетокот на пандемијата во март 2020. Во вторникот (19.10) за изминатите 24 часа беа пријавени речиси 19.000 новозаразени и 574 починати. „Ние не сме во пандемија, ние сме во катастрофа“, вели претседателот на романското Лекарско здружение, Даниел Кориу. Здружението уште минатата недела состави отворено писмо под наслов „Очаен повик за помош“, во кое се опишува катастрофата во здравствениот систем. 

Повеќе: Најмалку седум пациенти загинаа во пожар во болница во Романија

Низок број на вакцинирани, влијателни антиваксери

Катастрофата се одвива паралелно со тешка политичка криза. По повеќемесечните кавги во коалицијата, на почетокот од месецов падна социјал-либералната влада на премиерот Флорин Кицу при гласањето недоверба во парламентот. Може да поминат уште недели додека биде составена нова коалиција и нова влада. „Романија, прими го нашето сочувство!“, стоеше на насловната страница на порталот „Хотњуз“ со оглед на катастрофалната здравствена состојба и политичката криза во земјата. 

Романија не е уникатен пример во Европа што се однесува до седумдневната инциденција и бројот на починати на дневно ниво - Летонија, Литванија и Бугарија моментално имаат слични бројки. Она што ја разликува Романија од другите европски земји е што здравствениот систем е оптоварен како на ниедно друго место и, според зборовите на директорите на болници и на докторите, е речиси пред колапс. 

Повеќе: Во Бугарија и Романија се уништуваат вакцини со поминат рок - мала заинтересираност за вакцинирање

Романија, истовремено, заедно со Бугарија бележи најниско ниво на вакцинирани во ЕУ. Едвај 30% од населението се целосно имунизирани, што е помалку од половина од европскиот просек. Скептицизмот во однос на вакцините е широко распространет и поддржан, како од националистичките политичари, така и од романската православна црква.

Rumänien I COVID-Impfung in Bukarest
Во Романија одвај 30% од населението се целосно имунизирани, што е помалку од половина од европскиот просекФотографија: Cristian Cristel/Xinhua/picture alliance

Се потценува опасноста од корона 

Романскиот претседател Клаус Јоанис поради катастрофата со корона-пандемијата во вторникот ѝ се обрати на нацијата со тешки зборови. Тој рече дека актуелната состојба е „национална драма од страшни размери“. Претседателот на државата вината ја префрли на раширениот скептицизам во однос на вакцините, но и на „недостиг на конкретни мерки на властите“ и апелираше до населението да се вакцинира. 

Некои коментатори обраќањето го доживеаја како цинично, бидејќи Јоанис и владата во оставка на Кицу, која тој ја поддржуваше, лошо менаџираше со пандемијата со месеци - беа хаотични, имаа пропусти, па дури и ја потценуваа опасноста што произлегува од коронавирусот. Во јуни годинава, Јоанис кампањата за вакцинација во земјата ја опиша како „успешна“ и рече дека пандемијата била запрена. И Кицу истиот месец изјави дека пандемијата била „елиминирана“ иако експертите уште тогаш противречеа и бараа подготовка за четвртиот корона-бран.

Deutschland Berlin | Rumänischer Präsident | Klaus Iohannis
Претседателот Јоханис рече дека актуелната состојба е „национална драма од страшни размериФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

„Од вакцина до зомби“ 

Владата остана пасивна, па дури воведе и олабавување на мерките. Обврската за носење маска во јавни институции и продавници речиси и да не беше спроведувана, исто како што не беа контролирани доказите за вакцинација, ниту ограничувањата за масовни собири. Владата не повика ни на масовна вакцинација. Дури на почетокот на месецов, кога веќе беше во најава страшниот четврти бран, владата воведе нови ограничувања, како обврска за носење маска, полициски час и ограничувања за масовни собири.

Но, претседателот и владата речиси ништо не направија за масовно распространетиот скептицизам во однос на вакцините. Антиваксерите непречено си демонстрираа, а на социјалните мрежи во Романија кружат стотици илјади лажни вести за вакцините. Неодамна аудио снимка од училишен час во севернороманскиот град Ботосани се најде на насловните страници. Ученици кои се критички настроени тајно ја направиле снимката, на која се слуша како наставничката на децата им кажува дека со вакцината ќе станат „зомби“ и на болниците им префрла дека спроведуваат организирано, масовно уништување „како во Аушвиц.“

Rumänien | Coronavirus | Proteste
Протести на антиваксери во Букурешт, 20.03.2021Фотографија: Octav Ganea/Inquam Photos/REUTERS

Црквата против вакцина 

И свештените лица на романската православна црква се во првите борбени редови на антиваксерите. Минатата недела надбискупот Теодосие јавно се изјасни против вакцинирање, бидејќи вакцините, според него, биле небезбедни и, како што тврди тој, и ЕУ сега веќе ја сопирала вакцинацијата. 

Само во малку случаи, како во примерот со Теодосие, е спроведена истрага против антиваксерите и ширењето лажни информации. Особено во однос на православната црква, романската политика е многу внимателна бидејќи таа како институција ужива најголем углед кај населението. Особено во руралните области зборот на попот најчесто има најголема тежина. 

Rumänien Erzbischof Teodosie von Tomis
Надбискупот Теодосие јавно се изјасни против вакцинирањеФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

Солидарноста на соседните држави 

Поради страшниот четврти бран, романската влада минатата недела за првпат мораше да побара помош од странство – апарати за кислород и болнички кревети од други Е- земји. Соседна Молдавија, неспоредливо посиромашна од Романија, испрати медицински персонал и доктори за поддршка на тамошните колеги. Унгарската влада покажа подготвеност да прими романски ковид-пациенти, така што првите веќе беа пренесени во јужна и југоисточна Унгарија. Гестот на солидарност има уште поголемо значење ако се знае дека романско-унгарските односи неодамна беа тензични.

Министерот за здравство на Романија, Атила Чеке предупреди дека не треба да се очекува какво било брзо подобрување на ситуацијата. Според него, сѐ уште не е достигнат пикот на четвртиот бран, изјави Чеке во вторникот за државната телевизија, ТВР. Во моментов дури не може да се очекува дека ќе запре нагорниот тренд на пораст на случаи.