1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона: Иднината е во работа од дома?

Хана Фукс
31 јули 2020

Помалку стресно, попродуктивни, позадоволни: прилагодувањето на работење во „домашна канцеларија“ треаеше некое време, но сега многу вработени не сакаат веќе да се вратат во канцеларија. Сепак ова има некои недостатоци.

https://p.dw.com/p/3frxL
Symbolbild Homeoffice
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

3,2,1 „домашна канцеларија“. За поголемиот дел преселбата на работата дома на почетокот од корона-пандемијата беше непријатна и по малку стресна. Тоа вклучуваше реорганизација на работните активности, ново работно време, многу фактори кои влијае врз нарушена комуникација, ѕиркање во приватниот живот на колегите – и со сигурност понекои технички проблеми кои требаше да се надминат.

Сепак, не е толку лошо

Во меѓувреме се чини дека поголемиот дел од вработените одлично си се прилагодија и се навикнаа на новите услови. Тоа го покажува студијата на Друштвото за здравствено осигурување ДАК. Ако пред пандемијата 21% од вработените се чувствуваа под стрес од работата, за време на корона-кризата и низ неа, тоа се само 15%. Процентот на оние во работен однос, кои ретко или воопшто не се под стрес пак се искачи од 48% на 57%.

Институтите за истражување на јавно мислење ИГЕС и Форса го спроведоа истражувањето на ДАК пред и за време на пандемијата врз 7000 вработени. Од оние кои постојано работат од дома 56% се изјасниле дека сега се попродуктивни отколку во канцеларија. Две третини пак рекле дека во „домашната канцеларија“ многу подобро може да се справат со работните и семејните обврски. Сличен процент на испитаниците се радуваат на заштеденото време, со оглед на тоа дека сега не трошат време на патување од дома до работа.

Symbolbild Homeoffice
Фотографија: Imago Images/photothek/U. Grabowsky

„Работење од дома не само што ја намалува опасноста од зараза од вирусот, туку влијае и врз подобрен ментален баланс,“ сумира извршниот директор на ДАК, Андреас Шторм.

Но...

Позитивните резултати и сознанија мора да се искористат за иднина, но „без да се занемарат негативните аспекти од работење дома, кои секако ги има“, вели Шторм.

Повеќе:

-Ќе го издржи ли интернетот времето на коронавирусот?

-Пандемијата и родителите: Кој да не спаси од децата?

Спроред студијата, речиси на секој втор му недостастува јасно разграничување меѓу работата и приватниот живот. На ова се пожалија мнозинството од оние на возраст меѓу 18 и 29 година, односно 52%. На три четвртини од испитаниците пак им недостасуваат директните контакти со колегите. Сепак, голем дел од вработените порадо би работеле од дома: 76,9% од оние во работен однос, кои поради корона-пандемијата постојано работат од дома – сакаат да ја задржаат оваа форма на работење и во иднина – барем делумно.

До сличен заклучок дојде и неодамна објавената студија на Фрауенхофер-институтот за индустриско инженерство, ИАО.

Зголемена дигитализација поради коронавирусот

Анализата на ДАК покажува и друг позитивен ефект од пандемијата: мнозинството работодавачи (57%) ја зголемија можноста за дигитално работење. Дигиталните пионери, односно компаниите кои покажаа дека може брзо и што е можно пошироко да се воведе дигитална технологија доживуваат најбрз развој. Но, и оние кои каскаат зад дигитализацијата, реагираа на кризата. На пример браншите кои ги прошириле или се уште ги прошируваат можностите за дигитално работење се банките и осигурителните компании (80%), како и давателите на ИТ услуги (75%). Автомобилската индустрија, културата и медиумите се исто така над просекот(68%).

На крај, Ковид 19 навистина може да придонесе долгорочно да се промени начинот на кој ќе работиме.

Новото нормално?

Претседателот на Германската индустриска и трговска комора, ДИХК, Ерик Швајцер малку ја намалува еуфоријата и критички реагира – барем во делот кој се однесува на имплементацијата. Тој секако очекува повеќе видеоконференциски состаноци и помалку службени патувања, но верува дека поголемиот дел од компаниите на подолг рок нема да може да се раководат само од компјутер. „Ние забележавме дека, доста работи може да се завршат и онлајн,што до сега ни било незамисливо,“ посочува Швајцер. „Но, сепак не можеме да се залажуваме дека целиот економски живот ќе може да го извршуваме од дома,“ вели тој и додава “поголемиот дел од компаниите на подолг рок не може да се водат од компјутер.“

Symbolbild Homeoffice
Фотографија: Imago Images/Cavan Images

Или сепак може? Компанијата Сименс неодамна усвои нов концепт според кој мобилно работење станува основен елемент на „новата нормалност“.

„Корона – кризата поттикна зголемување на дигитализацијата. Мобилно работење кај Сименс и постои како опција и од претходно, но сега одиме чекор напред,“ вели Роланд Буш, именуван претседател на одборот и актуелен директор на Сименс АГ. Тој очекува дека новиот концепт за работа дополнително ќе придонесе кон развој на работната култура. „Тоа е поврзано со еден друг стил на раководење кој е ориентиран кон резултати, а не на присуство во канцеларија,“ појаснува Буш.

Водечкиот германски технолошки концерн сака како стандард во неделата да се воведе барем два до три дена работење од дома. Со ова се засегнати над 140.000 вработени во концернот во 43 земји, од кои 45.000 во Германија.

И покрај скептицизмот, претседателот на ДИХК, Швајцер смета дека на крајот ќе има значителни промени во начинот на работење. „Никогаш нема да се вратиме на времето пред почетокот на короната.“

Всушност, „домашната канцеларија“ треба да ја преживее корона-кризата – не само поради позитивните искуства на многу вработени. Една анкета на минхенскиот Ифо институт покажува дека 54% од компаниите очекуваат оваа форма на работење долгорочно да се зголемува.