1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-тестови на 10,000 луѓе задоцнија поради „Еколог“

БГ/ ДПА
4 септември 2020

Во германската покраина Баварија повторно дојде до проблеми со корона-тестовите на патниците кои влегуваат во земјата. Овојпат застојот го предизвикал технички проблем на фирмата „Еколог“ која ги спроведува тестовите

https://p.dw.com/p/3i10Y
Coronavirus Teststation am Flughafen München
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Balk

Над 10,000 патници кои влегле во Германија преку трите аеродроми во покраината Баварија чекале со денови да ги добијат резултатите од корона-тестовите иако им било ветено дека тие ќе бидат готови за 48 часа. Баварските медиуми јавуваат дека многу граѓани реагирале поради застојот, затоа што многумина морале да останат во карантин се додека не бидат познати резултатите од тестот, а тоа им предизвикало проблеми и во приватниот живот и на работното место.

Тендерот за спроведување на корона-тестовите на трите аеродроми во Баварија, во Минхен, Нирнберг и Меминген, го добила фирмата „Еколог“- чие главно седиште е во Дубаи, но има централа и во Тетово, Северна Македонија. Пред неколку недели во Баварија се јави проблем и со тестовите на патници кои влегувале во земјата преку автопат. 

Баварското министерство за здравство соопшти дека причината за застојот бил технички проблем кај „Еколог“, кој во меѓувреме е надминат. Сега, обработката на тестовите тече без проблеми, тврдат баварските власти, а патниците ги добиваат резултатите од тестовите во рок од 30 до 48 часа.

Фирмата „Еколог“ во повеќе наврати предизвикуваше контроверзи во германската јавност. Досега фирмата беше позната како логистичар на воените трупи на НАТО во Косово, Авганистан и Ирак. Германските власти во неколку наврати спроведуваа внатрешни истраги поради договори, најчесто со директна спогодба, потпишани со Еколог од страна на министерството за одбрана, но не пронајдоа неправилности. Сопственици на „Еколог“ се членови на семејството Дестани, по потекло од Тетово.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема