1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупцијата ја загрозува демократијата

Мирјам Герке /миа/макфакс/ Елизабета М. Фиданоска10 јули 2013

Корупцијата е проблем во цел свет. Како особено подложни на корупција важат политичките партии и администрацијата. Експертите зборуваат за опасност за демократијата.

https://p.dw.com/p/194pc
Фотографија: Fotolia/Natalia D.

Организацијата Транспаренси Интернешнл ја дефинира корупцијата како „злоупотреба на доверената власт за приватни цели или стекнување предност“. Глобалниот барометар за корупција претставен вчера (09.07) документира дека на корупцијата во политиката, економијата и јавната управа во светот се гледа како на се‘ поголем проблем. Истражувањето во 107 земји покажува колку се чувствува корупцијата во одделни сектори. Повеќе од половината луѓе во светот веруваат дека корупцијата во изминатите две години се зголемила. Од испитаните, 27 проценти рекле дека во текот на изминатата година платиле мито на вработени во управата или во полицијата. Во меѓународни рамки, како најкорумпирани се доживуваат политичките партии.

Германија е далеку над просекот. Во земјата 57 проценти испитаници веруваат дека корупцијата е зголемена. Тоа е „впечатливо“ затоа што „Германците порано сметаа дека корупцијата не игра голема улога во земјата, туку дека нејзе ја има пред се‘ во далечните земји“, вели за ДВ Еда Милер, претседател на Транспаренси Интернешнл.

Медиумите имаат лош имиџ

На скалата од еден (нема корупција) до пет (многу корумпирани) Германците ги оценуваат политичките партии со 3,8, приватното стопанство со 3,7, а медиумите со 3,6. Последното е изненадување за Еда Милер: „Медиумите ни се потребни за да ја заостриме свеста за проблемот. Тоа што сега и самите се под сомневање дека не се независни и дека дејствуваат на коруптивен начин, е ново.“ Милер нагласува дека се‘ повеќе мали весници стануваат зависни од рекламите и огласите на клиентите, а од друга страна не се прикажува транспарентно како се трошат парите од радиодифузната такса во Германија.

Transparency International Logo

Германското здружение на новинари (ДЈВ) зборува за „аларм“. Претседателот на ДЈВ Михаел Конкен оценува: „Веродостојноста е највисокото добро на весниците, списанијата, радиото, телевизијата и онлајн-порталите. Ако луѓето веќе не им веруваат на медиумите, крајно време е да се стори нешто против тоа.“

Политиката губи на веродостојност

Edda Müller
Еда МилерФотографија: picture-alliance/dpa

„Разорен“, според Еда Милер, која по професија е политиколог, е и лошиот имиџ на политичките партии, кои во блогален просек се оценети со 3,8. „При сите можности за директно влијание преку социјалните медиуми и другите директни демократски методи, потребни ни се институции кои ќе ја организираат политиката и градењето на јавното мислење.„ Политичките партии како посредници меѓу граѓаните и политичкиот процес се незаменливи. „Ако се дискретидитираат на ваков начин, тогаш тоа е опасен развој за демократијата.“

Конвенција на ОН против корупција

ОН пред десет години донесоа конвенција против корупцијата со цел да се спречи секаква форма на политички поткуп и манипулирање во јавниот и приватниот сектор. Правилата важат како за службениците, така и за пратениците. Конвенцијата е веќе ратификувана од 161 држава во светот. Германија е меѓу земјите кои веќе 10 години даваат отпор на ваквите правила. Еда Милер нагласува дека е „неподносливо тоа што партиите застапени во Бундестагот не можат да постигнат и натаму согласност за заострување на казните за поткуп на пратеници и со тоа спречуваат да се спроведе Конвенцијата против корупција на ОН“.

Symbolbild Geldgeschenk
Поткупувањето е широко распространетоФотографија: picture-alliance/dpa

Меѓу малкуте земји во кои луѓето сметаат дека има помалку корупција од порано, се врбојуваат на пример Белгија, Фиџи островите, Руанда, Судан и Јужен Судан, Тајван, Србија, Камбоџа, Грузија и Филипини. Рецепт нема, но извештајот на Транспаренси Интернешнл покажува дека „реформите се оценуваат позитивно од страна на граѓаните, така што трендот се менува“. Заклучокот на Милер е дека „проблематичните ситуациии може да се променат на подобро доколку се преземаат ефикасни мерки и се покаже солиден политички ангажман против корупцијата“.

Македонија - 17 отсто граѓани дале поткуп

Во Македонија, во однос на перцепцијата за корупција на институциите, најлошо стојат политичките партии, судството, јавната администрација и полицијата, покажа најновиот Барометар на глобалната корупција за 2013, а Македонија се вбројува во друштво на Кипар, Ерменија, Летонија, Чешка, Косово, Романија, Шри Ланка, Судан, Тајланд и Тунис. Вкупно 17 отсто од анкетираните во земјава се изјасниле дека дале поткуп, а од нив 19 отсто велат дека имале искуство со давање поткуп во полиција, 16 во судството, 13 во здравството и 10 отсто во образованието. Споредбено со регионот Македонија се наоѓа некаде на средината. Слаѓана Тасева, претставник на Транспаренси Интернешнл, на прес-конференција во Скопје рече дека е убав податокот што стапката на поткуп во Македонија, во споредба со претходното истражување, се намалила за 4 проценти. Според Тасева, во Македонија политиката има големо влијание во секојдневното работење на институциите и во секојдневниот живот на граѓаните. „Ниту може некој да се вработи, ниту некој може да добие тендер, ниту може некој да смета на каква било промоција или работење без да биде поврзан со политичката партија“, вели Тасева.

Korrupte Justiz
Судството се перцепира како корумпираноФотографија: Fotolia/vician_petar