1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Долг пат до единство

Ангелина Вербица/Б. Георгиевски6 ноември 2013

Локалните избори во Косово требаше да бидат чекор напред. За првпат по независноста на нив требаше да учествува и српското малцинство. Но по насилството на северот, јасно е дека земјата ја чека долг пат до стабилизирање.

https://p.dw.com/p/1ACqJ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Српскиот и косовскиот премиер Ивица Дачиќ и Хашим Тачи денеска во Брисел ќе разговараат за локалните избори во Косово, а на состанокот ќе присуствува и високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон и заменик-премиерот Александар Вучиќ.

„Ќе разговараат за добрите и лошите работи кои се случија за време на изборниот процес, како и за вториот круг, кој е закажан за 1 декември, изјави Маја Коцијанчич, портпаролка на Ештон.

Локалните избор, чиј прв круг се одржа викендов, требаше да бидат првите избори во независно Косово на кои учество земаа и Србите од северот на земјата. Со години наназад, Србите на северот беа поддржувани од официјален Белград, но тоа, делумно, се промени последните месеци. Новата влада во Белград направи обид за нормализација на односите со Приштина, и за намалување на влијанието врз своето малцинство, сето во рамките на процесот кој го водеше ЕУ.

Косовската влада се надеваше дека со поддршка од Белград ќе успее да го интегрира северот на земјата.

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Кетрин Ештон, Ивица Дачиќ и Хашим ТачиФотографија: European External Action Service

Таквиот план, засега, не се реализира. По насилствата на локалните избори и искршените гласачки кутии во Митровица, валидноста на изборите е во прашање.

Насилниците се‘ уште се непознати. Според некои извештаи во српските медиуми, можно е сторителите да се од редовите на ултра-националистичката организација Образ. Се шпекулира и со инволвираноста на организираниот криминал.

„Можно е криминалци и шверцери кои профитираат од беззаконието во тој дел од земјата, да учествувале во насилствата“, смета Андреас Ернст, експерт за Балканот и дописник на швајцарскиот „Ноје цирхер цајтунг“ од регионот.

Она што е јасно, смета Душан Рељиќ од Германскиот Институт за безбедност од Берлин, е дека насилните сакаа да го запрат помирувањето меѓу владите во Белград и Приштина.

„Тешко е да се впери прстот кон лицата одговорни за насилствата. Со оглед на тоа што насилствата доведоа до низок одзив, а интересот на српските националисти не беше да ги спречат Србите да гласаат“.

Кому да се верува?

Во секој случај, излезноста во српските општини на северот на земјата беше многу мала. Повеќе од 80 отсто од регистрираните гласачи не се појавија на гласањето. Една од причините е и драматичната промена на политиката на Белград.

Dusan Reljic
Душан РељиќФотографија: DW

„Со години оние кои денес промовираат помирување и добрососедски односи, премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ, се залагаа токму за спротивното. Во очите на многумина, ваквата промена во ставовите ги делегитимира овие политичари“, смета Рељиќ.

За да дојде до вистинско помирување, мора да се убеди локалното население во исправноста на таквата политика, смета Ернст, а одлуките не смеат да се носат без нивна согласност.

„Во таа смисла, политичката култура во Белград и Приштина делува слично. На изградбата на нацијата се гледа како на процес кој оди од горе надолу“, вели Ернст.

„Но тоа не може да функционира. Државната легитимност поаѓа од граѓаните, значи од доле. Затоа беше грешка тоа што Србите од северот не беа вклучени во преговорите во Брисел“, заклучува новинарот.

За разлика од северот, Србите од останатите делови на Косово излегоа во релативно големи бројки на изборите, а гласањето се одвиваше без проблеми.