1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово – културното гето на Европа

Рајна Бројер / Александар Методијев15 ноември 2012

Во природата на уметноста е да се надминуваат границите, како општествените, така и географските. За уметниците вторите се сепак непремостливи. Нивното оружје против оваа физичка изолација е уметноста.

https://p.dw.com/p/16joc
Фотографија: DW/R. Breuer

Неговата канцеларија е лоцирана на споредна уличка недалеку од центарот на градот. Тоа е една мала соба во подрум, прозорецот во подрумот речиси и да не пропушта светлина, а вентилатор го разладува топлиот воздух. Насекаде има големи плакати, фотографии и магазини. Резеарт Галица е графички дизајнер, има 31 година и живее и работи во Приштина. Тој во неговата татковина стана познат со плакатите со едноставни, но остри слогани. Негови протагонисти се меѓународните организации во земјата, а неговата порака е дека тие имаат политички неуспех.

Културен протест

Rrezeart Galica
Резеарт ГалицаФотографија: DW/R. Breuer

Тој го покажува проспектот кој беше креиран специјално за неговата изложба во Берлин на почетокот од годината.

„Тоа е плакат со изразот 'No more’ (Повеќе не). Овие букви ги направив од 39 визи. Затоа им се јавив на познаници и пријатели и ги замолив да ги скенираат визите и да ми ги испратат“, објаснува Галица.

На одредени места тој го има ставено и зборот „rejected“ („одбиено“). Тој стои таму за сите оние кои немале среќа.

„Со ова дело сакам да покажам колку сме изолирани од остатокот на светот и дека сакаме слободно да патуваме кон Европа“, додава косовскиот уметник.

„No more“ е дело родено од гнев и сопствено искуство. Пред една година галерија во Франција сакала да изложи некои од неговите дела. Се’ било организирано – летот, хотелот, плакатите биле испечатени, а Галица напишал и поздравен говор. Но, неговото барање за виза било одбиено.

Политичка реалност

„Млади Европејци“ – така звучи официјалниот рекламен слоган на Косово. Земјата во секој случај е млада. Пред речиси пет години Косово ја прогласи својата независност од Србија. Но, луѓето во ниту еден случај не се чувствуваат како дел од Европа. Се’ уште пет земји членки на ЕУ официјално не ја признаваат земјата. Меѓународно, на пример, Јужен Судан, кој независноста ја прогласи минатата година, е признаен од повеќе земји отколку што е Косово.

Die Rückkehr (Film)
Фотографија од филмот „Повраток“Фотографија: Blerta Zeqiri

На сите останати земји од Југоисточна Европа им беше дадена визна либерализација. Преговорите за визната либерализација Брисел и Приштина ги започнаа оваа година. Одговорната еврокомесарка во јуни годинава го претстави патоказот со задачи за владата во Приштина – реформи во борбата со организираниот криминал и корупција, зајакнување на основните права, заштита на податоците, а тоа се само некои од условите за олеснет визен режим.

Културно-политичка независност

„Многу е фрустрирачки кога доаѓате од Косово и сакате да му припаѓате на светот. Ти си изолиран и не се чустуваш како дел од целината и светот ти става до знаење дека ти не припаѓаш тука. Тоа е секогаш така кога ќе покажеш желба да станеш граѓанин на светот“, вели Блерта Зеќири.

Таа е млада режисерка и со своите филмови стана позната и надвор од границите на Косово. Нејзиниот последен филм „Повраток“ раскажува приказна за еден човек кој исчезнал за време на војната во Косово и по четири години бил вратен во семејството од српски затвор.

Blerta Zeqiri
Блерта ЗеќириФотографија: Fadil Berisha

Филмот беше голем успех за Блерта и на меѓународната сцена. Таа го претстави филмот на Суданскиот филмски фестивал, како и во Лондон. Но, и таа е ограничена во можноста за патување.

„Наскоро би требала да патувам кон Канада, но не можам. Претставувањето беше одложено, а кога ќе ја добијам визата, фестивалот веќе ќе биде завршен“, објаснува косовската режисерка. Во моментов филмот се прикажува низ целиот свет, но авторката вели дека нема логика да се вадат визи за сите земји. Освен тоа, има и земји кои не го признаваат Косово. „Сакав да посетам фестивал во Русија, но тоа не беше можно, бидејќи јас сум од Косово, а Русија не го признава Косово. Тоа е штета“, додава Блерта.

Сопствена рефлексија

Блерта, за разлика од Резеарт, не ги обвинува само меѓународните организации за изолацијата. Таа е целосно свесна дека Косово не ги исполнува стандардите и барањата и дека постојат бројни проблеми кои треба да се решат. „Имаме закони, ама тие не се применуваат“, нагласува косовската режисерка.

Спротивно на неа, Резеарт не се чувствува непријатно да ја критикува меѓународната заедница за проблемите на Косово.

„Ова дело носи наслов ’ЕУСЕКС’ и е пародија на кратенката од мисијата на ЕУ на Косово ’ЕУЛЕКС’, чија работа на Косово, според мое мислење, е неуспешна. Единствената работа што ’меѓународната’ ја промовираше, откако тие се тука, е проституцијата во земјата“, нагласува Резеарт.

Пред неколку недели владата во Приштина и’ претстави на Европската комисија извештај за моменталната состојба со примената на неопходните мерки за визна либерализација. Документот не е достапен за јавноста, но експертите проценуваат дека за визното ослободување ќе бидат потребни уште неколку години.