1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Национализам, радикалност, фрустрираност

12 јуни 2017

По изборите во Косово, има двајца победници, обата националистички. Оттаму, формирање заедничка влада е малку веројатно. На сиромашната европска земја ѝ претстојат немирни времиња, коментира Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/2eX8I
Kosovo Parlamentswahlen
Фотографија: Reuters/H. Reka

Таква е реалноста на Косово, му се допаѓа ли тоа некому или не: националистичка, радикална, фрустрирана. Резултатот од парламентарните избори во Косово јасно покажува каква е актуелната позиција на општеството, каде го стега чевелот и што треба итно да се случи. Тивкото мнозинство од околу 60 проценти граѓани не излезе на гласање. Тоа е фрустрираното население кое сѐ помалку верува во трамсформациската сила на демократијата и во политичките елити. А сѐ поголем број од оние кои одат на избори, гласа националистички и радикално. На таков потенцијал сметаат добро организираните структури на Косово - оние кои победуваат на изборите: партии и коалиции кои не се подготвени на компромиси. По овие избори, политичкиот тон уште појасно од било кога ќе го одредуваат бившите команданти од ОВК. Околу 34 проценти од гласовите доби сојузот на т.н. „Воени партии“, предводен од Рамуш Харадинај. Тој веројатно ќе биде новиот премиер. Притоа, изборниот сојуз ПАН од некогашните политички противници, во кој се три партии - наследнички на ОВК, во својот збир не донесе нешто многу. Добра третина од избирачите веќе со години ја сочинуваат верните следбеници на воената генерација. Со Харадинај како премиер и Хашим Тачи како претседател, наскоро можеби на највисоки функции во младата држава ќе бидат бивши команданти на УЧК.

Дамокловиот меч на Трибуналот за воени злосторства

Но, таа привидна сила не може да го сврти вниманието од фактот дека главните политичари на овој изборен сојуз можеби наскоро ќе се најдат на обвинителна клупа на новиот косовски Трибунал за воени злосторства. Дамокловиот меч на овој Трибунал непрекинато виси над структурите кои ја наследија ОВК. Ако против највисоките плитичари бидат подигнати обвиненија, нивните следбеници би можеле брзо да организираат манифестации на солидарност, па и безредија. Нема шега со новиот сојуз на старите воени херои, што со полно право ги загрижува меѓународните обвинители.

Со Харадинај како премиер, ќе биде тешко да се води и онака проблематичниот дијалог меѓу Белград и Приштина, првенствено околу подобрувањето на положбата на српското малцинство. Белград бара израчување на Харадинај, кој тукушто излезе од притвор во францускиот град Колмар, каде беше врз основа на српски налог за апсење. Србија уште категорички одбива директен дијалог со него. Тука повторно ќе биде потребна голема спретност на меѓународната дипломатија. А бриселските медијатори повторно ќе мора да склопуваат трули компромиси со Белград и со Приштина, компромиси кои не се корисни за демократизацијата ни на Косово, ниту на Србија.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке

Двајца победници

Но, патот дотаму е долг: победникот на изборите нема толку брзо да може да формира владина коалиција. Зашто, двата блока од кои чисто математички, доволно е да се додаде само еден, се однесуваат инаетчиски. ЛДК како некогашен граѓански центар на косовското општество, освои нешто помалку од 26 проценти од гласовите. Тој во изминатите години секогаш беше партнер во коалициските влади со партии произлезени од УЧК. Овојпат, меѓутоа, тоа ќе оди тешко, зашто предвремените избори беа одржани поради длабоките поделби меѓу коалиционите партнери, меѓу другото, и поради спорот околу демаркацијата со Црна Гора. ЛДК уште одамна е само безбојна партија чија задача е обезбедување мнозинство за некого друг. Без појасен профил и силна личност на чело на партијата, таа нема да може да се надоврзе на славните времиња, кога ја предводеше Ибрахим Ругова.

Вистински победник на изборите и трендсетер е третиот блок - Самоопределување (Ветевендосја). Тоа е радикална опозициска партија и некогашно протестно движење кое сега речиси го удвои бројот на освоени гласови во однос на 2014. година. Станува збор за партија на младоста која се противи на естаблишментот, а одбива коалиција со победниците на изборите, зашто смета дека највисоките политичари од ПАН се корумпирани, криминални и дека местото им е зад решетки. Аљбин Курти, основач и шеф на Самоопределување, во предизборната кампања првпат демонстративно врза вратоврска, за имиџот на предизвикувач на безредија да го замени со слика на политички носител на надеж. Курти јасно укажува на проблемите на косовското повоено општество и објавува војна на корупцијата и непотизмот. Но, и покрај вратоврската, тој сѐуште е волк во јагнешка кожа. Тој бара да се гласа околу натамошното присуство на меѓународните мисии во Косово, но и околу можноста за присоединување кон Албанија. Тоа се теми кои и во регионот предизвикуваат загриженост. Во репертоарот на Самоопределување спаѓа и бојкот на работата на парламентот и фрлање солзавец за време на собраниските седници.

Неизвесна иднина

И ПАН и Самоопределување на улиците на косовските градови го славеа својот изборен успех самоуверено и еуфорично. Тие два блока во наредниот период ќе ја определуваат судбината на Косово. Останатите партии, па и етничките малцинства застапени во парламентот, зашто така пропишува косовскиот устав, ќе имаат неважна улога.

Предизвиците за политичарите на Косово се огромни: каталогот услови за приближување кон ЕУ е долг, а целта наречена визна либерализација ќе може да се оствари само во функционално опкружување. Меѓународната заедница, присутна на Косово во вид на една воена (КФОР) и една цивилна мисија (Еулекс), инсистира пред сѐ на напредок во соживотот со српското малцинство дијалог со Белград, разграничување со Црна Гора, борба против организираниот криминал. Во последните години таа таму прокоцка голем дел од кредибилитетот и изгуби влијание, меѓу другото и поради тоа што не се подобри перспективата за пристап кон ЕУ, заедно со отворените статусни прашања. Тоа ПАН и Самоопределување добро го знаат и секогаш можат да ги разгоруваат стравовите и незадоволствата кај мнозинското албанско население. Победниците на изборите, Харадинај и Курти, сносат главна одговорност за натамошниот мирен и демократски развој на Косово.