1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Протерани во сиромаштија

Ајете Беќирај / Елизабета Милошевска Фиданоска16 април 2012

Секоја година стотици деца и млади кои израснале во Германија се протеруваат во Косово. Новата студија на УНИЦЕФ покажува дека тие млади често потоа се соочени со тешки психички проблеми.

https://p.dw.com/p/14eTm
Фотографија: AP

Населбата тоне во ѓубре, купишта отпад се палат на улица. Сиромашниот кварт во Пеќ треба да биде новиот дом на Ардиан Цанај. 20-годишниот Ардиан е роден и израснат во Германија, но пред седум месеци бил протеран во татковината на неговите родители: „Во Германија одев на училиште, но со тоа е завршено. Овде мора да работам за да си ја платам станарината“, објаснува Ардиан Цанај. Тој заработува 100 евра месечно, а само за станарината му се потребни 120 евра. „Овде се чувствувам навистина лошо, немам ниту семејство, ниту пак некој што ми е близок. Овде нема иднина за мене“, вели младиот човек.

Шкељзен Рама, 52-годишник од населбата каде што сега живее Ардиан, често е сведок на проблемите со кои се соочуваат протераните деца и млади: „Тие не можат да се интегрираат во нашето општество. Кој се родил и израснал во Германија често зборува многу малку албански“. И разликите во животниот стандард се често непремостливи: „Нашите деца се задоволни со парче леб и пиперка, но што можеме да им понудиме на младите луѓе кои израснале на Запад и се навикнати на пица и сладолед?“

Unicef Kosovo Kinder
Ардиан ЦанајФотографија: DW

Сиромаштија и дискриминација

Косово е најсиромашната земја во Европа, со стапка на невработеност од 40 проценти. Но драматичната состојба на Ардиан уште повеќе е влошена и поради етничката припадност. Тој имено им припаѓа на таканаречените косовски Египќани. Исто како и Ромите и Ашкалите, и Египќаните со потценување се нарекувани „цигани“ од страна на Србите и Албанците, но косовските Египќани велат дека имаат египетски корени, а групата на Ашкалите се повикува на своите персиски корени. Непосредно по војната, припадниците на сите три групи беа протерувани од страна на Албанците, затоа што им се префрлаше дека соработувале со Србите. Ваквите обвинувања до денес водат кон случаи на дискриминација на Ромите, Ашкалите и на косовските Египќани.

Unicef Kosovo Kinder
Арбен РамаФотографија: DW

Сепак, Германија од 2009 година смее да ги протерува Косовците. Во 2010 година министерот за внатрешни работи Томас де Мезие потпиша договор за репатријација со Косово, кој е основа за на Балканот да бидат вратени околу 12.000 припадници на малцинства. Меѓу нив, околу 6.000 се деца и млади од етничките групи Роми, Ашкали и косовски Египќани. Косово важи за безбедна земја. УНИЦЕФ сега бара децата и младите да не се протеруваат доколку тоа го загрозува нивното психичко и физичко здравје.

Секој четврти мисли на самоубиство

Студијата на УНИЦЕФ „Тивко страдање“, претставена на крајот на март во Берлин, покажува дека здравјето е речиси секогаш загрозено. „Младите често страдаат од депресии“, објаснува социологот Верена Кнаус од УНИЦЕФ. „Има деца кои се борат со стравови, кои дури имаат и конкретни планови за самоубиство - едно од четири лица сака да си го одземе животот“. За студијата на УНИЦЕФ биле анкетирани 164 деца и млади протерани од Германија и Австрија, како и 131 родител.

Unicef Kosovo Kinder
Фарук КељмендиФотографија: DW

За многу од нив протерувањето значи насилно одделување од семејството. Вакво болно искуство има и 28-годишниот Фарук Кељменди: „Кога дојдов на Косово не можев ништо да правам. Немав ниту работа, ниту стан и постојано бев сместуван во туѓи куќи“, вели младиот човек кој како осумгодишно дете дошол во Германија заедно со родителите.

Протерувањето уништува семејства

„Мојата сопруга на почетокот ме поддржуваше финансиски, но потоа се разделивме. Таа и натаму со нашата ќерка живее во Германија, а јас на Косово - оваа оддалеченост беше голем товар за нашата врска“. Сега Фарук Кељменди е сосема сам.

Беспарицата и целосната самотија се придружници на Ардиан Цанај од неговото протерување од Германија. „Се‘ би дал да се вратам во Германија“, вели 20-годишникот. Затоа што таму го има оставено целиот свој живот.