1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово: Харадинај, Хоти или Курти?

Бахри Цани
23 мај 2017

Косовските граѓани со многу тензии ги дочекуваат изборите на 11 јуни. Политичките играчи се поделија во три групи од кои една, извесно, ќе го даде новиот премиер. Можно е некој од пратениците по изборите да заврши во Хаг

https://p.dw.com/p/2dQNY
Symbolbild Kosovo Serbien Einigung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Засега само едно нешто е извесно: Косово по изборите на 11 јуни ќе добие нов премиер, откако досегашниот Иса Мустафа се откажа од кандидатурата. Најмоќната партија во Косово, Демократската партија на Косово (ДПК), која по изборот на Хашим Тачи на местото претседател ја презеде досегашниот претседателот на парламентот Кадри Весељи, на општо изненадување, буквално на половина час пред истекот на законскиот рок направи договор за предизборна коалиција со Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, со движењето Нисма на Фатмир Лимај и со десетина помали партии.
Јавноста уште повеќе ја изненади тоа што Весељи дигна раце од кандидатурата за премиер. Тој ќе ја предводи изборната листа, но кандидат за премиер е Рамуш Харадинај, кого Србија го обвинува за воени злосторства во текот и по косовската војна.

„Воен“ и „мировен“ блок

Весељи, Харадинај и Лимај на тој начин создадоа ткн. „воен блок“- тројцата се меѓу најпознатите лидери на ОВК. На прв поглед тоа е „природна коалиција“, но малкумина ја очекуваа доколку се земе предвид дека односите меѓу нив не се добри, ниту на професионално, ниту на приватно ниво. Но, очигледно е дека тројцата процениле дека на овој начин можат да освојат најмногу гласови и да го обезбедат мандатарот за состав на новата влада.
Другиот, колоквијално речено „мировен“ блок ја претставува коалицијата на партијата на Мустафа со партијата Алијанса Ново Косово, на еден од најбогатите Албанци, Беџет Пацоли. Мустафа му ја препушти премиерската кандидатура на досегашниот министер за финансии Авдулах Хоти. Аналитичарите велат дека најголемата препорака за Хоти- покрај докторската титула и неспорната стручност- е и тоа што е лојален следбеник на Мустафа.

Kosovo Präsident Hashim Thaci und Kadri Veseli
Кадри Весељи и Хашим ТачиФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Курти оди сам

Третиот кандидат за премиер е лидерот на движењето Самоопределување Албин Курти, познат по ангажманот за обединување на Косово и Албанија. Партијата водеше интензивни преговори и со ДСК, но и со партијата на Пацоли за предизборна коалиција, но наводно, апетитите на Курти биле превисоки за потенцијалните коалициски партнери.
Речиси е извесно дека еден од споменатата тројка- Харадинај, Хоти, Курти, ќе стане премиер. Косовскиот парламент брои 120 места за кои се натпреваруваат пет коалиции, 19 политички партии и две граѓански иницијативи.
Косовскиот Устав предвидува и ткн. позитивна дискриминација која на малцинствата им гарантира најмалку 20 пратенички мандати- десет за Србите и десет за останатите малцинства. Српските партии се поделени како никогаш досега и кај нив ќе се води жестока битка за секој глас. Косовскиот Устав предвидува и дека претставниците на малцинствата мора да бидат претставени и во владата.

Vorsitzender des kosovarische Partei Albin Kurti
Албин Курти не се откажува од проектот Голема АлбанијаФотографија: Shpresim.M.Shala

Население- 1,7 милиони, гласачи- 1,9 милиони

Претставниците на меѓународната заедница бараа на листите да нема лица кои се вмешани во корупција и криминал. Најдоследна во исполнувањето на тоа барање беше ДПК. Воочливо е дека на партиските листи недостасуваат имињата на некои лица за кои се шират гласини дека би можеле да бидат на листата на Специјалниот суд за воени злосторства, кој годинава во Хаг треба да ги објави првите обвиненија. Меѓу кандидатите за пратеници не се Агим Чеку, Азем Суља, Шукри Буја и други. Сепак, меѓу видните носители останаа Харадинај, Весељи и Лимај.
Притоа, изборните листи досега воопшто не се прочистени. Косово, официјално има 1,7 милиони жители, но и 1,9 милиони гласачи! Во Централната изборна комисија велат дека на листите останале многу граѓани кои живеат во странство, но и отселени Срби.
Предизборните коалиции и жестоката битка за власт предизвикуваат голем интерес за изборите. Извесно е дека Косово ќе добие нов премиер, но предизвиците и проблемите остануваат: тешка економска состојба, демаркација на границата со Црна Гора, создавање на Заедницата на српските општини, дијалог со Белград, израчување на обвинетите за воени злосторства, борба против корупцијата и криминалот...