1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косовскиот премиер поднесе оставка

2 март 2006

Неговата постапка ја следеше и целата влада, а раководството на коалиционата ЛДК побара од Претедателот на Парламентот Неџат Даци да се повлече од функцијата.

https://p.dw.com/p/Ac8V
И покрај владината криза обезбеден континуитет на преговорите за статусот во Виена
И покрај владината криза обезбеден континуитет на преговорите за статусот во ВиенаФотографија: AP

Премиерот Косуми ја образложи оставката со фактот дека не е понатаму во состојба да го обезбеди неопходното единство на владината коалиција што се состои од неговата Алијанса за иднината на Косово и Демократската Лига на Косово:

„Со оглед на можноста косовската влада да го загуби мнозинството во Парламентот и за да овозможам во Косово да се создадат нови политички сили кои ќе бидат во состојба да ги продолжат политичките процеси заедно со нашите меѓународни пријатели, сметам дека е неопходно и во склад со Уставот на Косово да поднесам оставка на премиерската функција!„

Зад оставката на Косуми се крие повеќемесечното натегање меѓу партиите на владината коалиција околу поделбата на функциите во министерствата за внатрешни работи и правда. Зелено светло за именување министри на овие две клучни позиции даде шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен уште на почетокот на септември. ЛДК на поранешниот Претесдател Ибрахим Ругова до неодамна инсистираше обете министерски места да и‘ припаднат нејзе, а дури неодамна изрази подготвеност да го отстапи министерството за правда.

Партијата на Косуми, Алијансата за иднината на Косово, веќе го именува како кандидат за иден премиер Агим Чеку, досегашниот комендант на Заштитниот корпус на Косово. А заменик премиер ќе биде најверојатно Лутфи Хазири, досегашниот министер за локална власт, кој ги води во Виена и преговорите за децентрализација. Со оглед на тоа би требало да биде обезбеден континуитет во преговорите и покрај владината криза. Посредникот на ОН во преговорите за конечниот статус, Марти Ахтисари, манифестираше оптимизам.

„Не гледам дека може да има какви и да е негативни последици врз процесите што ги поттикнуваме од Виена!„

И Претседателот на Косово Фатмир Сејдиу оцени дека оставката на владата нема да има негативно влијание врз преговорите околу статусот:

„Тоа е дел од еден нормален процес и ние ќе соработуваме со сите фактори за да обезбедиме скорешна консолидација.„

Партиското раководство на ЛДК во истовреме побара од Претседателот на Парламентот Неџат Даци да се повлече од функцијата и на негово место го номинира актуелниот заменик претседател на партијата Коле Бериша, кој од смртта на Ибрахим Ругова е вршител на должноста партиски претседател.