1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кохабитација нема

Александар Чомовски14 јуни 2007

Ривалството на Бранко Цвенковски и Никола Груевски ги блокира амбасадорските смени, изборите во Републичкиот судски совет и дел од армиските реформи.

https://p.dw.com/p/Awd8
Зошто комуникацијата “шкрипи“?

Претседателот и премиерот никако да остварат нормална политичка комуникација. И последната средба беше фијаско на дијалогот Црвенковски-Груевски. Во реализацијата на НАТО приоритетите – реформи во одбраната, армијата, судството, надворешно-политичките задачи, двајцата имаат поделена надлежност и взаемна одговорност. Но, личностите на двете врвни функции не можат, не сакаат или не умеат да кохабитираат, вели еден од најискусните активни политичари, Стојан Андов. Тој сугерира претседателот Црвенковски да не ја презема улогата на опозиционер на власта. Екс-премиерот Владо Бучковски, иако од иста социјалдемократска матрица, со актуелниот шеф на државата имаше проблеми во комуникацијата, но и во ривалските лидерски аспирации со Црвенковски: “Реално имаме судар не само на две политички опции, туку и судар на суети. Кога се‘ почна не знам. Веројатно Црвенковски најдобро знае. Беше искористен за Груевски да го добие мандатот, беше искористен за да биде вратен амбасадорот Јордановски, но тоа не беше доволно.“

Експертите проценуваат дека дел од проблемите во кохабитацијата се и во недоволната поделеност и прецизност на уставното разграничување на надлежностите меѓу претседателот и премиерот. Универзитетскиот професор, Саво Климовски оценува: “Ако имаме јак претседателски систем, како што по легитимитетот го имаме сега, тогаш претседателот на Републиката ќе треба да има и соодветни функции. Тоа во овој момент го нема и затоа се создаваат проблеми. Ако, пак, сакаме да ја јакнеме парламентарната демократија, собранието и односите внатре, во тој случај имаме сосема друг модел.“

И професор Димитар Мирчев вели дека Црвенковски и Груевски пред НАТО приоритетите мора да го надминат ривалството на суети. Во интерес на државата е тие односи да бидат функционални и да даваат ефекти. Вака мислам дека пречат и на процесот на евроинтеграција, пречат во нашата дипломатска акција и надворешна политика.“

Вчерашниот обид Груевски да му реферира на Црвенковски за пораките од Тирана на американскиот претседател Буш, пропаднаа како шанса за нормална политичка комуникација. Премиерот јавно по средбата го критикуваше Црвенковски и од него побара да се справи со опозицијата во парламентот, која наводно е под негова контрола, како што тврди владината коалиција. Шефот на државата експресно одговори: “Премиерот не го познава уставот.“ Резултат – не може да се докомплетира Републичкиот судски совет, зашто не се прифаќаат и двајцата кандидати што ги предлага претседателот на Македонија.